Идеолошките битки на италијанската влада

03.04.2023 00:43
Идеолошките битки на италијанската влада

Италијанскиот Сенат на почетокот на март гласаше против уредбата на Европската комисија за прекугранично признавање на истополовите родители. Со овој потег Италија ѝ се придружи на Вишеградската група што ја сочинуваат Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Аргументација на десницата која го предводеше гласањето против европската уредба е загриженоста дека признавањето на истополовите родители би можело да ја поткопа моменталната забрана на сурогат мајчинството, што моменталниот италијански закон го гледа како „навреда за достоинството на жената“. Марко Скурија, секретар на Комисијата за европска политика од партијата Браќа на Италија во Сенатот, за Еуроњуз коментираше дека признавањето на истополовите парови би ја пречекорило постоечката забрана за сурогатна бременост. За Карло Фиданца, член на Браќата на Италија и претставник во Европскиот парламент, тоа е само правилна примена на законот: „Не е можно да се признае партнерот на биолошкиот родител како втор родител на овие деца бидејќи тоа е во спротивност со италијанското законодавство, а не заради Џорџа Мелони или италијанската влада“, изјави.

Меѓутоа, градоначалниците на некои градови до неодамна издаваа изводи од матичната книга на родените на деца од истополови бракови, а до промена дојде токму заради промената на власта. Еден ден пред изгласувањето на ветото на европскиот предлог Министерството за внатрешни работи принуди некои од градоначалниците, како на пример градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, да престанат да ги признаваат истополовите родители, повикувајќи се на делот од италијанското законодавство кое на истополовите парови им го оневозможува пристапот до вештачко оплодување. Додека десницата тоа го толкува како елементарно придржување до законот и тврди дека тоа не е напад на правата на децата ни намалување на правата на ЛГБТ лицата, италијанската ЛГБТК+ заедница ја прозива владата за дискриминација, хомофобна пропаганда и заострување на правилата против истополовото родителство. Алтернативниот нацрт закон кој го поддржуваат претставниците на Браќа на Италија во парламентот има за цел користењето на сурогат мајчинството во земјите во кои тоа е легално да го направи казнено дело во Италија.

Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала

Винченцо Мири, претседател на здружението Лете Ренфорд, изјави дека предлогот на уредбата на Европската комисија не би требало да ја промени моменталната забрана на сурогат мајчинството во Италија, ниту би форсирал признавање на истополовите родители, туку би се однесувал на родителите кои веќе се признаени во земјата на потекло. Активистичките групи кои се борат за правата на ЛГБТК+ заедницата загриженоста на владата од истополовата сурогат бременост ја сметаат за долготрајна опсесија на десницата, иако главно хетеросексуалните парови се оние кои го користат сурогат мајчинството. Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, откако доби наредба дека не смее да ги признава изводите на децата од странство, одлучи да бара поддршка на европско ниво, зашто, како што вели, граѓаните од него и другите италијански градоначалници бараат да ги спроведуваат овие регистрации за нивните деца да се стекнат со права, а италијанското законодавство не го слуша тоа. Притоа се повика на Европскиот суд за човекови права кој мошне јасно констатираше дека правата на децата би требало да бидат на прво место.

Сурогат мајчинството не е единствената тема со која има проблем новата влада – ветото на предлогот на Европската комисија активистите и ЛГБТК+ заедницата го гледаат како дел од поширокото кршење на правата на истополовите родители. Алесија Крочини, претседателка на Famiglie Arcobaleno, изјави: „Дури и кога левицата во 2016 година го одобри признавањето на истополовите заедници, прашањето за истополовото родителство остана во позадина“. Во Италија не постои брачна еднаквост помеѓу хомосексуалните и хетеросексуалните парови, а посвојувањето деца е исклучително тешко. Иако признавањето на истополовото родителство е можно, тоа вообичаено вклучува долготраен и скап правен процес кој главно се однесува на женските парови кои користеле вештачко оплодување или посвојување на биолошкото дете на партнерката. Задружението Лете Ленфорд и Famiglie Arcobaleno застапуваат стотици вакви случаи на суд.

Алесија Крочини, претседателката на Famiglie Arcobaleno

Една од тие правни битки се водеше околу уредбата на тогашниот министер за внатрешни работи Матео Салвини од 2019 година, која бараше да се одреди кои се „мајката и таткото“ на личните документи на децата, наместо терминот „родители“. Со пресуда на Уставниот суд од 2021 година од Собранието беше побарано да отвори регулаторна рамка за посвојување во посебни околности за истополовите родители. Премиерката Мелони во интервју го повтори своето уверување дека „детето го заслужува само најдоброто: мајка и татко“. Министерката за семејство и еднакви можности, Евгенија Рочела, често ја пласира оваа идеја на телевизија, каде вообичаено се дискутира за правата на истополовите родители без дозвола за учество на ЛГБТК+ активисти или парови, пишува Еуроњуз.

„Судиите рекоа дека треба да го имаме предвид интересот на децата, а тоа е да имаат семејство, но Италија не го прави тоа. Нашите деца сè уште ќе имаат двајца татковци или две мајки, без разлика што ќе каже некоја религиозна или десничарска личност“, коментираше Крочини, додавајќи дека заради идеолошката битка која ја води моменталната влада, децата на истополовите парови ќе растат во земја која ги дискриминира.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото