Прашалник за Дарин Ангеловски

30.03.2023 13:42
Прашалник за Дарин Ангеловски

 

Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

Летно попладне и гласот што ми чита приказна.

 

Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

Растев бавно и долго и сето тоа сеќавање сега е некако развлечено низ времето. Не можам да издвојам една книга што би ја нарекол книга на моето растење. Почетоците сигурно би биле во првите одделенија на школо. Памтам дека многу ја сакав Големи и мали на Бошко Смаќоски, Приказни по телефон на Џани Родари, Том Соер на Твен, Жил Верн. Крајот на тоа растење се заокружи некаде на факултет со Феноменот на човекот на Шарден. Помеѓу би биле блоковите Хесе, Чехов, особено Кундера. Шега и Бесмртност би биле дел од книгите на моето растење. Мемоарите на Хадријан исто така.

 

На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

Се навраќам на многу книги. Особено на античките автори.

 

Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

2666 Роберто Болањо, и многу др.

 

Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

Имам неколку такви книги. Фала богу маките од наменското читање во рокови се забораваат брзо. Nomina sunt odiosa.

Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Кога би живеел само еден ден би сакал тоа да е во светот на Симпосион од Платон или некоја драмолетка од Вуди Ален. За подолго би бирал внимателно. Можеби чудесниот свет на Ние од Замјатин.

 

Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

Гледам да не жалам кога немам книга при рака. Се трудам да развивам стратегии од типот сѐ свое со себе си носам, виртуелно и физички.

 

Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

Би објавувал дела од домашни автори во хибридни поетики. Графички новели, зборници, стрип изданија... Со колегите од издаваштвото Флип Бук Букс веќе работиме на случајот.

 

Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

Можам да се восхитувам со месеци на некоја идеја или приказна без да посакам јас да сум го напишал тоа што толку ми се допаднало. Пишувањето е лично и такво треба да остане.

 

Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

Такви недопаѓања имам. Тоа се главно лектири од образовниот канон. Ми паѓа на памет кога да се давев во Тивкиот Дон. Веројатно Каирос тогаш така сакал.

 

За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Научната фантастика и дистопијата ги открив предоцна. Хаксли, Дик, Замјатин...

 

Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

Би ги поканил Лукијан, Плутарх, Хадријан, Маргерит Јурсенар, Криста Волф...

 

Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Ставам цртички од страна со молив или боичка.

 

Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

Во војска го читав Сјоран. Тоа искуство ми беше чудно. Со овој памет сега би направил подруг избор за книга што би ја понел на остров и во затвор. Во секој случај би одбрал томови и томови непрочитани научни фантастики и дистопии.

 

Што читате деновиве?

Автобиографските разговори на Цветан Тодоров. Долг и наслада, еден живот на посредник.

 

Слики: Mike Stilkey

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото