1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Стапката на абортуси се намалила од 19 абортуси на 100 живородени деца во 2019 година на 17,1 во 2021 година. Во истиот период значајно е намален и бројот на абортуси кај жени и девојчиња на возраст под 20 години, покажуваат податоците од областа на сексуалното и репродуктивното здравје кои се обработени во новата публикација на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија „Жените и мажите во Северна Македонија 2023“.
Фото: Принтскрин од Државен завод за статистика на Република Северна Македонија (2023) Жените и мажите во Северна Македонија
Според вредноста на тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2021 година, која изнесува 1,6 живородени деца на една жена, жените во Северна Македонија сè почесто се решаваат да раѓаат само по 1 дете. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29,2 години, a 27,5 години кај првите раѓања. Во 2021 година се регистрирани и 20 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.
Според редот на раѓањето, 8.146 се првородени, 7.004 се второродени, 2.258 се третородени, а регистрирани се и 14 случаи на живородени деца како деветто и повеќе. Според структурата по пол на живородените деца, поголемо учество од 51,1 отсто имаат машките, т.е. на 100 живородени женски деца 104,5 се машки. Бројот на вонбрачните живородени деца изнесува 2.546 деца, или 13,7 отсто од вкупниот број на живородените деца припаѓаат на вонбрачните.
Според публикацијата, бројот на новорегистрирани случаи на рак на овариум и рак на телото на матката е најголем кај жените на возраст од 50 до 69 години, додека пак бројот на новорегистрирани случаи на рак на простата е најголем кај мажите на возраст од 65 до 79 години.
Во 2021 година, од вкупниот број умрени лица, 46,9 отсто се жени. Најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем со 10.238 лица, од кои 50,6 отсто се жени, потоа следат случаите кај кои како причина за смрт се јавува КОВИД-19, од кои 42,5 отсто се жени.
Фото: Принтскрин од Државен завод за статистика на Република Северна Македонија (2023) Жените и мажите во Северна Македонија
Стапката на смртност од хронични болести е значително поголема кај мажите отколку кај жените, а истата е во благ пораст во периодот 2019-2021 и кај жените и кај мажите.
Бројот на самоубиствата е речиси ист, но во поголем број се причина за смрт кај мажите.
Фото: Принтскрин од Државен завод за статистика на Република Северна Македонија (2023) Жените и мажите во Северна Македонија
Република Северна Македонија го регистрираше првиот случај на ковид-19 во февруари 2020 година. Во периодот 2020-2023 (заклучно со 20.02.2023 г.) вкупно се регистрирани 346.852 случаи на ковид-19, од кои 52 отсто се кај жени и 48 отсто кај мажи. Иако бројот на регистрирани заболени со ковид-19 е поголем кај жените, бројот на смртни случаи е поголем кај мажите, со 60 отсто од вкупниот број смртни случаи.
На 17.02.2021 г. во земјава започна вакцинацијата против ковид-19. Заклучно со 20.02.2023 година вкупно 841.670 лица, односно 46 отсто од населението, беа вакцинирани/имунизирани со две дози вакцина против ковид-19.
Извор: meta.mk