Зошто терминот „воук“ е навреда?

29.03.2023 01:46
Зошто терминот „воук“ е навреда?

Политичкиот епитет кој недвосмислено ја обележува нашата современост е „воук“ (woke). Се работи за еден од оние термини кај кои стабилноста на значењето е диспропорционална со леснотијата на употребата. Преземен е од афроамериканскиот вернакулар и со него иницијално се означувало предупредување за расна предрасуда и дискриминација. Денес со него манипулира десницата и го користи со намера поединците, групите или идеолошката атмосфера да ги обвини за општествено и политички неосновани прозивки кога се во прашање дискриминацијата и нееднаквоста.

Значи, „воук“ би биле оние кои во сè гледаат дискриминација и на некој начин го оневозможуваат „нормалното“ одвивање на општествено-политичкиот живот. Изразот „воук“ е производ на американската политичка култура, но кога станува збор за неговиот увоз во нашата, дискусијата речиси нема идеолошко-царински тарифи.

Епистемолошкото сидро кое би требало да ѝ даде легитимација на употребата на терминот „воук“ е постојаното манипулирање со наводно точната проценка на степенот на разните општествени дискриминации. Врз основа на таа проценка лесно може да се утврди кои поединци или групи „претеруваат“.

Проблемот со ова „сидро“ е што речиси секогаш почнува од проценката според која степенот на дискриминација е – нула. Тогаш е мошне лесно секој да се обвини дека греши кога ќе укаже на каква било дискриминација. Во така поставената рамка збирот на лажни обвинувања за дискриминација доведува до наводна дискриминација на оние кои тврдат дека нема дискриминација и создавање ресурси за автовиктимизација.

Друг проблем на службата за доделување на „воук“ епитетот на оние кои секаде гледаат дискриминација и претеруваат е тоа што самите тие речиси никогаш не учествувале во општествени активности кои историски довеле до таквиот наводен денешен нулти степен. Или поконкретно: секој што ќе ве обвини дека претерувате не може со пример да ви покаже каква е „нормалната“ грижа за социјално загрозените. Значи, „воук“ реториката претставува засолниште од експлицитниот јазик на привилегиите и општествената надмоќ. Или, ако ситуацијата се заостри, засолниште од легитимацијата на употребата на таквиот јазик.

Првата причина е поврзана со лицемерието на капиталот. Со тоа мислиме на различните кампањи и ставови на големите фирми кои промовираат разни облици различност и интеграција на ранливите социјални групи. Зад овие кампањи стојат маркетиншки стратегии, пазарно таргетирање или едноставно бесмислици на заиграните оддели за човечки ресурси кои немаат попаметна работа. Без разлика каков политички сензибилитет имате, не е многу тешко да се распознае дека не се работи за автентична грижа за загрозените или дискриминирани социјални групи.

Проблемот е во тоа што десницата од таквите кампањи не извлекува заклучок за лицемерието на капиталот, туку за непостоењето социјално загрозени групи. Значи, сето тоа е рекламна лага.

Втората причина за уверливоста го дава општествената класна структура. Сè послабата политичка улога на трудот и недостатокот на партии кои ги застапуваат интересите на работното мнозинство коинцидираат со медиумски и законодавно сè поприсутната грижа за загрозените групи. Секако, десницата нема директно да го доведува во прашање капиталистичкото класно општество, но за проблемите на работничката (бела) класа ќе го обвини „незаслуженото“ внимание кое им се дава на другите социјални групи небаре капитализмот е игра на нулта сума меѓу белите работници и црните лезбејки, а не класна борба меѓу трудот и капиталот.

Третата причина се потпира на втората и се однесува на илузијата за ветената меритократија во капитализмот. Евидентно постојат моќни пречки за општествената мобилност заснована на заслуги и овие пречки очигледно се плод на нефлексибилните класни структури.

Повторно, десницата го адресира и овој проблем, но без споменување на класните структури туку со акцент на квотите и наметнатата различност. Корпорациите заради „воук“ причини на високи позиции незаслужено поставуваат жени или хомосексуалци и со тоа го оневозможуваат воспоставувањето меритократијата и „спонтаниот“ избор на најдобрите.

Четвртата причина се однесува на политичката култура на самата левица која понекогаш знае да даде оправдување за користењето на терминот „воук“. Имено, во рамки на левицата, дефинирана и потесно и пошироко, во недостаток на колективни структури се разви индивидуалистичка култура за апдејтување на моралната супериорност: секогаш мораш да бидеш апдејтуван за нови и „подобри“ дискриминациски трендови и ниеднаш не смееш да згрешиш кога се работи за правилен став за овој или оној општествен проблем или погрешно да процениш кој проблем е број еден во то момент. Таквата култура создава страв и недоверба и меѓу „проверените кадри“, а да не зборуваме за обичниот, „неинициран“ народ. Таквиот страв, недовербата и вечната вина се она што го експлоатира десницата. Заедно со фактот дека, како и за што било друго во светот, нечија аргументација при откривањето на расизмот и сексизмот може да биде глупава.

И, најпосле, петтата причина. Таа лежи во нетранспарентноста и отуѓеноста на институциите во современите либерални демократии. Тука пред сè мислиме на институциите кои се занимаваат со економска политика и кои главно не ја земаат предвид социјалната димензија на економските процеси и не ги консултираат барањата и стравовите одоздола. Тие ни ги претставуваат економските движења како социјална физика на која мораме да се прилагодиме. Се работи за класичен економски либерализам, но таквиот институционален дизајн на десницата ѝ овозможува да го претстави политичкиот либерализам како своевидна теорија на заговор против „обичните“ луѓе. Како што вели Адам Сервер, „воук“ е замена за терминот либерализам. А набројаните општествени контрадикции само му даваат нова политичка енергија. И таа енергија ќе биде со обновлив карактер сè додека левицата не зајакне повторно.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Nash Weerasekera

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија

ОкоБоли главаВицФото