Книжевен прашалник за Владимир Лукаш

07.04.2023 12:42
Книжевен прашалник за Владимир Лукаш

 

-Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

„Чук и Гек“, од Аркадиј Гајдар, во издание на „Кочо Рацин“ од 1960. Сè уште ја имам дома. Уредник на изданието е Мето Јовановски, а редакцискиот колегиум го сочинуваат Славко Јаневски, Матеја Матевски, Бранко Пендовски и Ацо Шопов. Приказната почнува со мала тепачка помеѓу двете братчиња Чук и Гек, а завршува со фанфари од љубов кон СССР.

-Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

„Велики народни лекар“ – монументална двотомна збирка составена од стотици кратки хорор приказни. Оттогаш, портите на моето ментално и физичко здравје се ширум отворени за сите паранои во вселената.

-На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

На поезијата на француските надреалисти. Исто така, редовно им се навраќам на книгите што ми дремат на парното во тоалетот. Тоа купче од десетина книги се менува на неколку месеци и во него има сè и сешто. Сакам да читам во тоалет, тоа ми е пасија од толкцок. Секако, книгите ги читам „со чисти раце“ – што би рекол Петар Гошев.

-Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

Ниту една. Мразам краеви, особено на добри книги. Повеќе сакам да ги претпоставам отколку да ги прочитам.
Лажам, секако. Сакам краеви, особено на лоши книги.

-Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

После читање нема каење.

-Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Во кое било книжевно дело со добра журка или бал. Би сакал да бидам некој лик, гостин на журката/балот што си поминува одлично. Нема да се плеткам во приказната, но ако случајно заспијам под пијаното (после триесет испиени коктели), само прескокнете ја страницата и оставете ме да се доспијам на раат.

-Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

На свадба и на погреб.

-Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

Кога бев клинѕур, имаше еден Британски ски-скокач, му го заборавив името, кој секогаш успеваше да оствари најкраток скок од сите останати натпреварувачи, на сите скокалници на планетава. Заборавив како изгледаше, можеби имаше мустачиња. Му бевме најголеми фанови со татко ми.
Би сакал да објавам монументална монографија за него.

-Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

„Искуства за иднината“, од Никола Груевски. Но, со поинаков наслов и поинаква содржина.

-Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

Не сум сигурен дека едно ремек-дело може да биде општо прифатено.
Sorry, Салман.

-За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Го открив Кнут Хамсун во 3 по полноќ. За жал, веќе беше предоцна за читање.

-Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

Владимир Мајаковски, Силвија Плат, Вирџинија Вулф, Хантер Томсон и Јукио Мишима, една вечер пред да здувнат од светов.

-Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Се држам до ушите. Последниве неколку години ги фотографирам интересните делови со мобилен телефон, но тоа баш и не е практична идеја, зашто најчесто ми фаќаат пајажина низ меморијата.

-Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

Би си спакувал една мноооооогу дебела книга со илјадници бланко страници и еден куп моливи и пенкала. Ќе го дознаете насловот кога ќе ме пронајдат, односно, ослободат.

-Што читате деновиве?

Песни и раскази генерирани од ChatGPT. Презабавно! За среќа, сè уште не претставуваат закана (барем не за уметноста) зашто немаат сопствена фантазија.

Слики: В. Лукаш

Слични содржини

Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото