Духовните отци треба да се вклучат во дефиницијата на непотизам

30.03.2023 11:51
Духовните отци треба да се вклучат во дефиницијата на непотизам

Еден од начините „црквата да одјебе“ е да почне да се перцепира како потенцијален извор на корупција во институциите и тоа не само во финансиска, туку и во одлучувачка смисла. А, секако и да се покаже со прст кон можна корупција кога црквата ќе се вмеша во општествени прашања. На возрасен човек не може да му се забрани да верува во бајките од железното доба, пошто нели тоа е лична работа и секој има право да се прави блесав колку сака. Но, ако тој возрасен човек сака да биде министер, или директор, или нешто слично, тогаш обавезно во анкетниот лист треба да наведе кој му е „духовен отец“ за да се видат можните нероднински и нефинансиски врски кои не се дефинирани со законот за спречување на корупцијата, а кои се поопасни од нив.

Па така, една министерка за труд и социјала ќе треба да се изземе од процесите кои го тангираат нејзиниот духовен отец, за кои организира трибини, шиканира и прогонува свои противници во дебатата за родова еднаквост. А, ако не го направи тоа, антикорупциската комисија ќе може да поведе постапка, како и другите органи на прогонот. Вчера министерката одлучи дека ќе застане на страната на некојси Јаков, маж во црна мантија 20 години помлад од неа кој знае што е добро за жените подобро од неа самата и од женските организации. Зашто? Зашто она одбрала да се покорува на неговата униформа и знаењето за жените што го стекнал во некој си манастир на планина опкружен само со мажи. Секако, она може да си бира кој сака да и соли памет, ама тоа не треба да и се меша во работата од јавен интерес платена од јавни пари.

Духовните отци се посебен вид на октоподни системи во нашиот политички систем. Еден духовен отец „држи“ по десетици свои „чеда“ од најразлични професии. Колку е повисок неговиот ранг во МПЦ, толку повлијателни чеда има под својата мантија. Па така, директорот на Х манастир држи премиер, пар министри, директори на државни претпријатија, градоначалници, неколку сумњиви бизнисмени и по неколку отворени криминалци. Друг владика, држи друга група градоначалници, министри, пратеници, амбасадори... Трет регрутира идни општествени чинители ветувајќи им кариерна поддршка од другите чеда под мантијата. Тие можат да бидат од различни партии и духовниот отец им е гаранцијата дека нема ништо да им се случи на едните или на другите се додека се под неговата свилена црна сукња. Но, и не само заштитата, овој поп е мостот помеѓу тендерите, политиките и взаемните услуги помеѓу неговите чеда директори-министри-мафијаши. Кога ќе влезете во кабинетот на некое од неговите чеда, ќе видите крстови, параклисчиња, фотографии и... задолжително некаква идентификација со црквата/манастирот/отецот кој ги раководи. Бизнисменот кој сака да го добие тендерот, или мафијашот зделката, на тој начин точно знае каде да се обрати за малце „разбирачка“. Парите за провизијата можат да пројдат преку донација за црквата каде секаков траг им се губи заради нејзината тотална слобода да не плаќа даноци или да води сметководствени книги.

Нормално, овие попови немаат обични луѓе како чеда. Таман работа владиката Наум да има рудари од неговата епархија како духовен отец. Или пак Перивлептиј да има овчари кои ќе ги советува во својот замок во Бигорски! Не, овие луѓе само сегашни, поранешни и идни функционери ги држат во скутот.

Институцијата „духовен отец“ во 2023 кај нас е извор на корупција и тајни, нетранспарентни и непринципиелни одлуки на јавните функционери со јавните политики и јавните пари. Да ја ставиме во законот за спречување на конфликт на интереси во редот на дефинициите на роднинските, сватовските и финансиските интереси како причинители на можната корупција, за да имаме општество ослободено од стегите на историски најкорумпираната организација во модерното општество.

Цртежи: Stefan Zsaitsits