Осим во Фиренца

24.03.2023 02:36
Осим во Фиренца

Ивица Осим на натпреварот против репрезентацијата на Франција, 1968 година

 

Ќерка ми Аља деновиве е во местото Коми, на Тинос, на архипелагот кој го нарекуваме Киклади. Никогаш не сум бил таму, но грчкото божество Хипнос ме поврза со ќерката. Значи, таа ми доаѓа на сон и ми вели: тато, Ивица Осим почина на Први мај, пет дена пред својот роденден. Ѝ велам, што да правиме, тој одамна не оди на сараевските првомајски теферичи, а уште подолго не им помага на соседите при внесување ќумур. Но, тато, не е зима, Први мај е! Се будам, главата ми врие во пот. По неколку часа денот веќе станал пладне, ми се јавува другар, поранашен играч, и вели, да скратам: блазе си му на Осим, неговата душа ќе оди во џеннет, почина пред Бајрам! Му велам, чекај малку, зборуваш небаре работниот век си го поминал во одделение за прием на нови џеннетлии (со две н), остави нè малку да тагуваме и жалиме за Осим, не да се занимаваме со патувањето на душата, не сме баш стручно потковани за тоа. Можеби не сме многу, но малку сме, ми одговара спремно.

Потоа на јаве ѝ се јавувам на ќерка ми. Ѝ кажувам каква е разликата во гледањето на нештата меѓу неа во сонот и она на некогашниот играч на јаве. Па, ајде, вели, кажи ми уште нешто за Осим, не го познавав, го знам само од книгата што ја преведов, и малку од твоите кажувања. Па да, го познавав, еднаш заедно поминавме речиси цела ноќ во ресторан во Луцерн. И илјада ноќи да бдеев со него, ќе ми беа малку.

Во моето детство Осим влезе во раните шеесети, најпрвин во ушите. Чудно презиме, никогаш слушнато, предлог со генитив, а игра за Железничар. Голман Радовиќ, полутка Осим, голови дава Смајловиќ. Долго беше само звук од транзисторот. Сè до април 1968 година. Тогаш влезе и во очите. Влезе преку телевизорот марка ЕИ Ниш, во основното училиште Братство-единство во Долга Полјана, си го видела тоа училиште. Преку тој телевизор во моето детство влегуваа многу радости, една од најголемите беше Осим против Франција. Тој натпревар стана празник за сите што го гледавме, а нам децата играта на Осим засекогаш ни остана модел и пример дека нема подобар и дека не треба да се бара другде. Неговите дриблинзи со нозете, колковите и рамењата, ролањата, неговиот чекор и додавањата во чекор е нешто што ние, децата од место без струја, никаде не сме го виделе, а сега се нудеше на училишниот телевизор.

Драган Џаиќ го постигнува решавачкиот гол на натпреварот против репрезентацијата на Англија, 1968 година

 

Во петнаесеттата минута Југославија водеше 3:0, а мајсторијата на Осим со која го намести третиот гол беше нешто што потоа сите се обидувавме да го повториме. Тогаш немаше снимки од натпревари, туку си го видел тоа што си го видел, па памти или плачи. Осим беше најдобар, иако Петковиќ и Мусемиќ дадоа по два гола, Џаиќ еден, третиот, со десна нога, на северната страна од стадионот на Ѕвезда. Дотогаш пример за дриблерски ѓаволштини ни беше Шекуларац, но не го гледавме, сега му го отстапи местото на Осим кого, благодарение на струјата во Долга Полјана, можевме да го гледаме, а не можевме да се изнагледаме. Неговото презиме беше граматичко пасторче, кое служи за изземање, но тој самиот беше изземен, посебен: играч, само таков, сакан, вечно во Железничар. Таквата игра на Осим ќе направи сите играчи кои ја победија Франција со 5:1 подоцна да продолжат да играат во француски клубови. Сите, и резервите.

Потоа помина мај и дојде 5 јуни, кога Југославија во Фиренца играше против Англија. Тоа беше полуфинале на Купот на европските нации, за кое Југославија се квалификуваше со победата над Франција. Тогаш Англија беше првак на светот. Во петтата минута играчот Малери така го удри Осим по нога што тој веќе не беше способен за игра. Една стара Зејна, пред истиот телевизор во Долга Полјана, извика: „Еј Малер, да даде господ да ти се исуши ногата, како можеше вака да го осакатиш мојот Осим!“ Радоста од натпреварот против Франција ја истисна стравот заради онеспособеноста на Осим да игра. Уште полошо беше тоа што тогаш фудбалска Европа не дозволуваше повреден играч да се замени со неповреден. Осим остана на теренот за екипата да биде на број, куцаше во аголот на телевизорот, а со куцањето во уво ми влезе и новиот глагол, статира. Осим само статира. Денес се слушнав со капитенот на таа репрезентација Мирсад Фазлагиќ, покрај Мусемиќ и Џаиќ уште еден жив од тој тим: ми рече дека Осим статирал до крајот на првото полувреме, а во второто не влегол во игра, не можел. Во моето сеќавање Осим статираше до крајот на натпреварот, но ете, не било така. На полувремето на вести известија дека некој Палестинец пукал во Роберт Кенеди и тешко го ранил. Не се возбудивме многу заради тоа, поважна ни беше грижата за ранетиот Осим, зашто 0:0 не беше доволно. Грубијанот Алан Малери остана во игра до пред самиот крај на натпреварот и сè уште ги тепаше нашите играчи, најмногу Тривиќ, картоните сè уште не беа измислени. Потоа, четири минути пред крајот, Холцер му додаде на Мусемиќ, овој нафрли преку Боби Мур, Џаиќ ја прими топката на гради и ја испрати во мрежата преку Banks of England. Сите пред телевизорот скокнаа, еден неизбричен пештерец ме бакна во двата образи и викна: „Ете, Малери, па тепај го ти Осим кога мајка ти те родила таков!“

Потоа меѓу годините дојде и 1988-та и во неа 24 август. Осимовата Југославија дојде во Луцерн да игра против Швајцарија. Тогаш живеев во Луцерн и заради околностите го запознав Ивица Осим, кој веќе две години беше селектор. Тогаш го запознав и новинарот Томислав Жидак, заедно ја гледавме победата на Југославија на стадионот Алмент. Вечерта по натпреварот долго останавме во ресторанот на хотелот Монопол. Осим беше муабетлив, никаква еуфорија заради победата, сериозен и критичен. Сите луѓе од фудбалот што дотогаш ги познавав се разликуваа од новиов човек, Осим: внимателен, скептичен, на граница на мрзоволност, но прецизен и искрен. По играта против Франција, таа искреност беше вториот голем подарок кој го добив од Осим, живата радост од моето детство.

Репрезентацијата на Југославија во 1990 година

 

И тогаш, меѓу годините, дојде 1990-та. Дојдов од Бразил во Луцерн, па од Луцерн заминав во Фиренца, на истиот стадион на кој Малери го онеспособи Осим за игра. Осим сè уште е селектор на Југославија, натпреварот не е полуфинале, туку борба за полуфинале на светско првенство, против Аргентина. Триесетти јуни, сонцето толку пржи што може да свари јајце во кокошка. Цела трибина полна со Аргентинци и сите имаат маски со лицето на Марадона. Навиваат чудесно, не можеш да не го сакаш тоа. Италијанците ги мразат, секако, заради Марадона навиваат за Југославија. Во Фиренца повторно е исклучен играч, овојпат југословенски, рано, по половина час, Шабанаџовиќ. Со десет против единаесет завршува 0:0, продолженијата не менуваат ништо. Пенали. Тоа се случува пред мене и Сергеј Роиќ, твојот вујко. Осим се свртува, не сака и не може да ги гледа пеналите. Сето тоа денес го има на интернет, но мене ми беше на дваесетина метри. И лошо изведениот пенал на Марадона, и погодокот на Просинечки и промашувањето на Пикси Стојковиќ. Потоа дојде последниот, оној по кого е насловена книгата што ја преведе и која е полна со Ивица Осим: „Последниот пенал на Фарук“.

Знаеш дека авторот на книгата, како и јас, е номинален и когноминален двојник на големиот италијански играч од шеесеттите и седумдесеттите години: Џиџи Рива. Писателот Рива сместил сешто во книгата, дури и мислата дека војната во Југославија ќе беше избегната само ако репрезентацијата поминеше понатаму. А ако поминеше понатаму, ќе играше со Италија, како и во 1968 година. Ако поминеше. Но не помина понатаму, егзибиционистите би рекле дека отиде потаму, во првиот ендек.

Денес се слушнав и со Здравко Липовац, голем пријател на Осим. Од неговите безбројни спомени, незаборавен е еден за нивното возење со автомобил во Грац, кога во некоја улица морале да застанат зашто среде улицата имало куп ќумур. Осим како Осим, го кренал гласот: „Види, пак ќумур!“ На синот на железничарот кој во детството се изнаносил ќумур за соседите, му се присторило дека дамнешниот ќумур од Грбавица дошол по него во Грац.

Нека спие драгиот Осим, душа небесна. И на небото има соѕвездие Вреќа ќумур, на јужното небо, таму над Аргентина.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Општество / Балкан / Спорт
Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Спорт

ОкоБоли главаВицФото