Протестите во Македонија

04.04.2023 10:25
Протестите во Македонија

 

А постоењето е (не)удобност
и почеток на сѐ што не било
и нема да биде.

Лидија Димковска

 

Клучното прашање на протестите/побуната во Македонија е прашањето за чувството на залудноста на граѓанското концентрирање, интензивирање и артикулирање. Она што се случуваше, тие исклучително важни реагирања на граѓаните, се значајни и референтни како пресвртна точка во општеството, во кое нема историја на културата на отпорот, особено не на креативниот отпор, во кое низ историјата преовладува молкот и апатичниот конформизам. Во изминатите години, особено во периодот опфатен со оваа книга, граѓанството се случи, го пронајде своето место, излезе од културата на тишината. Повеќе од јасно е дека ни се случи голема колективна траума, болка и нејзино ослободување низ концентрацијата во заедничкиот простор. Молчевме. Потоа крикнавме. Се случи исчекор, отклон, пречекорување, чувство на вклученост, на заедништво, на заедничка одговорност, на субверзија. Од замолчени станавме храбри говорници. Од бездејствителни станавме двигателен мотор на граѓанската и на општествената турбина. Болката беше споделена, а за општествената индуцирана кома се најде иљач – развревено, гласно спротивставување и непослушност на улиците и на плоштадите. Дискурсите на тишината и на приватното шепотење ги претворивме во јавни говори. Тргнавме во поход да создадеме иманентна, апсолутна критика – во креирање на „друга сцена“. Граѓаните станаа она политичко тело кое покажа иницијатива да поставува коридори, капии, исчекори помеѓу светот и „другата сцена“ која треба да ја создаде. Но дали во немањето доволно знаење за општествените и за политичките динамики, немањето капацитет за создавање заедници во кои јасно ќе се дефинира надцелта, заедничката цел за јавно добро наспрема вечните партикуларни интереси, се создаде еден простор (кај повеќемина) што произведе чувство на залудност? Ако е така, зошто се случи тоа?

Нашата побуна наликуваше на постмодернистичката стратегија на цитатот, колажот, монтажата. И затоа имаше миговна, привремена и променлива стратегија на дејствување. Протестот е знаење, осознавење на одреден аспект од стварноста со кој нашето тело, нашиот јазик и нашето мислење длабоко не се согласуваат и со тоа почнуваат да прават отклон, дискурзивен и перформативен отклон од групата која ја осознале како јадро на кое не припаѓаат. Но, едновремено, тој отпор не би бил отпор доколку не постои онтологијата која го надминува знаењето, која со сето свое битие реагира на болката, на раната, онтологија која јасно ќе покаже дека се поставува наспрема секој облик на власт кој не дозволува артикулација на слободата.

Времето и темпоралноста играат можеби клучна улога во таквата дистрибуција. Тие ја дефинираат рамката во која непосредно го искусуваме светот - и поединечно и заедно. И токму затоа сметам дека е клучно оној кој мисли, оној кој дејствува, оној кој има порив да се бори и да менува, да го одреди вистинскиот миг, вистинската временска центрифуга во која општествениот контекст „бара“ да биде критички третиран, низ мноштвените формати на граѓанското дејствување, кое секако го вклучува и артивизмот. Наративот на времето, на вистинскиот миг во кој празниот општествен простор ќе се исполни со моќни значења и нови наративи е срцето на можниот исчекор во промена. Наративот на времето е секогаш во корелација со спроведувањето на правдата во временско/историско-општествениот простор.

Живееме, како што вели Фуко, во доба на просторот. Живееме во доба на едновременото, напоредно блиското и далечното, соседното и расштрканото, доба во кое светот се става во искушение заради тоа што се поставува како мрежа која ги поврзува точките, создавајќи дополнителен неред. Идеолошките конфликти кои лежат во основата на контроверзноста на нашата доба настануваат помеѓу посветените потомци на времето и тврдокорните жители на просторот.

Имајќи ја на ум ентропијата во која сме, имајќи ги на ум сите двигови кои се направени на граѓанската општествена сцена во изминативе дваесетина години, имајќи ја на ум патеката по која мислевме дека треба да се движиме кон создавањето демократски референци, референци на слободата, еднаквоста и солидарноста (да се изразам во рамките на еден анахрон, можеби опасен, но пожелен дискурс), чувствувајќи ги заморот и обезнадеженоста од чувството дека биеме битки со ветерници, но ветерници направени од ‘рѓосан метал, кој прави сепса во општественото ткиво, не е лесно да се започне, по не знам кој пат, приказна што ќе биде доволно конструктивна и умна за да го артикулира и операционализира и одново да го роди телото на нашиот ангажман, која ќе ги претвори сенките на нашите акции во тела, во опредметени, прецизно артикулирани политички контексти кои нема да бидат утописки, а уште помалку дистописки места на уметничките практики и на производството на социо-културниот критички дискурс.

Токму затоа, и покрај стивнатоста и замореноста, креативниот активизам и потребата од него сепак се препознаваат како процес во траење, процес кој има свои амплитуди, но за кој е јасно дека никогаш не прекинал.

Искуството на реалното

Секое, а особено ваквите општества кои сѐ уште талкаат низ темните думани и лавиринти на еманципацијата од корпоративното, сенишно сфаќање на државата како партиски посед на „политичките елити“ и ним блиските, општетсво кое наложува, дисциплинира, пропагира, врамува, одредува, општество кое насилно ги впишува „брановите“ на вашето мислење, на вашиот говор, на вашите соништа, наметнувајќи ја конечната адреса на местото каде што вашето тело треба да се вдоми – адресата на супериорниот „институционален морал“, кој е пропишан од „владетелот“ чии институции, за жал, се распаѓаат, се урушуваат и го влечат вашиот живот кон недостоинствен слободен пад, е општество во кое мора да сонувате будни, со ширум отворени очи.

Искуството на реалното е искуство на ужасот, кој често се прифаќа како невидлив и како нормалност. Ужасот е само еден од видовите на привидот на реалното и ништо повеќе. А привидот на реалното е она што највешто се воспоставува во искуството на паноптикумската моќ. Клучните прашања, за жал, никогаш не се наоѓаат во доменот на имагинарното, ниту пак му се обраќаат нему. Тие се насочени кон залудниот обид да се открие што е тоа што во радикалниот експеримент, наречен живот, има улога на реално. Секако, тоа во ниту еден пример не е вербата во ветувањето за подобро утре. Субјективните, индивидуалните способности за дејствување, како и храброста, кукавичлукот, акцијата и резигнацијата секогаш се наоѓаат во сегашноста.

На сцената е поставена острастеност по реалното кое се воспоставува со монтажата на привидот. Нам ни е потребно постојано да бидеме свесни за можноста да ни биде киднапирана сегашноста и со тоа постојано да ни бидат ширум отворени креативните рецептори за конфронтација, отпор и акција во име на реартикулацијата на привидот на реалното. Потребно ни е да негуваме автономна зона на доверба која во мноштвото различни концепти и мислења нема оперативно да се блокира, која ќе ги надмине паланечките, минорни и лични егзистенцијални стравови и без страв ќе зачекори кон хоризонтот, кој постојано ќе се поместува.

Токму затоа, креативниот критички активизам е можеби едно од решенијата за фронтална и храбра битка за воспоставување контекст во кој нема да владее виктимизацијата, како колективно орудие, туку контекст во кој ќе се создаваат макар и рабни ситуации за промена.

Мал екскурс за припаѓањето и сенките

„Кога некој јазик, или подобро метајазик, со сопствената силина е повлечен и насочен кон неактуелното (онака како што доминантната заедница ја чита актуелноста), тој е прогонет бидејќи не му припаѓа на ниту едно стадо. Така му преостанува да биде само место на афирмација, па колку и да е незабележително. Таа афирмација, која е прогонета, а која е единствено оправдан отпор кон чувството на неприпаѓање во нормираниот свет, се нарекува место на љубовта и на слободата“, вели Ролан Барт.

Но, за разлика од Петар Шлемил, кој ја беше продал својата сенка на ѓаволот, ние треба да ја организираме и реорганизираме нашата сенишност и, ако е потребно, да го киднапираме телото кое ни е украдено, но пред сè да покажеме дека тоа ни следува - политички, артистички, продукциски, социјално. Оние кои одлучиле одговорно да ја живеат својата уметност реагирајќи на општествената калдрма, во оваа земја имаат потреба да обликуваат тело според сенките кои ги сонуваат и кои некој им ги гази, а неретко ги газат и самите. Тоа тело треба да биде не нешто што ќе биде панично наметнување и формулирање кројка која била наменета за нечие туѓо тело, туку треба да биде реартикулирано, реформулирано, реинституционализирано.

Непристојноста не дозволува преговори

Но, кога веќе толку долго чекаме, тогаш требаше, во тој празен простор, едно нешто да согледаме и да осознаеме. Можеби ова веќе не е време на поетика на преговори. Потребни се акција и конфронтација во која политичкото ќе добие естетски зрела автономија, креативност и бескомпромисност, својствени за уметничката пенетрација и обликување во/на светот. И затоа, теориски, речиси епифаниски, но и апликативно, мора да се врати „утопијата на поетското“, кое ќе претставува ревоспоставување, конзервирање и реставрација на трошниот праг помеѓу пречекорувањето и непречекорувањето на исчезнатата пристојност.

Ние, насред вулгарноста на социо-културниот контекст, мораме со сите расположливи средства да се бориме не само за новите политики, туку и за пристојноста. Бидејќи е многу непристојно. А за таквата непристојност сме одговорни сите. И на крајот на краиштата, не можеме да говориме за слобода доколку сите немо/пасивно исчекуваме да исчезне неугодното во културата.

Уметничка авантура - политичка сигнатура

Политичката конфронтација треба да има креативна и аргументативна вредност, да биде техне, вештина. Еди Рама, сегашен премиер на Албанија, а тогашен градоначалник на Тирана, еднаш изјавува: „Да се биде градоначалник на Тирана е највисока форма на концептуална уметност. Тоа е уметност во најчиста форма.“

За да може да се осветли преплетувањето на крeативниот граѓански активизам, уметноста и политичкото низ историјата сè до сегашноста, треба да се артикулира едно современо поимање на она што значи револуција, имајќи на ум дека главната релација на „уметничкото“ со политичкото се воспоставува преку парадигмите за општествена и институционална критика.

Релацијата помеѓу уметничкото и политичкото е во тоа што политичкото создава нестабилности или привид на стабилност, а уметничкото го пронаоѓа и акцентира тој привид на стабилност. Креативниот активизам има за цел да ги препознае и да ги извади на површина нестабилните ситуации и да создаде едно конфликтно креативно поле на дејствување, преку кое ќе се случи промената и ќе се создаде нова вредност. Мисијата е да се биде преведувач на една во друга стварност, кројач кој ќе исцртува шнитови за постојана мобилност на вредностите, кој ќе создава идеолошко критичко опкружување, што ќе биде наспрема владејачкиот вредносен систем, па каков и да е тој.

Политичкиот отпор, налик на уметничкиот, мора да подразбира љубов, лудило, храброст, бескомпромисност, метод, знаење, структура, копнеж по праведен и подобар свет, страст по различните наличја на вистината.

Наспроти репресијата од каков било вид, се развиваат силни слободократски и еманципаторски потенцијали. Загрозен во своето опстојување, граѓанинот во таквите пригоди запловува во оазите на слободното изразување, создавајќи јадро/практика/поетика која ги ревитализира загубените критички и субверзивни потенцијали на она што ни е наметнато како преовладувачка, доминантна културна и политичка нарација. Само на тој начин, и политичкото ќе добие нова креативна и артистичка вредност.

Музеите секогаш за крај

Вака, скаменети, ќе мораме да се потсетиме какво е значењето на Музата. Музите во своето име кријат корен кој означува жар, жива напнатост, која расне од нестрпливост, копнеж или гнев, напнатост која гори од желба за спознание или дејствување. Музата оживува, поттикнува, буди, покренува. Но, таа поттикнувачка сила се раѓа во множината, во мноштвеноста, во повеќеслојноста на секоја индивидуалност која станува интегрален дел од заедницата, која има капацитет да создава, да антиципира, да менува. Да не се плашиме да ја именуваме нашата Муза. Нашата муза е музата на постојаната конфронтација - пред сè со себеси, а потоа со светот. Тоа е таа, десетта муза, која креативниот активизам секогаш треба да ја има на ум.

Слики: Banksy street art

ОкоБоли главаВицФото