Ова е опис на една катна гаража во Скопје

21.03.2023 10:45
Ова е опис на една катна гаража во Скопје

Вода капе во еднакви интервали.
Вирчиња мали, средни и големи.
Мислам дека гледам почеток на развивање на сталактити и сталагмити.
Пирка ветер.
По ќошовите и краевите ситни ѓубренца на мали купчиња.
Згужвани кутии од цигари, хартивчиња од мастики, згужвани хартии од бурек и сендвичи, пикавци, милион пикавци, пластични шишенца.
Мало шише ми се тркала до нозете.
Ќе си го продолжи патот онолку колку што ќе му дозволи ветрот. Ќе заврши во некој ќош пошто канта за ѓубре нема.
Прашина, многу прашина.
Морничава квази тишина.
Каде и да се свртиш се гледаат градилишта. Висината на која што стојам изгледа уште пострашно пошто гледам кратери од градилишта.
Тргнувам кон лифтот. Не работи. Тргнувам кон скалите. Нема светло. Тргнувам надолу по рампите. Шкрипат гуми од коли. Автоматите за самонаплата не работат.
Прашина на шалтерчето неизбришана со години. Изгледа сериозно работат на случајот во иднина да бидат вреден археолошки локалитет.
Ова е опис на една катна гаража во Скопје.
Со мали разлики сите се исти. За сите е заедничко дека нема корпи за ѓубре. Метла не виделе од кога се изградени. Ни наплатните куќички крпа за прашина не виделе од кога се изградени.
Ама важно се наплаќа.
Дебело се наплаќа.

ОкоБоли главаВицФото