„Безумна цензура“: Кој и зошто ги преправа книгите на познатите автори?

12.04.2023 11:08
„Безумна цензура“: Кој и зошто ги преправа книгите на познатите автори?

 

Одлуките на задужбините на неколкумина книжевни имиња делови од добро познатите дела да бидат изменети и прилагодени на моменталниот сензибилитет разгореа жестока дебата во книжевниот свет и меѓу читателите: дали треба да се ажурираат класиците и, ако е потребно, како да се направи тоа.

Од романите на Агата Кристи исфрлени се изразите како „ориентално“, „Цигани“ или „домородци“, а преработените верзии од книгите на Ијан Флеминг од серијалот за Џејмс Бонд ќе бидат прочистени од расистичките и сексистичките фрази. Од класичните дела на Роалд Дал веќе се избришани придавките како „дебел“ и „грд“, заедно со референците поврзани со полот или бојата на кожата на ликовите.

И додека некои измени во книгите направени изминативе децении не предизвикаа голем интерес, сегашните бројни и систематски обиди за исфрлање на навредливиот јазик привлекоа големо внимание на јавноста. Оваа практика ги наведе издавачите и носителите на авторски права и на наследството на писателите да се соочат со прашањето како да ги сочуваат првобитните намери на авторите, а истовремено да обезбедат нивните дела да останат блиски до читателите и сè уште да се продаваат.

Пронаоѓањето адекватна рамнотежа е чувствителен потфат: делумно деловна одлука, делумно вешто пренесување на сфаќањата на авторите од минатите времиња и нивно прилагодување на денешницата.

„Прабаба ми не би сакала да навреди никого“, вели Џејмс Причард, правнук на Агата Кристи и претседател и извршен директор на Агата Кристи Лимитед. „Не верувам дека во нашите книги би требало да го оставиме она што би се нарекло навредлив израз бидејќи, искрено, единствено се грижам луѓето да можат засекогаш да уживаат во приказните на Агата Кристи“.

Финансиските и културолошките влогови се огромни кога станува збор за ваквата практика. Авторите како Дал, Кристи и Флеминг заедно продадоа милијарди примероци книги, а нивните романи се преточени и во лукративни филмски франшизи.

Во 2021 година Нетфликс ја купи компанијата Роалд Дал Сторис, заедно со правата за класичното дело Големиот добродушен џин, по цена од милијарда долари, како што беше објавено. Ако делата би останале исти, со навредливи и повремено отворено расистички фрази, би можеле да ја одбијат новата публика и да ја нарушат репутацијата на авторот и неговото наследство.

Но измените во текстот подразбираат и ризици. Критичарите истакнуваат дека постхумното (пре)уредување на книгите е повреда на творечката автономија на авторот, дека тоа може да значи и цензура, а дури и добронамерните обиди делото да се прочисти од знаци на нетрпеливост можат да ја отворат вратата за подрастични измени.

„Би требало да подразмислите за преседанот што го правите и што би се случило ако некој со поинакви предиспозиции или поинаква идеологија би дофатил молив и би почнал да пречкртува“, вели Сузан Носел, извршна директорка на американскиот ПЕН.

Таквите интервенции можат да ги променат и книжевното и историското сведоштво така што ќе ги избришат доказите за предрасудите на авторите поврзани со културата и расата, а можат и да ја поткопаат можноста на книжевното дело да го рефлектира местото и времето во кое настанало. „Некогаш историската вредност е тесно испреплетена со причина нешто да биде сфатено како навредливо“, напоменува Носел.

А тука е и веројатноста дека ќе се побунат и читателите кои го ценат оригиналот. Во февруари, по вестите дека издавачот на Дал променил стотина зборови во неговите книги за деца, фановите на Дал збеснаа. Како што извести британски Телеграф, внесувањето измени започнало во 2020 година, откако во задужбината на Дал почнале да го прегледуваат делото на авторот, а како консултант при проценката ја повикале организацијата Инклузив Мајндс, основана со цел да промовира „инклузија и пристапност во книжевноста за деца“.

Веднаш следеше силна реакција. Салман Ружди интервенциите ги нарече „безумна цензура“ и твитуваше дека „на задужбината на Дал треба да ѝ биде срам“. Филип Пулман за Радио БиБиСи 4 рече дека би било подобро да се престане со печатење на новите изданија на книгите на Дал отколку во нив да се внесуваат измени без согласност на авторот. Приговорите беа толку гласни што издавачот на Дал, Пафин, најави дека ќе сочува непроменет текст за читателите кои преферираат оригинали.

„Нема ништо необично во тоа, заедно со ажурирањето на другите детали, како омотот на книгите и изгледот на страниците, да се преиспита и јазикот што е користен“, наведе портпаролот на компанијата Роалд Дал Стори во февруарското соопштение, додавајќи дека настојувале да ги сочуваат „дрскоста и остриот дух на оригиналниот текст“.

Прашањето како да се соочиме со навредливиот јазик, особено со расистичките изрази и слики, во класиците одамна е отворено кога станува збор за книжевноста за деца. Во новото издание на Хаклбери Фин, пред приближно една деценија, придавката поврзана со расата е заменета со зборот „роб“ заради загриженоста дека навредливиот збор како последица би можел да предизвика романот да престане да се изучува во училиштата. Наслови биле повлекувани во поекстремни примери. Тинтин во Конго на Херж беше повлечен во 2007 година од полиците на одделот за деца во библиотеките и книжарите заради загриженоста дека е расистички. Оваа книга денес во САД потешко може да се набави.

Неодамна и од задужбината на доктор Сус беше најавено дека ќе биде запрено печатењето на пет негови книги заради претерување во расните и етничките стереотипи. Меѓу нив е и неговата прва книга за деца, Мислам дека тоа го видов во улицата Малбери, првпат објавена 1937 година, во која грубо е карикиран еден Азијат.

Издавачите и задужбините редовно ги ангажираат постарите текстови пред повторно да ги објават, но последниве неколку години почнаа посистематски да ги прегледуваат книжевните класици за да пронајдат и изменат пасуси кои би можеле да ги навредат читателите. Во многу случаи, наведуваат издавачите, интервенциите се однесуваат на зборови кои можат да се избројат на прстите на една рака и не влијаат на целината на приказната.

На настојувањата постарите дела да се направат поинклузивни, поединци во издаваштвото гледаат како на знак на напредок, но под услов измените да се внесат внимателно, а не да се бришат навредливите изрази непромислено и без оглед на деликатноста и општиот поглед на авторот.

„Мислам дека таа практика е добра, исто како што се ажурираат учебниците“, вели Хана Гомез, шефица на тимот уредници задолжени за чувствителни прашања во компанијата Кевин Андерсон и соработниците, која нуди проверка на културолошката прецизност и други уреднички услуги за писателите и издавачите. „Голем проблем е тоа што културолошката прецизност или чувствителноста се третираат како нешто што лесно може да се вметне или да се замени“.

Некои автори, соочени со критики заради навредливи пасуси, реагираа така што самите менуваа делови од книгите. Во седумдесеттите Дал сам внесе измени во Чарли и фабриката за чоколади. Бидејќи се соочи со обвинувања дека неговиот опис на фабричките работници како Пигмејци со темна кожа од Африка е расистички, тој работниците ги претвори во Умпа Лумпа, мали луѓе од земјата Лумпаленд.

Но кога авторот/ката веќе не е жив/а, постхумната ревизија умее да биде значително потешка.

Тео Даунс Ле Гвин, синот на писателката Урсула К. Ле Гвин и носител на правата на нејзиното книжевно дело, се изненадил кога кон крајот на минатата година му пристигнал допис од издавачот со молба да дозволи измени во нејзиниот серијал книги за деца Catwings. Оваа книга, првпат објавена 1988 година, зборува за група мачиња родени со крилја. Најпрвин го растргнувало прашањето дали да ги дозволи измените, односно да бидат заменети неколку зборови во неколку книги. „Урсула исклучително внимаваше на зборовите“, така што со измената нема да имаат исто значење“, рече тој во интервју.

На крајот сепак одлучил дека читателите ќе имаат корист од ревизијата. Во новото издание, кое наесен ќе го објави Atheneum Books (Simon & Schuster), заменети се неколку зборови, меѓу кои се „сакат“ и „глупав“, а додадена е и напомена за читателите во врска со ажурирањето.

„Донекаде ќе биде изгубена по некоја јазична нијанса, но нешто и ќе се добие. Добивката е во тоа што ќе се избегне можноста некој да се почувствува навредено“, вели Даунс Ле Гвин.

Во најновиот циклус ревизии на некои од романите на Агата Кристи (за претходните измени веќе пишуваше Телеграф), во задужбината ги прочешлале книгите во потрага по изрази кои би можеле да ги навредат читателите. Причард вели дека не се води од чувствителноста на читателите, туку сам ја одобрува секоја измена, понекогаш по консултации со другите во задужбината.

Повеќето измени се незначителни, а се однесуваат на впечатливи изрази на нетрпеливост. „Зборовите што ги отстрануваме се оние кои, зборувајќи искрено, не сакам да ви ги кажам вам, а ни вие не сакате да ги печатите во вашите весници“, вели тој.

Поопширни измени се направени во Смрт на Нил, делумно и зашто задужбината објави ново издание минатата година, во време кога беше прикажана филмската адаптација на романот, вели Причард. „На пазарот доаѓа нова публика, тоа потенцијално не се традиционални читатели на книги, така што некои од измените што ги направивме можеби беа малку поголеми од нашиот вообичаен лесен допир“, наведува тој.

Некои од измените се: изразот „ориентално“ е отстранет, описот на расата на црниот слуга е исечен, а исфрлени се и референците за Нубијците. Претходните ревизии на делата на Кристи, направени исто така постхумно, се покажаа како исплатливи, наведува тој. Придавката поврзана со расата е отстранета од насловот на една од нејзините книги во Британија уште во осумдесеттите години; со променет наслов во И не остана ниеден останува една од најпродаваните книги на Агата Кристи, наведе Причард.

„Ако не ги внесевме измените“, додаде, „веројатно ќе беше сосема необјавлива“.

 

Колажи: Toon Joosen

 

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: The New York Times

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Наука / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото