Ешер, Михелс и променливиот холандски простор

03.04.2023 13:45
Ешер, Михелс и променливиот холандски простор

Книгата што требаше јас да ја напишам, а која заради некое грубо недоразбирање ја потпишал Дејвид Винер ќе почекаше да биде спомената во моиве периодични појавувања на „Окно“, да не се враќавме пешки од „Артемио Франки“ таа сабота. Малку по интиуција, малку со џипиес, низ модерните улици и пустите сокачиња на обичната Фиренца му се прикрадовме на нашето старинско маало од зад грб, оддесно на Археолошкиот музеј и веќе опуштени пред силуетите на познатите куполи и кули зад покривите на плоштадот за малку ќе го промашевме последното тркалезно кастењачио, последното мирисно парче цукото, скромно складно и незабележливо покрај осветлениот истопорен големец под чии гигантски сводови импровизирана постела – со дебела перница и мек јорган – си беше наместил некој бездомник. Еден куп диверзии, а ние излезени уште утрото, со табани набиени како тавтологија, мегданки на тешка битка меѓу ренесансен занес и кисел пораз, веќе не бевме достојни противнички на дебелките градски сплеткувачи на улици и кријачи на патот, и никој не ќе замереше што на полноќ сме им признале пораз и не сме го виделе Мусео дељи иноченти, сирачето на Брунелески и на него,правоаголното плакатче со големина на обичен телевизор. Изложба на Ешер, најголема воопшто.

Од перспектива на врамените пејзажи на скопските прозорци изгледа сосема природно што утредента Ешер, кој ноќта ни изрипа од заседа, го баравме во огромен лак за повторно да му пристапиме од сосема нова страна. Старото сиропиталиште дељи иноченти, на невините, ниско, чисто и спокојно, со големите правоаголни дворови во средината и сѐ уште со топли мириси на дојки и испрани кошули имаше сместено 200 дела на Ешер во една долга просторија на средината свиткана со полукруг и залепена за себе како атрофирана мебиусова лента, без прозорци и со сводови кои завршуваа во стабилни квадратни столбови на средината од просторијата. На дното на столбовите останале фрески со страотни прикази на болести и костури со Кјуклуксклан качулки, само што веќе од претходниот ден знаевме дека не се ККК, туку доброволците од Мизерикордија, братството на Св. Петар Маченик.

Го следевме, се разбира, концептот на кустосите: пејзажи од јужна Сицилија и Сардинија, бели куќички на камени брда со испакнати капчиња на таваните, под брденцата жилави грмушки врз аглести карпишта и во позадината море. Потоа ситна применета уметност - корици, марки, картички, елегантни композиции, едноставни линорези. Полека, токму кога се врти кај столбот со качулката, облиците почнуваат сосема малку да се криват, но фокусот сега е на длабок контраст и на танцот на елементите. Долги композиции со обрасци, опсесивни повторувања, и конечно, преобразби. Пред крајот, популарните просторни загатки и на самиот крај, во беспрекорен црно-бел поентилизам, згуснат одраз на авторот во закривена топка, триумф на цртачката техника и на фокусот. Убаво заокружен концепт со по некое интерактивно интермецо.

Пред излезот уште една мала соба со примери од популарната култура кои ги преџвакале или директно ги презеле делата на Ешер и кабина со некакво видео... но чекај! Во тоа убаво наредено издигање на уметникот што сосема солидно задоволува и логички и естетски, одеднаш се распарува дупче и една случајно видена година го урива привидот – па делата воопшто не се хронолошки наредени, воопшто не било вака – и дотогаш спокојната, речиси незасегнатата чисто занаетска одушевеност се повлекува пред ново доживување. Кустосите раскажуваат своја приказна, но датумите ги издаваат. Благите скалички на развој на уметникот преку периодични тематски преокупации сега се виткаат како труба и сега целото творештво, од навидум пасторалните пејзажи до топчестиот одраз се прикажува како исцрпувачки напор да се реконструира ред во геометријата на видот, во физиолошки условената перцептивна закана од заблуда. Ни совршената изведба на делата не штити од ваквата вознемирувачка согледба, дури напротив, како што во очите на Базилиск или на Медуза не се гледа директно, и овде опсесивното совршенство – зашто не гледавме белешки и скици, туку внимателна, долготрајна, педантна и без недостаток изведена најкомплеска уметничка техника која фукционира наопаку, ксилографии и линографии, и самите опсесивно долготрајни и секогаш на граница на промашување без можност за поправка – значи совршената изведба сега изгледа како целоживотно одложување на средбата со понорот.

Каков пораз за маичките од музејската продавничка беше овој мачен простор дељи иноченти што буквално ни се затвори над главите! Пред костурите на Мизерикордија, сведочевме за принципиелна, генерална, животна опседнатост само со простор и уметникот од маестро се претвори во маченик. Од каде такво тешко бреме, се прашував грижливо, како за свое дете, во ведрите сончеви падинки на Италија? И се сетив. Од дома, од Холандија.

*

А, да, книгата што требаше да ја напишам и каква врска има таа сега. Насловот ѝ е Брилијантен портокал: невротичниот гениј на холандскиот фудбал и обработува една од моите најомилени теми – перцепцијата на просторот, и тоа на еден од омилените начини – уживајќи во разноликите облици на перцептивните навики и стратегии додека трага по корените на таквите преокупации. Отпосле, по читање на книгата, секоја врска и секој заклучок изгледа речиси неибежен, како некаква складна заокруженост просто да се понудила, таква целосна, на опис. Од Дејвид Винер научив дека просторот е дефинирачки елемент во холандскиот фудбал. Никој не ја структирирал играта толку апстрактно и архитектонски, заклучува Дејвид. Но сега веќе знам дека е само во наивна, површна заблуда кога додава „[o]ва не било апстрактното, игриво истражување на просторот на перспективата во стилот на ... Ешер“. „Игриво“, мрморам додека го препишувам цитатов, колку што е игрив танц по накрсни скали врз бездна од лава.

Тоа „апстрактно и архитектонски“, да зборуваме сега за главната фудбалска тема, зашто ова е сепак фудбалска колумна, има конкретизација во Ринус Михелс, тренерот на величествениот Ајакс од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години. Некои луѓе едноставно работат совесно, па Ринус полека составувал тим од неверојатни Холанѓани, со еден Данец и Југословенот Велибор Васовиќ, постар, помудар и на поклучна позиција од другите, за да ја развие стратегијата на организација на играта што станала позната како „тотален фудбал“. Нашата современа интегрална визија на овој концепт што ја знаеме како „играта на Барселона“ и која доживува целосна зрелост во, така да кажам, нејзината четврта инкарнација со Чави, тој во својата книга „Градење тим“ ја коригира со методолошка белешка дека тотален фудбал, концептот што го применувале Ајакс во седумдесетите години од минатиот век, е различен од напаѓачкиот фудбал со пресинг, што го играла Холандија на Светското првенство во 1974 година, кога според Дејвид Винер, играчите толку се занеле во својата надмоќ против (Западна) Германија на Бекенбауер, Хенес и Милер во финалето, што заборавиле дека треба да даваат голови и да победат. Во 1974, Ринус веќе ја водел Барселона со Кројф и Нескинс, но специјално за светкото првенство ја презел Холандија од Франтишек Фадрхонц и со Кројф облечен во специјалниот дрес на адидас со две наместо три црти на ракавите во центарот на тимот, ја донел Холандија до финалето. Ќе се врати уште трипати во репрезентацијата, вториот пат за злато на Европското првенство во 1988, последното на кое ќе се појават Советскиот Сојуз, Југославија и две Германии.

До ова место веќе сигурно е јасно дека под целосно влијание на Винер тоталниот фудбал на Ринус го гледам како примена на вродената холандска преокупација со просторот. Дека револуционерноста ќе ја припишам на неговото виткање – во стеснувањето и ширењето на просторот за игра во зависност од намерата на тимот да напаѓа или да се брани. Флексибилен простор, концептуална револуција, одушевено реди Дејвид Винер и заклучува, во секое од поглавјата чии броеви не бележат последователост, туку во кустоски неред тематски организираат, дека оваа концепција е директно поврзана со начинот на кој Холанѓаните отсекогаш биле принудени да го видоизменуваат просторот на нивното тесно парче земја буквало украдено од морето.

Тоа што Ајакс го играле со тоталниот приод денес секојдневно го гледаме на терените, како што го гледаме Кројфовото вртење од петлиња од осум години за кои најголем од сите е Мбапе, кои не ни чуле за Кројф и за Ајакс и за кои тотален фудбал е просто фудбал. Но, во седумдесеттите години на минатиот век фудбалот бил игра на играчи, на конкретни задачи и на дефинирани позиции, не на простори и ротации. Ајакс играле тактички ужас за противниците: притискале како муви длабоко во противничката половина, постојано ја барале топката, а се бранеле речиси качени на линијата на средина, со офсајд замка само неколку метри во полето каде почнува да важи правилото. Во одбрана станувале густа шума, без празнините меѓу играчите, во простор од дваесетина метри веќе речиси кристализиран од притисокот, што кога напаѓале, се раскрилувал како прозорец по целата широчина. Тоа отворање, таа преобразба била можна зашто во трансфер од одбрана во напад, од густа коцка во далечна перспектива влегувале – и конечно овде е тоталното на тоталниот фудбал – најдобро позиционираните играчи, не нужно оние што според оригиналната позиција биле задолжени за напад.

Во некоја смисла, вели Крол, легендарниот лев бек на Ајакс, не беше битно која позиција му е дадена на играчот, моменталната позиција на самата игра определуваше каде се движат играчите. Доколку има играч што е позициониран да преземе нечии првични задолженија, другиов е слободен, според поволноста на позицијата, да ја покрие позицијата на некој друг и така во круг. Ноќна мора за противничките тимови кои сѐ уште не знаеле да чуваат простор. Таквите ротации ја штеделе силата и го користеле умот, но затоа барале негувани играчи, какви што подоцна Кројф ќе расте во Ла Масиа, школата на Барселона. Чави и Фабрегас се најсветлите изданоци на оваа филозофија во која брзата проценка и прегледот на просторот имаат поголема вредност од обичната брзина и физичката доминација. Двајцата, кажуваат статистиките, во повеќе од 90% од додавањата го избирале најдоброто можно решение со оглед на моменталниот распоред на играчите.

Денес е сосема природно, како што се најприроден подарок магнетите со делата на Ешер, фудбалот пред сѐ да биде игра на пронаоѓање простор и тактиката да се поставува за тој да се притисне или да се развлече по потреба. Анчелоти, на пример, како врвен лисец од сосема друга фудбалска традиција, го стори истото со Реал во првиот натпревар против Ливерпул од Лигата на шампиони пред неколку месеци, кога по двата примени гола од прекрасно разлетаните Ливерпул, ја наби играта во 30 метри од својата половина и со агресивен пресинг издејствува две брзи контри и два гола. Денес речиси секој тим што може да си дозволи првокласни играчи игра некаква варијација на тотален фудбал, но пред 50 години Ајакс биле толкаво изненадување што три последователни години владееле со Европа, а за репрезентацијата на Холандија во 1974 година сѐ уште се зборува како за екипа на невротични волшебници и, заедно со Бразил на Сократес, за најдобра репрезентација која не освоила Светско.

*

Умот има ограничен капацитет за складирање – ја правдаше Шерлок својата за Вотсон шокантна рамнодушност кон хелиоцентричната теорија. Непотребните работи ќе им го земат просторот на битните, исто како што во стомакот нема да има место за сфољатели ако го наполниш со непотребни њоки. Така и јас, според изумот на легендарниот професор Јонче Јосифовски, правецот без гледање го држам со едната нога на тротоар, со другата на улица, додека во умот во голем лак се враќам не по уличките на холандска Фиренца, туку преку квадратите на следниот идеален топоним, на Кројфовата Барселона. Таа приказна за пристигнувањето на долгокосата четиринаесетка на Ајакс во градот што дотогаш бил на Св. Жорди ќе бара голема, опсесивно детална литографска колумна, и простор широк како тосканско небо или како Ајакс во напад.

Слики: M. C. Escher

ОкоБоли главаВицФото