1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
Во резиденцијата на Европската Унија на 5 април беше отворена изложбата „На работ на зборовите“ во која се опфатени дела на шест современи македонски уметници што ја разгледуваат врската меѓу зборовите, јазикот, комуникацијата и општеството.
Како дел од низата активности на Делегацијата на ЕУ со цел да се слави јазикот, особено македонскиот јазик и литература, во резиденцијата на ЕУ е поставена изложбата „На работ на зборовите“. Изложбата ги истражува јазикот и значењето, како и капацитетите и границите на јазикот како средство за изразување.
Станува збор за четврта од серијата изложби што беа поставени во резиденцијата на ЕУ, опфаќајќи ги прашањата за ковид-пандемијата и закрепнувањето, уметноста, зелениот договор и новата за работ на зборовите.
Уметниците Нехат Беќири, Славица Јанешлиева, Стефан Младеновски, Анета Попова, Александра Петрушевска Ристовска и Оливер Мусовиќ (на фотографијата) изработија лични интерпретации на многуте аспекти на зборот: зборот како дел од јазикот, зборот како средство за комуникација и едуцирање, како и феноменот на комуницирање без зборови.
На отворањето на изложбата се обратија амбасадорот Дејвид Гир, еден од кураторите на изложбата, Бојан Д. Георгиевски, и професорката од Филолошкиот факултет при УКИМ, Искра Пановска-Димкова.
Амбасадорот Гир на почетокот од својот говор на македонски јазик ја прочита песната „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов и потсети на повеќе од 400 книги, кои со поддршка од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ од други јазици се преведени на македонски, спомна и дел од македонските писатели што веќе ја добија Европската награда за литература, како и наградата „Вавилон“ за превод на дела на македонски јазик.
– Иницијативата започна со дискусии за литературата, идентитетот и преводот во „Јуроп хаус“ и ќе продолжи и во наредните месеци. Тоа е дел од пошироката посветеност на ЕУ за промовирање на јазикот како дел од богата и разновидна ЕУ, изградена од многу култури, традиции и јазици. Мотото на Европската Унија е „Обединети во различноста“. Вие не го губите вашиот идентитет или јазик на патот кон ЕУ – рече амбасадорот Гир.
Куратори на изложбата се Дијана Томиќ-Радевска и Бојан Д. Георгиевски. „Развојот на зборот и уметноста одат паралелно со нашиот, со човековиот еволутивен развој. Книжевноста е, секако, уметност самата по себе, таа е врвот на она што го достигнал зборот од својот скромен почеток до денес. Но врската на визуелната уметност со зборот и јазикот е посебна, тоа е врска на последователност, но и на надополнување. Ликовната уметност е ослободена од ограничувањето на зборовите и на различните јазици, а тие, пак, ја имаат моќта да ја дополнат нејзината порака, и да го пренесат нејзиното значење низ времето. Уметноста и зборот се двете нишки кои ја ткаат културната таписерија на едно општество“, посочи Георгиевски.
Професорката Искра Пановска-Димкова истакна дека повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските, туку и голем број познати странски научници. Иако за првпат е прогласен за службен јазик на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. „Македонскиот јазик е истовремено и мал и голем јазик – мал е зашто го зборуваат мал број луѓе, но голем е зашто на него се напишани и допрва ќе се пишуваат големи дела“, истакна професорката.
На отворањето на изложбата присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Како дел од програмата, актерот Никола Ристески рецитираше/ рапуваше четири песни од Ацо Шопов. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 5 мај 2023 година.
Извор: „Културен печат“ број 174, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.4.2023