Осуммина затвореници од „Идризово“ копале тунел за бегство долг 40 метри

22.03.2023 11:07
Осуммина затвореници од „Идризово“ копале тунел за бегство долг 40 метри

Група од најмалку осум осудени лица кои издржуваат казна затвор во Казнено-поправниот дом „Идризово“ подготвувале бегство од затворот со копање на тунел, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за осудени лица за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор.

Во текот на денешниот ден МВР, Бирото за јавна безбедност, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Агенцијата за национална безбедност го спречиле планираното организирано бегство од затворот.

„По доставувањето на сознанијата до Управата за извршување на санкции, од нивна страна се извршени проверки на местото кое беше посочено како потенцијален тунел. Беше утврдено дека постои ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение. Локацијата е во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу еден метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули“, велат од МВР.

Од МВР додаваат дека во тунелот биле пронајдени повеќе пластични корпи на кои биле врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот. Од полицијата најавуваат дека во координација со надлежното јавно обвинителство се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот.

Денеска, пак, премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека на владина седница разрешен бил директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, а на негово место е назначен Зоран Јовановски. Ова разрешување доаѓа откако партијата на Тахири, Алтернатива, ја напушти владината коалиција.

„Донесовме одлука за именување в.д. директор на КПД ‘Идризово’. Досегашниот директор беше разрешен, а за нов директор на затворот на мој предлог е именуван генерал-мајор Зоран Јовановски. Тој има богата професионална кариера, пред сè, во МВР. Во текот на својата професионална кариера поминал обуки во полициска академија во Луизијана, потоа обуки во Германија, во САД, Северна Ирска, Турција, Англија“, изјави Ковачевски.

 Извор: https://meta.mk/