1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Џудит (Џуди) Хјуман е меѓународно признаена застапничка за правата на лицата со попреченост и според многумина родоначелник на движењето за правата на лицата со инвалидитет. Хјуман беше во првите редови на големите демонстрации за правата на лицата со попреченост, помогна да се донесе законодавство за правата на лицата со попреченост, основаше национални и меѓународни организации за застапување на правата на лицата со попреченост и беше на високи владини позиции во администрациите на Клинтон и Обама.
Таа е коавторка на нејзините мемоари „Да се биде Хјуман*[*човечко битие]: непокајнички мемоари на активистка за права за попреченост” (Being Heumann: An Unrepentant Memoir of a Disability Rights Activist). Нејзината животна приказна е прикажана и во документарниот филм кој беше номиниран за Оскар - Камп за осакатени: револуција за попреченост“ (Crip Camp: A Disability Revolution ), во чиј фокус е престојот на лидерката за правата на попреченост во Џенед Дисабили Кампот во Кетскилс. Хјуман го посетувала летниот камп во 1960-тите, а подоцна се вратила таму како советник во 1970-тите.
Џуди Хјуман е родена 18 декевмри 1947 година во семејството на Илса и Вернер Хјуман во Филаделфија и најголем дел од животот го поминала во Бруклин во Њујорк. Во втората година од нејзиниот живот и́ била дијагностицирана детска парализа и кога станало јасно дека никогаш нема да може да прооди, лекарот ги советувал нејзините родители да ја сместат во институција, што било вообичаено во тоа време. Како резултат на жестоката борба на нејзините родители Џуди Хјуман посетувала специјално училиште, средно училиште а потоа се запишала на Факултетот на Лонг Ајленд на кој дипломирала класични студии во 1969 година и конечно студирала на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, каде шест години подоцна стекнала магистратура за јавно здравје. Њујоршкиот одбор за образование одбил да и́ даде лиценца да предава со образложение дека таа не би можела да ги евакуира ниту студентите ниту себеси во случај на избивање на пожар. Таа ги тужеше и го доби процесот и со тоа стана првата корисничка на инвалидска количка во држава во која има право да предава. Во продолжение на својата борба за граѓански права, Џуди Хјуман учествуваше на протестот кој го запре сообраќајот во Менхетен поради ветото на Ричард Никсон за Законот за рехабилитација од 1972 година и покрена двесет и шест дневно протестно седење во федералната зграда во Сан Франциско за да се промени членот 504 од Законот за рехабилитација. Џуди Хјуман беше клучна фигура во развојот и имплементацијата на националното законодавство за правата на луѓето со инвалидитет.
Џуди Хјуман во 1993-та година се пресели во Вашингтон за да работи како помошничка на секретарот за канцеларија за специјално образование и рехабилитација во Клинтоновата администрација, и таа работа ја работеше до 2001 година. Од 2002 до 2006 беше главна советничка за прашања на инвалидитет и развој во Светската банка. Од 2010 до 2017 година, за време на мандатот на Обама, работеше како прва специјална советничка за меѓународно право на лица со инвалидитет во Стејт департментот. Освен тоа, именувана е и како прва директорка на Одделението за услуги на лица со инвалидитет во округот Вашингтон.
Џуди Хјуман преку својата позиција во Вашингтон влијаеше на надворешната политика на владата и американските донатори да поддржат инцијатива за самостоен живот во земјите во развој, кои многу често беа иницирани од луѓе кои биле обучувани во центрите за самостоен живот во САД. Имаше значајна улога во основање на Европската мрежа за самостоен живот од почетната идеја до конференцијата во Стразбур во 1989 година, на која и самата присуствуваше. Своите идеи за самостоен живот им ги претстави и на волонтерките и волонтерите на Центарот да се живее исправно и Здружението на студенти со инвалидитет во Нови Сад на 3 октомври 2015 година.
Џуди Хјуман беше позната во светот по јаснотијата на својата визија, харизма, и дарбата да направи правата на луѓето со инвалидитет да се подразбираат за сите – од преставници на мали локални групи на луѓе со инвалидитет, до високи државници.
Извор: portaloinvalidnosti.net