1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Француската премиерка Елизабет Борн во четвртокот на 16 март излезе пред парламентот и изјави дека владата ќе го заобиколи гласањето во долниот дом и се повика на членот 49.3 од Уставот за да го озакони својот предлог за пензиски реформи. Откако претседателот Макрон го претстави предлог законот во јануари, милиони луѓе излегоа на улиците на протести ширум Франција. Предлог законот вклучува низа мерки, од кои најспорна е зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години.
Владата тврди дека Франција има најниска старосна граница за пензија во Европската унија и дека државните финансии тоа не можат да го покријат. Опозицијата возвраќа дека финансиите не се во толку лоша состојба и дека би биле во уште подобра состојба ако Макрон не ги намалеше даноците за крупниот бизнис и најбогатите.
Кога Борн стана во парламентот пратениците од левицата ја запеаја Марсељезата држејќи листови на кои пишуваше „не за 49.3“. Во деновите пред гласањето, за време на еднонеделните протести, Макрон тврдеше дека ќе добие доволно гласови за усвојување на законот. На крајот владата процени дека е подобро да го заобиколи гласањето и се повика на членот 49.3.
Пратениците од левицата ја напуштија седницата. Илјадници демонстранти тргнаа кон парламентот, но полицијата ги запре од другата страна на реката. Пратениците што се побунија пешки го поминаа мостот Конорд. Жан-Лик Меланшон, лидерот на левата Непокорена Франција, се обиде да ги доведе демонстрантите преку мостот, но во тоа го спречи полицијата. Тој набрзо замина. Пристигнаа уште демонстранти.
Се чинеше дека полицијата беше неподготвена за овие протести. Во самракот демонстрантите од мобилните огради на плоштадот кренаа барикади околу полицијата, која донесе камион со водени топови. Помеѓу барикадите и обелискот, на местото каде некогаш стоеше гилотина, запалија огнови. „Му ја скинавме главата на Луј XVI“, скандираше толпата, „можеме да ти ја скинеме и тебе, Макрон“. Кога се стемни полицијата ги истурка демонстрантите подлабоко на плоштадот. Толпата се излеа во една неблокирана улица, Фобур Сен-Оноре, полна со ѓубре заради штрајкот на ѓубретарите. Демонстрантите го запалија ѓубрето.
На социјалните мрежи кружеа глетки од другите градови каде полицијата ги сузбиваше демонстрантите кои ѝ враќаа со факели и молотови коктели. Беа објавени повици за нови протести следниот ден, во петокот.
Во петокот вечерта пријдов до плоштадот Конкорд од Елисејските полиња, чиј дел беше ограден и испразнет од автомобили. На влезот на плоштадот полициските возила беа наредени во девет колони. Другите делови од плоштадот беа блокирани со марици. За разлика од петходниот ден, времето беше лошо: врнеше, беше студено. Но се појавија уште повеќе луѓе. Овојпат беше запален само еден огромен оган, пред интервентната единица која го блокираше мостот. Полицијата повремено удираше во своите штитови, додека демонстрантите свиркаа и извикуваа навреди. Си заминав околу 8 часот вечерта. На стотина метри подалеку луѓето тивко вечераа во бистроата на улицата Риволи.
Десет минути подоцна полицијата почна да испукува солзавец и водени топови во масата како и претходната ноќ. Ги опколија демонстрантите. Некои возвратија, но немаше простор за повлекување освен во станицата на метрото на Конкорд. Гледав пренос во живо преку Тик Ток како полицијата ги притиска демонстрантите во станицата и ги малтретира новинарите што го снимаа тоа. Сè заврши околу полноќ.
Во саботата утрото беше објавен уште еден повик на протест: „18 часот, плоштад Конкорд, секоја вечер додека не падне владата“. Попладнето полицијата објави дека се забранети сите собири на плоштадот или во негова близина. Демонстрантите се собраа на плоштадот Италија. Стигнаа голем број полицајци од моторизираната бригада за сузбување демонстрации, единица на мотоцикли формирана 2019 година како одговор на бунтот на Жолтите елеци. Јуришаа на демонстрантите кои им возвраќаа со шишиња од кантите за рециклирање. Полицајците ги бркаа демонстрантите по улиците, ги прескокнуваа пречките, фрлаа канистри со солзавец и тепаа со пендреци. Демонстрантите ги преградија улиците со мобилни огради. Полицајците ги пробија и ноќта заврши со повеќе од стотина уапсени.
Во неделата демонстрантите се собраа кај станицата на метрото Шател. Одѕивот беше помал, имаше стотици, а не илјадници учесници. Полицијата влета меѓу мирните демонстранти и ги разби во споредните улички. Целото место беше блокирано. Некои барови и ресторани бесплатно послужуваа храна додека демонстрантите стоеја и со часови чекаа да заминат дома.
Во понеделникот беа затворени сите станици на метрото во близина на претседателската палата пред да се гласаат двата предлози за недоверба на владата. Дебатата почна во 4 часот попладнето. Три часа подоцна беа соопштени резултатите: 278 гласови за недоверба на владата. За нејзино распуштање беа потребни уште 9 гласови. Како и со предлог законот за пензиска реформа, иако овојпат во корист на Макрон, немаше доволно пратеници од десниот центар подготвени да го дадат својот глас. Набрзо потоа пропадна и вториот предлог за гласање недоверба, кој го поднесе радикалната десница, со само 94 гласа поддршка.
Гневни маси луѓе се собираа на плоштадите ширум Франција петти ден по ред во спонтани протести. На плоштадот Вобан на стотиците демонстранти им се придружија пратениците со своите тробојни појаси. „Ова не е демократија“, им рече на новинарите пратеничката на Непокорена Франција, Клементин Отен.
На другата страна од реката уште еден марш се движеше од Гар Сен-Лазар со демонстранти облечени во црно. Додека го палеа ѓубрето по улиците на патот кон југ до Лувр и Шателе, полицијата ги нападна со солзавец. Како што одминуваше вечерта, демонстрантите се поделија во помали групи ширум Париз, поставуваа барикади и палеа огнови на споредните улици.
Многу од оние кои сè уште беа надвор се собраа кај Бастилја. Кај западниот приод на плоштадот избројав 14 марици и десетина мотоцикли на единицата за разбивање демонстрации. Околу стотина демонстранти стоеја пред Јулскиот столб, подигнат во знак на сеќавање на револуцијата од 1830 година. На булеварот Ришар Леноар имаше уште марици со уште повеќе полицајци. Стотици демонстранти маршираа покрај операта. Се провлеков низ колоната до улицата Фобур Сен-Антоан, каде пожарникарите ги гаснеа уличните огнови. Таму избројав уште 17 марици од кои една имаше воден топ. Полицијата брзаше по улицата, навлекувајќи ја опремата во брзање.
Стигнав дома по полноќ и вклучив пренос во живо. Гледав како полицијата ги напаѓа демонстрантите и ги притиска во метрото. Се извлеков во последен час. Возовите беа запрени и почнаа апсења.
Се зборуваше дека на фракцијата на Макрон би ѝ користело демонстрантите да станат насилни, зашто тоа би го омекнало јавното мислење против синдикатите. Тоа не се случи. Наместо тоа, анкетите покажуваат дека рејтингот на Макрон од декември паднал за 8 поени. Синдикатите најавија следни формално организирани демонстрации пред гласањето за предлог законот за пензиска реформа. Борбата нема да престане и веројатно ќе потрае – додека демонстрантите не наполнат 62 години.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.lrb.co.uk/