Една земја, еден јазик. Или два?!

05.04.2023 15:29
Една земја, еден јазик. Или два?!

 

Во Македонија, која се смета за унитарна држава, се поделени мислењата дали земјата функционира како официјално двојазична или не. Во зависност како кој ги толкува нештата. Успехот во упорноста на туркањето на „јазичниот балансер“ во општеството, како што деновиве можеше да се слушне, е неоспорен, така што, меѓу другото, „имаме три парламенти во регионот што сега се водат на албански јазик“.

На сајтовите на некои министерства, или на општинските институции, албанскиот јазик е доминантен, а албанскиот неприкосновен лидер во Македонија повеќе од две децении се обраќа на јавноста исклучиво на својот малцински јазик. Двојазичната интеграција во Македонија, како што некои тврдат, бележи високи резултати и специфични решенија од кои Европа треба да учи.

Со својата „двојазична“ унитарност Македонија тешко дека може да се споредува со која било европска земја. На пример, со Финска, земја со два национални јазика што се во рамноправна употреба – мнозинскиот фински и малцинскиот шведски. Материјалите за донесување закони и други важни предмети во финскиот парламент, во согласност со законот за употреба на јазиците, се подготвуваат на двата јазика, но искуствата и повеќе направени истражувања јасно зборуваат дека парламентарните седници и сите други дебати што се водат од пратеничките клупи во Хелсинки се одвиваат на фински јазик, како заеднички јазик што го обединува финското општество.

Финските пратеници од редовите на шведското малцинство велат дека никој не ги опструира да го користат својот мајчин јазик под покривот на парламентот, но тоа го прават пред сè во некои ситуации кога им се чини дека е мошне природно. Како, на пример, кога во посета им доаѓаат колеги од соседна Шведска, или во рамките на некои помали парламентарни настани во кои учесниците се припадници на шведското говорно подрачје. Парламентот функционира на мнозинскиот фински јазик и тоа никому посебно не му пречи. Малцинскиот јазик во едно високоразвиено скандинавско демократско општество, какво што несомнено е Финска, функционира непречено, можеби не секогаш и во сите ситуации, но со заедничка свест и грижа не се дозволува да прерасне во средство за дезинтеграција на една општествена заедница што не сака да се откаже од сето она што се смета за висок степен на меѓусебна граѓанска ти меѓуетничка толеранција.

Малиот Луксембург е веројатно уште еден интересен пример што може да се посочи во овој контекст на повеќејазичност во денешна Европа, што во рамки на државната унитарност функционира без посебни пречки и без некој да има потреба да става слушалки, за на таков начин да го заштитува својот јазик во јавната комуникација. Три јазици се официјални во Луксембург – луксембуршки, француски и германски, но сите седници и дебати во парламентот се водат само на луксембуршки јазик, кој е позициониран како јазик за интеграција во општеството.

„Една земја, еден јазик“ е девиза што е се уште актуелна за повеќето европски земји, без оглед на тоа во колкав обем тоа навистина се отсликува во реалноста. По притисоците на кои беше изложена од страна на ЕУ, Шведска во 2009 година го призна официјалниот статус на пет малцински јазици во земјата. Но, истовремено на тоа мнозинскиот шведски беше издигнат на ниво на „главен“ јазик, токму со цел да се зацврсти неговиот централен статус како национален јазик за употреба на целата територија на државата.

Статусот на националните јазици во европските земји некаде се дефинира како главен, а некаде како официјален или службен јазик. Суштината во секој случај е иста. И покрај повеќејазичноста што е карактеристична за мнозинството европски граѓани, во последните години, а посебно како последица на геополитичките превирања предизвикани од руската војна во Украина, се повеќе се инсистира на значењето на посебниот статус на националните јазици.

Парламентот на Молдавија деновиве одобри преименување на националниот јазик од молдавски во романски, а со што, всушност, земјата се определува за својот геополитички ориентир. За Молдавија често се наведуваше дека во употреба биле дури четири официјални јазици – молдавски, руски, украински и гагауски. Со преименувањето на официјалниот јазик во романски, Молдавија се дистанцира од Русија, така што, иако молдавскиот и романскиот во практика се повеќе или помалку ист јазик, како „државен јазик“ сега се прогласува романскиот.

А во Естонија, каде што нешто повеќе од 25 проценти од населението се припадници на руско малцинство, ќе се спроведува пакет нови реформски закони со кои рускиот јазик ќе биде отстранет како јазик што се користи во образованието, и покрај тоа што мошне голем број Руси во таа прибалтичка земја и понатаму чувствуваат силна поврзаност со Русија. Целта, според естонската влада, е посилно интегрирање на руското малцинство. Таквите мерки, се разбира, можат да бидат и контрапродуктивни, така што ќе одат во прилог на реториката на Путин за „потчинетите Руси“ во соседните земји. Но заложбите на естонската влада да го заштити естонскиот јазик, а со тоа и естонската култура, се разбирливи, посебно во една мала земја што функционира како самостојна држава само три децении.

Јазично-политичката идеја за „една земја, еден јазик“ е историски гледано нова. Се јавува дури во 19 век, следејќи го развојот во духот на уште една нова идеја: основањето на националната држава. Оттогаш, токму јазикот се сметал како еден од најважните инструменти за поврзување и обединување на луѓето во рамки на државните граници.

Развојот на јазичната проблематика на државно ниво во Европа ниту сега не е поинаква на некаков посебен начин. Би било добро и пожелно да се слушне објаснување од страна оние што тврдат дека во однос на Законот за употреба на јазиците во Македонија Европа треба да покаже поголем слух и респект за дострелите што се постигнати со таквото законско решение. Би било пожелно да се слушне какви се тие стандарди што произлегле од овој закон, а од кои и други во Европа би требало да се инспирираат? И дали всушност овој закон секој го толкува низ сопствена оптика и од сопствена политичка позиција во општеството? Според многу показатели, јазикот на албанското малцинство се почесто се промовира и како втор „државен“ јазик. Во секој случај не помалку главен од главниот јазик во Македонија. Ако веќе функционира меѓуетничката владина коалиција според принципот на меѓупартиска политичка трговија, тогаш можеби и двојазичната интеграција во општеството ќе може да профункционира според истата конструкција.

Можеби и со мала модификација на споменатата девиза, која би можела да гласи и вака: „Една земја, два јазика“. И тоа на сите нивоа во општеството. Не само во парламентот.

Цртежи: Virginia Mori

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото