Реално имаме пари да испечатиме учебници

27.03.2023 10:33
Реално имаме пари да испечатиме учебници

Питер Коке ван Аелст - Приказна за Свети Павле - Горењето на книгите во Ефес.

“Реално немаме пари за да испечатиме учебници по сите предмети во средното образование”, вели човекот кој самиот беше изненаден што станал министер за образование - Јетон Шаќири.

Но, реалноста се разбира дека не е таква каква што министерот сака да ја прикаже.

Апсолутно е нереално и апсолутно е неточно дека оваа држава, дури и ваква каква што е нема пари за учебници.

Ова е огромна лага.

Она што е апсолутно точно пак е дека стотици милиони евра, повеќе од половина милијарда евра се трошат на глупости (извор Светска банка). Тоа да.

Но, дури и при овие ужасни нерационални трошења, пари за учебници не може да нема, кога еве има пари за провизија што ѕирка од секоја можна поголема државна зделка нагалено наречена инвестиција, кога пари има за да се кантаат државни коли за потребите на партијата, кога има пари за знајни и незнајни хонорарци во знајни и незнајни агенции и министерства итн., итн…

Значи парите ги има. Прашањето е во чиј џеб се.

Затоа, наместо да го навредува граѓанинот со вакви невоспитани изјави, овој човек во чие време образованието допре едно ново дно, ред е да си даде оставка па потоа ете тој лично слободно може да истражува каде ли се парите што ги има снемано - почнувајќи се разбира од Европскиот му блок, што е дупка до дупка разјаден од аздис и раскалашаност и една епска неспособност.

Секако во меѓувреме истекува третиот месец од годината во која овој фронт растрчан кон Брисел ќе беше најсилно, најодлучно и бескомпромисно посветен на борбата со корупција.

И ќе обезбедеше учебници.