Кога цветаа тиквите (фрагмент, 2)

28.03.2023 13:28
Кога цветаа тиквите (фрагмент, 2)

20.

И очекував, и не очекував. Сепак малку ме изненади.

Ми се замати пред очите, за малку не паднав.

Отскокнав наназад, возвратив со лев, па со десен директ, и двапати промашив, но тој се повлече, а мене почна да ми се разбиструва.

„Па, Врапче“, се смее мојот пријател Апаш, „не си баш така тврд како што мислиш.“

Молчејќи, полека појдов.

Молскаа тупаници од двајцата околу глава, двајцата добивме по две-три парчиња. Се повлеков еден чекор, па клекнав и го клукнав со лева во плекусот, а со десна во брадата. Тој повторно ми возврати; уште еднаш добро ме стресе. Јас – пак чекор назад, пак клекнав, и, сега со лева, пак го погодив најпрво во плексусот, а потоа под брадата, ама така што, само малку, го допрев и во гркланот. Мојот пријател Столе веднаш се закашла.

Побегна од мене чекор-два и застана. Се зачуди, побеле.

„Столе“, велам, „ни ти не си тврд како што беше некогаш.“

Тој стои, со олкави, осветлени очи. Преплашен. Градите, слушам, по малку ми шуштат.

„Ах, курво!“ вели. „Го знаеш тоа!“

Сега спасот му беше само уште во тоа брзо, што поскоро да ме собори.

Полета еднаш – и јас му се извлеков. Полета и втор пат – јас пак му се шмугнав. Веќе малку задишан, полета и трет пат. Му се извлеков повторно и тогаш – дуф! – со сета сила го погодив во гради.

Тој застана како некој да го потпрел со стап, се издолжи во висина и се закашла.

Внатре како да му препукна нешто. Ја наведна главата како да наслушнува нешто во себе, а лицето му набрекна во мракот. Потоа пред себе во прашината плукна нешто црно. Брзо клекна на земјата и извади шамивче. Ја избриша устата.

„Зарем пак“ тивко вели гледајќи во шамивчето.

Потоа божем неволно тргна некаде покрај мене. Веројатно во болница.


Застанувам пред него.

„Столе, уште не сме готови.“

И сега ги памтам неговите очи во тој миг.

Молчејќи се врати чекор-два наназад. Потоа со ракавот ја избриша устата, па се спреми да ме дочека.

Повторно тргнувам полека.

Правам финта, па со лева двапати, едно по друго, го поткачувам во глава. Ништо страшно: но тој рефлексно ми се отвори и јас пак – дуф! уште посилно од предмалку, во гради.

Тој се повлече наназад, и остана на нозе. Но тогаш од него пукна.

Сте виделе ли некогаш како умираат туберкулозните?

Како нешто да му застанало во грло, Столе најпрво долго и остро се накашла. Веќе ми се причини дека од тоа ќе почне да повраќа, толку го напнуваше, кога одеднаш бликна од него во широк, црн, ми се чинеше, пенлив, млаз од капки налик на инка. Веројатно му ги прскаше и нозете.

Вдишувше кратко, како да ика, тешко кашлајќи, речиси врескајќи, ококорувајќи ги очите како говедо. А одвнатре пак веќе го тераше.

Во кратки паузи, со изменет, тивок глас, Столе пцуе удирајќи со тупаницата со зацрнетото шамивче во неа по бутот.

„Ах, мајката твоја посрана! Ах, мајката твоја гладна, како не ја дофатив и неа!“ По некое време како малку да го попушти. Малку се смири.

Со наведната глава како да го боли гушата, со лице кое во мракот му се белее како да е палјачо, ме гледа одоздола.

„Сега“, вели, „би можел да ме пуштиш.“ А гласот му е кроток како на девојка. „Уште имаме време да го решиме ова.“
Мрдам со главата.

„Кога тоа, Апаш? Мислиш ли дека дојдов за да те пуштам? Ја пушти ли ти мојата Душица? И нејзе не ѝ беше згодно време.“

Тој молчејќи уште еднаш, полека, внимателно ја избриша устата, па го пикна шамивчето в џеб.


Уште еднаш тргнувам кон него.

Му влегувам право меѓу тупаниците. Веќе не грижејќи се за тоа што просто ме кине по лицето, во таа вистинска кланица од веројатно половина минута во која ништо не видов од тупаниците, додека кашлањето веќе пак почна да му надоаѓа, јас го погодив и со лева и со десна уште неколкупати, како да сакам да му го извадам срцето.
Тој најпосле падна. И онде, свртувајќи се на лактот, со силната кашлица која понекогаш изгледа како да кинеш хартија, од која и здрав човек би се разболел, пробивајќи ми ги ушите, почна да точи од себе.

Јас стојам малку понатаму. И чекам.

Наоколу веќе полека станува посвежо. Мрак и тишина. Никаде никого и никаде на светот, ништо друго освен кашлањето кое ми ги пробива ушите.

Помеѓу две напнувања, тој најпосле се сврте.

„Чекаш, мајката твоја гилиптерска?“

„Чекам“, велам.

„Добро“, вели. „Да не чекаш многу.“

И некако стана.

И понатаму кашлајќи, и исфрлајќи ги оние црни водоскоци пред себе, ги стегна дланките во тупаници и навали накај мене.

Се повлеков малку.

Тој појде по мене. Нанишани и замавна: јас се извлеков. Тој промаши и падна со лицето кон земјата, како да го забоде носот во прашината.

Тука го фати уште посилно. Напнувајќи се, клечеше на колена и, со главата во прашина, се виткаше како мачка на која ѝ се заглавила коска во грлото. Гушејќи се, ми се чинеше, ја гризеше земјата.


Пак чекав долго.

Тој најпосле ја крена главата. Лицето му беше измачкано со нешто црно, чија вистинска боја дење ја познавав, и остро бледо како кај мртовец.

„Уште чекаш? Па, ја заврши работата.“

Речиси почнав да го жалам.

„Не мораше“, реков, „да дојде до ова.“

Тој пак се закашла. Почека да му помине, па се насмевна со црната уста.

„Мислиш? А мене, гледаш, не ми е жал. Да можам, пак би го направил истото. Особено сега.“

„Тогаш сѐ е во ред“, велам. „Јас одам.“

И поаѓам.

Тогаш тој викна по мене:

„Чекај! Чекај уште малку!“

Застанав.

Него пак го спопадна, долго, така што ми се причини дека сега навистина ќе се задуши. Сепак, некаде на врвот, ’ркнувајќи, пак се искашла. Потоа некако се исправи на колена и уште еднаш го слушнав неговиот тивок, испрекинат, мртовечки глас:

„Жити бога“, одненадеж рече сосема пријателски, „си ги видел ли ти некогаш тие ебани цветови од тиква?“
Малку се зачудив.

„Не знам“, реков. „Не се сеќавам.“

Тој се насмевна.

„Јас ги видов. Беше онде, зад шумичката. Во пченкине.“

Ми беше непријатно. Што ќе му е тоа?

„Сега одам“, реков.

Него тогаш веќе пак го стегна. Закашлувајќи се и врескајќи, свивајќи се кон земјата, тој одоздола кимна со главата.

„Оди.“

Го погледнав уште еднаш и појдов кон градот. Тој остана на патот врескајќи со искината утроба и гледајќи кон мене со белите, оџарени очи.

Кога малку се оддалечив, од некаде од шибјето, како да се истргнува од нечија рака, одеднаш излета некоја птица. Се размавта во мракот со крилата и летајќи ниско како авион, прпорејќи, полета по патот пред мене како да ми го покажува правецот. Потоа одненадеж сврти настрана и одеднаш потона во мракот, како да се стопи.

Превод: Иван Шопов
Фотографиите се од филмот Raging Bull (Martin Scorsese, 1980)
Извор: Драгослав Михаиловиќ - Кога цветаа тиквите (Темплум, 2017)

Слични содржини

Книжевност / Уметност
Балкан / Книжевност / Култура / Историја
Квир / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото