Од кројачката работилница на Дубравка

22.03.2023 16:16
Од кројачката работилница на Дубравка

 

Ако најдобрите писатели на рускиот реализам, како што тврдеше Достоевски, излегле „од мантилот на Гогољ“, нема да згрешам ако кажам дека од кројачката работилница на Дубравка излегле најдобрите современи писателки на територијата на поранешна Југославија. Згора на тоа, од таа кројачка работилница излегоа и многу читатели и читателки на кои книгите на Дубравка Угрешиќ формативно им го одредија односот кон литературата.

***

Извонредна книжевна шивачка и мајсторка за раскажување. Пријателка на губитниците, отпадниците и сонувачите, отфрлените, прогонетите и мигрантите. Партнерка на Олешин и Пилњак. Љубителка на бањи, термални бањи и топли извори. Баба Јага и мојата омилена вештерка. Лисица и измамничка. Основачка на „Црвеното училиште“. Страшна носталгичарка. Писател без нарилник. Прекрасна гостинка која го расипува расположението на евтините караоке забави. Првенка во персифлажа и рециклирање. Љубителка на стари филмови и најпрониклива критичарка на современите феномени. Кој друг? Таа која сама си ја заработи метлата. Таа која на жените им даде книжевен глас и им овозможи да се препознаат себеси во книжевната приказна. Таа која остана доследна на својата „недеформирана оптика“ и која, после сè, не дозволи да биде поткупена со награди и пофалби. Таа која го помнеше она што беше наредено да се заборави во 1990-тите. Таа чие брзо око не можеше да пропушти никаков национализам и која вистински ја афирмираше литературата надвор од оковите на нацијата. Таа која имаше сила да не припаѓа на никого, за да може да биде блиска со сите што не сакаат да го мерат светот со кратки, конзервативни стандарди. Сето тоа и многу повеќе, сето тоа на безброј можни начини - беше Дубравка Угрешиќ.


***

Објавувањето на нејзината “Штефица Цвек во челустите на животот” во 1981 година означи револуција во локалната литература. Револуција не крвава и насилна, туку таква што на неа можеме и мораме да танцуваме. Револуција која ги направи различните женски искуства видливи и важни во литературата. Револуција која покажа дека иронијата, хуморот, пародијата и симнувањето на авторитетот се најефикасните средства против доминацијата, клишеата и идолопоклонството во животот и уметноста. Штефица, како што и самата напиша, „израснала од специфичен културен контекст“, од „репресија“, но „не онаа комунистичката“, туку „од времето на репресивниот машки литературен канон, кој денес е исто толку силен и цврст.“ Оттука Штефица беше нашата прва автентична хероина, несовршена и неуспешна, сентиментална и наивна, сошиена од нам толку познатите желби и разочарувања. Нашата необична тетка чии приказни за љубовните (не}успеси ја претставуваа афирмацијата на сите мали, женски и секојдневни приказни во нашата литература.

***

Со Штефица, Дубравка Угрешиќ ја развива својата единствена книжевна техника на рециклирање и уредување, техника на „крпеници”, која ја усовршува во нејзините подоцнежни романи. Сечење и распарување, комбинирање, вметнување и лепење на различни парчиња текст едно врз друго и едно до друго. Со овие стратегии таа го скрши линеарниот интегритет и опсесијата од конвенционалните литературни решенија, во време кое им робуваше на поделбите на високо и ниско, сериозно и тривијално. Така Штефица е скроена од шарените крпчиња на љубовните рото-романи, „кујнската литература“ и мелодраматичните, стереотипни мотиви кои во нејзината интерпретација ќе добијат сосема нови значења. Романот „Баба Јага снесе јајце” е исто така составен од уникатни крпчиња: духовити сцени од бањата со Бебе, Пупе и Кукле, митолошки и бајковити мотиви, бројаници и поговорки. А романот „Лисица” е пример за врвен кројачки занает, слобода на имагинација и креација; тој во исто време е и потрагата на писателот по приказна и самата приказна.


***
Освен што зборува за стареењето и женската солидарност, Баба Јага е и литературно супериорен одговор на авторката на она што таа самата го доживеала во 1990-ите. Крајна иронизација на сопствената позиција на вештерка и на позицијата на отфрленост, како и израз на генијалноста на писателката. А она што Дубравка Угрешиќ го проживеа подразбираше низа обвинувања за предавство и „маркетинг“ на нејзината татковина во светот, за југословенството и југоносталгијата како најопасни клетви во тоа време. Случајот „Вештерките од Рио“ не вклучуваше, како што често се мисли денес, само еден текст на неколку поединци кои во „Глобус“ палеа огнови за неподобните жени. Случајот опфаќаше многу повеќе од еден „истражувачки тим“ составен од угледни локални мажи: социолози, новинари, уредници. Имено, во него беа опфатени културните институции и нивните првенци (тогашниот ПЕН-центар, ДХК, рубриките за култура во весниците, државната телевизија), писатели, академици, довчерашни колеги и соседи на авторката, а во тоа хајкашко друштво кое спремно фрлаше дрвца, се најдоа и неколку жени: новинарки и уреднички.

Обвинувањата за национално предавство се секогаш колективна работа, тие можат да се случат само во системски болно општество, а Дубравка Угрешиќ на своја кожа искусила што носи таа болест. Нејзините есеи од книгата „Култура на лагата” - почнувајќи од „Чистиот хрватски воздух“, во кој пишуваше за прочистувањето на хрватската култура и поради кој есента 1992 година беше покрената потера по неа, до разорното „Прашања на оптиката “ - сведочат за едно оловно време и колективни ритуали на егзорцирање на оние кои размислуваат со своја глава. „Збеснати сонародници“, напиша тогаш таа, ја прогласија за „лажга, предавничка на татковината, непријателка на народот и вештерка“, едноставно „ја потпалија кладата“ и „авторката, изгорена во сопствената татковина, продолжи да живее во егзил“. Во контекст во кој конформизмот, прилагодувањето и тишината беа широко распространети норми на однесување, Дубравка Угрешиќ одби да биде она што другите го очекуваа од неа. Потоа гласно се „отпиша“ од хрватската литература, на писателите преку весниците им посака „добра ноќ“ и сама одлета во новиот, за неа, подобар свет.


***

Егзилот ѝ донесе на Дубравка Угрешиќ немир и осаменост, потреба да се сеќава и да се навраќа наназад, а за оваа носталгија, раселувањето и распрснувањето на луѓето во егзил, кои собираат скапоцени камења и ситници од својот идентитет (сама се нарекува писателка-собирачка на камчиња), таа пишува во своите романи „Министерство за болка” и „Музејот на безусловното предавање", можеби најдобрите локални романи за искуството на бездомноста. Сепак, годините на егзил донесоа нови теми и нови перспективи во нејзиното пишување, поетско ослободување, како и можност за поврзување со нови читатели и вистинско отповикување на стегите на крутите книжевни географии. Светот стана нејзин дом, а таа, како што самата кажа во разговорот во книгата „Нарилник за вештерки“, не се чувствувала „изгубена во преводот, туку ослободена во преводот“. Никој кај нас, а колку што ми е познато и пошироко, во европската литература, нема пишувано со таква проникливост и разбирање за современите миграции, за корозиите на карактерот, губењето на човечноста и трансформациите на современоста, како што тоа го прави Дубравка Угрешиќ во нејзините есеистички ремек-дела „Европа во сепија” и „Напад на мини-барот”.

***

Искуството на заминување од својот град, животот во странство и борбата за свое место во книжевниот свет во кој зад неа не застана ниту институција, ниту држава, ниту нација, дополнително го зајакна, ми се чини, нејзиното чувство на припадност кон транснационалната литература. И сите нејзини книги се на некој начин критички настроени кон етничкиот ексклузивизам, локалниот нарцизам на малите разлики и системското калемење на националните супстанци во животот и литературата. Таа го признаваше само книжевниот пасош: припадност по избор, по поетика и љубов, избирајќи го за себе друштвото со кое ќе го минува времето. А тоа друштво, ако сакаме да бидеме искрени, во Хрватска не беа академиите, друштвата на писатели, катедрите, големите медиумски куќи. Згора на тоа, за време на нејзиното 30-годишно (не) присуство на постјугословенската јавна сцена, таа често избираше помали, понезависни и поморални субјекти (како нејзиниот прв издавач во Белград, „Фабрика књига“, или денешните „Мама“ и „Фрактура“).


***

Каков беше односот на културната и медиумската сцена кон Дубравка Угрешиќ илустрира и следниот детал. Кога нејзиниот роман „Лисица“ ја доби наградата „Тпортал“ за најдобар роман објавен во 2017 година - и таа корпоративна, а не државна награда е всушност единственото признание што Угрешиќ го доби за нејзиното пишување во последните 30 години во Хрватска – разговорот го водевме во Booksа во Загреб. Тогаш многу медиуми штуро ја проследија веста за наградата, а еден тиражен дневен весник воопшто не го направи ни тоа, туку сликата на авторката ја стави на задната страна, во крстозбор. Се смеевме на тој бизарен крстозбор таа убава вечер, иако работата не беше комична, туку болно симптоматична.

***

Последниве години Дубравка Угрешиќ во своите текстови и настапи често зборуваше за женската страна на литературата, за ригидноста на машкиот канон и за вкоренетата подреденост. Позната е нејзината реченица: „Сама ги заработив парите за да купам метла. И летам сама.“ Таа, исто така, често изразуваше интерес за младите писателки и солидарност со некои нови генерации, среќна што, како што велеше, „младите уметници сè повеќе се подготвени да ја земат својата уметничка судбина во свои раце и да не бараат од државата, каква и да е, да биде нивен спонзор, посредник и агент“. Кога минатата година на нашиот портал го објавивме текстот „Кои се нашите книжевни мајки, баби, претходници“ и кога неколку интервјуирани писателки ја споменаа токму Дубравка Угрешиќ како нивен книжевен пример, јас ѝ испратив линк до тој текст преку е-пошта. Навистина ѝ беше мило што прочита такво нешто. И затоа, ако најдобрите писатели на рускиот реализам, како што тврдеше Достоевски, „излегоа од мантилот на Гогољ“, нема да згрешам ако кажам дека најдобрите современи писателки на просторот на поранешна Југославија излегоа од кројачката работилница на Дубравка. Згора на тоа, од таа кројачка работилница излегоа и многу читатели и читателки на кои книгите на Дубравка Угрешиќ формативно им го одредија односот кон литературата.


***

Дубравка Угрешиќ беше и русистка, и тоа не само по вокација и работа (до 1993 година беше вработена во Загрепската школа за руски студии и заедно со Александар Флакер - кој ја отпушти во 1990-ите поради нејзината „деформирана оптика“ – го објави познатиот Појмовник на руската литература). Нејзиното сфаќање на литературата се формирало токму преку читањето на некои од најбрилијантните, но и најпрогонуваните руски писатели. Нејзините книги се полни со референци за Пилњак, Олеша, Бабел, руските авангардни уметници. Нејзиното поимање на книжевноста беше, како и нивното, ослободено од робувањето на авторитети, величините и стравовите. Како што напишал еден од писателите на чијашто дружина таа духовно припаѓала, Евгениј Замјатин, а таа го цитира во “Лисица”, литературата „ја создаваат лудаци, пустиници, еретици, сонувачи, бунтовници и скептици, а не платени и добронамерни службеници“.

Кога денес размислувам за Дубравка Угрешиќ, обидувајќи се да ги вратам сеќавањата на писателката која сакав да ја вклопам во овој ин мемориам, ја гледам, после сè, во весело друштво. Меѓу оние еретици и сонувачи на кои таа отсекогаш сакала да им припаѓа. Меѓу губитниците кои сами го населуваат светот на големата литература. Ја гледам конечно ослободена од национализам и шовинизам, глупава сериозност и сериозна глупост, онака како што сакаше да се гледа себеси, судејќи по еден есеј, мојот омилен, од „Европа во сепија”. И ја слушам, еве, како вели:

„Да, погодивте, јас сум една од губитниците. Николај Кавалеров ми е брат... Да, јас сум негова сестра. Сè ме издава, тешко можам да го скријам тоа. Го гледам светот низ неговите очила. Јас сум мрзелива како него, завидлива како него, а и нештата околу мене не ме сакаат: секој момент ме фаќа за ракав некоја квака, секој момент некоја врата ме удира во лице. И јас како Кавалеров ги мразам моќниците од дното на душата. Ме привлекуваат продавачи на магла и опседнати од типот на Иван Бабичев, лажговци, стројници, улични продавачи на магични средства за чистење дамки, голтачи на оган и проповедници кои сите ги избегнуваат како да се чума, а ја зборуваат само вистината. О, да, промискуитетна сум, ако така може да се каже тоа, лесно можеш да ме замислиш во кревет со Николај Кавалеров и Иван Бабичев... Креветот е огромен, се спојува со хоризонтот, сите се тркаламе, не можете ни да замислите колку нè има! Тука е Обломов, и Дон Кихот, кој се бори со перници мислејќи дека се ветерници, тука се Ема Бовари, и Оскар Мазерат, и Моли Блум, и Хамберт Хамберт, и Маргарита, и Стивен Дедалус и Тес Д'Убервил. Има многу автори и нивните ликови, тука сме и ние, нивните верни читатели, сите сме тука, олабавени на огромен кревет под ведрото небо. Нашите лица испишуваат манифест жив, немирен и сјаен како мрестилиште на риби. На дното сме, а некаде високо, високо над нас, времето шуми („Тогаш за прв пат го слушнав шумот на времето. Времето леташе над мене. Голтав солзи на возбуда“, вели Кавалеров), модерниот свет татни. А сепак, нешто ми кажува дека овој кревет на губитниците, од кои секој како сламка на спас ја гушка својата перница, ќе трае долго, а овие горе, тие се минливи како дождот и сонцето кои фрлаат врз нас виножита, како ветрот што врз нас разнесува златно лисје, како снеже што нè прекрива небаре меко ќебе, а потоа се топи...“

 

Катарина Лукетиќ е публицистка, литературна критичарка, уредничка во медиуми и во издавачката куќа Пелаго, како и независна научничка. Авторка е на книгите „Балкан: од географија до фантазија“ и „Балкански предавања: шест предлози за следната деценија“.

Превод: Марина Туфекчиевска

Извор за текстот: Kritika h,d,p

Слични содржини

Општество / Живот / Култура
Општество / Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото