ChatGPT му ја скрши „кичмата“ на македонскиот панграм!

28.03.2023 13:15
ChatGPT му ја скрши „кичмата“ на македонскиот панграм!

Најкраткиот мој панграм беше „Њутн игра шах на ѕид ил’ ѓоа џам, а еж со ќејф љуби црв кај пазарче.“ (51 карактери)

Пред неколку години учествував на третиот конкурс за панграми на Окно. Ми беше предизвик да напишам панграми со најмал можен број на карактери, но истовремено да се задржи и лиричноста.

Но, сепак (иако критериумот на конкурсот на Окно е лиричноста, а не краткоста) совршен панграм (со 31 буква) на македонски јазик не постои! Најкраткиот (колку што знам јас) панграм на македонски јазик е тој на семоќниот Живко Гроздановски и содржи 45 карактери (башка логичност и лиричност).

ChatGPT пишува панграми на македонски јазик

Бидејќи ги одредив (субјективно) границите на човечките способности, решив да се обратам на генеративната вештачка интелигенција. Мислам дека не треба да објаснувам што е ChatGPT, нели.

Еми, сега откако го тргнавме тоа од листата, да појаснам дека ChatGPT, помеѓу другото, може да пишува и панграми. И тоа не само на англиски, тој (таа, тоа?) може да напише логички, кратки и одлични панграми на македонски. По малку воведен муабет во кој ми објасни дека го знае македонскиот јазик и азбуката, ми ги напиша овие панграми:

“Ѓурење на шипки со чешма во фабрика, буџетот кревај го, злато врз муѓите.” (58)

“Збуни ги џемперите на факултет, ќерки во штикли се шушкаат со жребии.” (56)

Кога го прашав дали се работи за вистински панграми, ми потврди. Бев восхитен! Потоа го замолив (зашто со ChatGPT мора да се биде љубезен ако сакате да бидете поштедени од идните владетели на светот) да напише уште пократки вистински панграми:

“Ќерката со жаби во куќата џечи, многу ѕидови лажат, фатаме ја често.” (54)

“Штоф за џин глувчиња на центарот, крштеница мажи ќерки во селата.” (53)

„Демит“! Колку и да е фасцинантно тоа што ChatGPT пишува панграми на македонски, нешто ми беше сомнително и не можев да му верувам на збор, па решив да го проверам.

ChatGPT пишува програма за проверка на панграми на македонски јазик

На страницата на Окно, порано постоеше линк кон ПанграмМК бројач, одлично програмче со кој може да се провери дали некоја реченица е панграм и кои букви не се искористени, но за жал програмата не работи повеќе. Тогаш ми текна!

Што ако му побарам на ChatGPT да ми направи програма за одредување дали некоја реченица на македонски јазик е панграм?

По малку (повеќе) обиди и грешки, ценкање, убедување, објаснување и поставување вистински прашања, ChatGPT ја напиша програмата. Битно е да се напомене дека програмата е направена со текстуални упатства и без знаење на програмскиот јазик Python од страна на корисникот. ChatGPT го избра сам јазикот и ја напиша програмата. Потоа истата ја препиша и во JavaScript, а Владимир Карер ја доработи и ја постави онлајн.


Сајт: Панграм проверувач, а изворниот код на програмата можете да го преземете од тука.

ChatGPT се проверува и подобрува самиот со помош на програмата која ја напиша

Потоа му кажав на ChatGPT да ја искористи истата програма со која сам ќе се проверува и подобрува. Панграмите сега не беа веќе толку кратки, но содржеа повеќе букви. На крај дојдовме до ова:

„Ќутија штом ќе жеднееш, чашата се полни вода од џамија на брегот на реката, ѓаволите џвакаат њушки и ѕвеците креваат со ѕвонци.“ (103 карактери, букви кои недостигаат: з, љ, ф, х)

Тоа е доста импресивно и верувам дека со поинаков пристап може да се дојде до начин како ChatGPT да пишува вистински панграми на македонски јазик, без букви кои недостигаат (па и совршен панграм со 31 буква).

Ако сакаш да му ја скршиш кичмата на ChatGPT инсистирај да ти напише вистински панграм на македонски

Се разбира овие модели имаат ограничувања кои понекогаш, како ни нивните постигнувања, не им се сосема јасни ниту на нивните креатори.

„Овие модели навистина се мачат со нештата кои изгледаат очигледни и лесни. За овие модели тешко е да се справат со броењето на карактери или зборови,“ вели Сем Алтман, основачот на Open AI кој стои зад ChatGPT во најновото интервју со Лекс Фридман.

После оваа изјава ми стана јасно зошто толку се измачив да му објаснам на ChatGPT дека му недостасуваат карактери, дека пресметките му се грешни и зошто на крај почна да ми дава бесмислени реченици. Верувам дека со унапредувањето на моделите овие проблеми брзо ќе се решат.

Иднината на пишувањето, уметноста и креативноста

Но, што значи ова за иднината на пишувањето? Дали новиот конкурс на Окно за панграми треба да биде насловен вака: „Кој напише најдобар/најкраток вистински панграм со ChatGPT на македонски јазик, добива награда!“?

Како некој кој се занимава со пишување повеќе од 2 децении, експерименталната литература отсекогаш ми била омилена. Играњето со формите и зборовите ми било драго уште од почетокот на мојата писателска „кариера“, пред точно 20 години со книгата куси раскази „За секого по нешто, за некого ништо“.


„За секого по нешто, за некого ништо“, 2003, Темплум)

Кога се обидов да го прашам ChatGPT да ми напише реченица на македонски јазик каде секој збор треба да започне со следната буква од азбуката од „А“ до „Ш“, без да се повторуваат буквите, го добив ова:

„Августовски брег во Гевгелија греве денес, жолти кокошки лутат меѓу нас, орли патуваат кон романтични села, сончевите топки уриваат возбуда, ќебењето фати галена хероина, целосно џиберство штеди време.“

Не беше совршено, но доволно блиску! Со малку труд и преработка дојдовме до ова: „Августовски брег во Гевгелија денес. Ѓоре е жолто-забец ѕидосан и јас кокошки лупам љубовно меѓу нас. Њујоршки орли патуваат романтичарско-селски, топки ќе уриваат – фуј! Хаварија целосна, чуден џам шантра!“

Клучното е ова: „а, б, в, г, д, ѓ, е, ж, з, ѕ, и, ј, к, л, љ, м, н, њ, о, п, р, с, т, ќ, у, ф, х, ц, ч, џ, ш“, прашајте го ChatGPT, тој ми кажа!

Можностите се неограничени и денес секој, без многу напор, може да биде писател и уметник!

Ве оставаме со два цитати, едниот од Чарлс Буковски:


“но како што ChatGPT рече, прекрстувајќи ги нозете, видов дека создадов многу поети, но многу малку поезија!”

А другиот од Олдос Хаксли:


„Луѓето ќе го засакаат своето угнетување, ќе го обожаваат ChatGPT кој ги поништува нивните капацитети за размислување“.

ПС: Следен предизвик

ОкоБоли главаВицФото