1017 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Саб, 15.02.2025 16:59
Во Брисел е пролет и Европската унија е во замав. Нејзините лидери и институции ги разбуди војната во Украина. „Војната нè потсети што всушност е Европа“, ми зборуваа луѓето за време на неодамнешната посета на главниот град на ЕУ.
Популарната теорија вели дека европските интеграции напредуваат преку криза. Навистина, понекогаш е така, а понекогаш не. Само најтврдите евро-оптимисти би можеле да тврдат дека европското единство навистина зајакна во бегалската криза 2015-2016 година. Но во последните две големи кризи, пандемијата со ковид и војната во Украина, на дело го видовме механизмот „предизвик и одговор“ кој историчарот Арнолд Тојнби го идентификуваше како еден од обрасците на историјата.
По забавениот почеток и унилатералните национални акции, ЕУ на економските последици од пандемијата со ковид одговори со храбар исчекор: 800 милијарди евра за закрепнување на државите членки под назив NextGenerationEU. Со еден удар се срушени две долгорочни северноевропски табуа. Сега постои заеднички европски долг, а за тешко погодените земји како што е Италија голем дел од парите се дистрибуираат во форма на грантови, а не само заеми. Европските лидери најпосле го направија она што требаше да го направат една деценија порано реагирајќи на кризата во еврозоната која првпат стана акутна во 2010 година.
Уште позначаен беше одговорот на војната во Украина. И покрај напорите на одметнатите националисти како што е Виктор Орбан, европската солидарност е зачувана преку десет рунди заострувања на економските санкции за Русија. Украинските бегалци се добредојдени ширум блокот, освен во Британија и нејзините невозможни процедури за издавање визи. По уште еден успорен почеток – така мора да биде со заедница од 27 држави – ЕУ годинава издвојува 18 милијарди економска поддршка за Украина. Не само што многу држави членки понудија импресивна воена поддршка, што би било незамисливо пред инвазијата на Путин на 24 февруари 2022 година, туку механизмот наречен Европски мировен фонд се користи за големи набавки на оружје и муниција за украинските вооружени сили, чија голема контраофанзива се очекува во следните неколку недели.
И покрај тоа, видовме стратешко лидерство на европските институции. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најде голем мотив во поддршката на Украина. Жозеп Борел, шефот за надворешна политика на ЕУ, силно се залага за проширување на делокругот на Европскиот мировен фонд. Европскиот парламент беше клучен во промоцијата на агендата за проширување на исток. ЕУ сега има голем геостратешки проект во новата рунда проширувања со Украина, Молдавија и евентуално Грузија, како и западен Балкан; друг таков проект е во меѓусебно поврзаните области за енегретска безбедност и зелена транзиција.
Унијата исто така ужива значајна поддршка од своите граѓани. Најновото истражување на јавното мислење покажува дека повеќето граѓани на Европа „главно им веруваат“ на институциите на ЕУ повеќе отколку на своите национални влади и парламенти (47 проценти позитивно, 33 проценти негативно), 45 проценти имаат генерално позитивна слика за ЕУ наспроти негативната кај 18 проценти, додека 62 проценти од граѓаните со оптимизам гледаат на иднината на ЕУ наспроти 35 проценти од песимистите. Уште една неодамнешна анкета посочува дека од излегувањето од ЕУ, во Британија расте довербата во ЕУ на сметка на британската влада и парламентот.
А сега лоши вести. Политиката на многу индивидидуални држави членки дава помалку убава слика, а надворешните предизвици со кои се соочува ЕУ се поголеми од кога било. Ако ги погледнете истражувањата на Евробарометар таму ќе го најдете редовното прашање кое отсекогаш ме интригирало. Од луѓето се бара да оценат дали се сложуваат или не се сложуваат со изјавата „(Мојата земја) подобро би се соочила со идните предизвици ако би била надвор од ЕУ“. Пред референдумот за брегзит во 2016 година со оваа изјава просечно се сложуваа 34 проценти од граѓаните на тогашната ЕУ со 28 членки. Оваа година тој процент, без непромислените Британци, е 27. Во Словенија е 42 проценти, Хрватска 41, Полска 40 и Австрија 38 проценти. Во Белгија која љубезно го споделува својот главен град со ЕУ, овој процент изнесува 33.
Тоа не значи дека некој наскоро ќе тргне по стапките на Британија. Она што ѝ се случува на Британија од 2016 година, би одвратило поголем дел од луѓето од секаква помисла на излегување. Но факт е дека има многу Европејци кои се незадоволни од Унијата, додека нивните популистички националистички лидери се обидуваат да го трансформираат сојузот одвнатре, наместо да го напуштат. Фасцинантно е што помалку Унгарци (27 проценти) отколку Французи (28 проценти) велат дека би им било подобро надвор од ЕУ, иако го имаат Орбан кој всушност го живее сонот на Борис Џонсон: го има и унгарското јагне и европските пари.
Унгарија е полноправна членка на ЕУ, но веќе не е демократска држава. Актуелните полски лидери сакаат да победат на изборите есенва и да ја продолжат орбанизацијата на полски начин. Во Холандија, каде штотуку поминав прекрасен ден по повод објавувањето на преводот на мојата лична историја на Европа, руралната популистичка партија се заканува да ја наруши холандската политика по низа неуспеси на регионалните избори.
Во Австрија антиимигрантската партија на тврдата десница Слобода води во истражувањата на јавното мислење. Италија има постнеофашистичка премиерка, која додуша се однесува разумно во врска со клучните европски прашања како што се Украина и еврозоната. Масовните протести во Франција го загрозуваат либералниот центар на Емануел Макрон. Искусните посматрачи на француската политика веќе сугерираат дека Марин ле Пен е најверојатна победничка на претседателските избори во 2027 година. Дури 57 проценти од француските испитаници велат дека „главно немаат доверба“ во ЕУ.
Тука се и надворешните закани без преседан. Најголемата војна во Европа од 1945 година. Диктаторската броманса помеѓу Си Џинпинг и Путин. Другите незападни сили како Индија, Турција, Јужна Африка и Бразил одржуваат добри односи со Русија на Путин, додека таа води неоколонијална војна против Украина, со јасни геноцидни елементи. На следните претседателски избори САД повторно би можеле да се трампизираат, со или без Доналд Трамп. Глобалното затоплување сè уште оди над границата од 1,5 степени целзиусови со последици во вид на екстремни временски прилики; светската популација надмина 8 милијарди; огромни се нееднаквостите помеѓу побогатите и посиромашните земји; сето тоа придонесува за миграциски притисоци кои потоа ги искористуваат ксенофобичните популисти во Европа. А тука е и значајниот ризик од вооружен конфликт помеѓу САД и Кина околу Тајван уште во оваа деценија. Дали треба да продолжам?
Европската унија е силна заедница. Но ќе мора да биде уште посилна за да ги совлада огромните внатрешни и надворешни предизвици.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Jaco Putker
Извор: https://www.theguardian.com/