1016 hPa
57 %
24 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 21:59
Поезија, тој чир што се шири низ грлото.
Поезија, тој орел што ти го чисти черепот.
Поезија, таа коцкарска игра во која го губиш разумот.
Поезија, таа задача како да се ослободиш од реалноста.
Поезија, тој молк во кој заемно се убиваат мртвите.
Поезија, тој цвет-месојадец со дречливи бои.
Поезија, таа сестра што ти спие под кожата.
Поезија, тие неправди нанесени на најблагите нешта.
Поезија, таа мешаница од длабочините на нежноста.
Поезија, твоето одбивање на видливото кралство.
Поезија, тој отров што ти го внесува сомневањето.
Поезија, таа градина полна со луди дрвја.
Поезија, твојата лекција што те учи на неучење.
Поезија твоето враќање во родниот океан.
Поезија, твојата среќа да бидеш некој што е различен од тебе.
Препев: Влада Урошевиќ