Божјиот последен Збор (кон изложбата „Учителот, страдањето и учеништвото“)

13.04.2023 14:09
Божјиот последен Збор - Кон изложбата „Учителот, страдањето и учеништвото“

 

Често за Исус Христос се вели дека имал дванаесет ученици. Тоа е во една конкретна смисла точно, но не и исцрпно претставување на Неговиот живот на Земјата. Бројот на Исусовите ученици, надвор од потесниот круг
на дванаесетте е далеку поголем, а во него се вклучени и многу жени.

Пристапот на Исус кон неговите ученици ги содржи суштинските елементи на она што во христијанството се нарекува учеништво – врска меѓу учителот и ученикот во која „поуката“ ни од далеку не ја исцрпува динамиката на односот. Целата личност на учителот и целосната личност на ученикот мора да бидат вклучени во тој однос. За овој процес да биде целисходен во него не смее да има „тајни“. Секој го дава своето сѐ.


Оваа изложба е посветена на животот на Исус Христос со неговите ученици, а се состои од избор на дела на темата на еден учител, Владимир Георгиевски и еден ученик, Никола Пијанманов. И двајцата се сметаат за Христови ученици, па тој факт се огледува во нивните дела.

Изложени се шеснаесет слики од опусот за Страсната недела и Велигден. Оригиналноста на двата автора и сличностите во нивните дела сведочи дека во нивниот однос не се работи само за она што е дидактично и образовно. Јасно е дека ова е неколкугодишно патешествие на „учеништво“.

Покрај тематската „храброст“ во ова постмодерно време да се наслика сериозен опус на дела со библиска, а особено со новозаветна тематика, Георгиевски и Пијанманов покажуваат заеднички уметнички сензибилитет
и стил, како и преданост на евангелската порака која го надминува чисто естетскиот или уметничкиот интерес. Нивните дела зборуваат за нивната лична вера. Деталите посочуваат кон заложба за теолошко толкување определена библиска сцена.

Севкупната изложба во текстот подолу ќе ја претставам низ десет дела, пет на учителот Георгиевски и пет на ученикот Пијанманов.

 

Имајќи го предвид горенаведеното, рецензијата ќе ја почнеме со делата на учителот. Првиот коментар ќе биде за „Влегувањето на Христос во Ерусалим“. Веднаш доаѓа до израз она што не е на сликата. Оваа сцена е најпозната под името „Цветници“. Никој во толпата, која го пречекува Христос, нема какво било расцутено или палмино гранче. Се веат црвени бајраци носени од луѓе кои се сѐ само не воодушевени. Нема ни метафорична можност некој да би извикал, „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на висините“. Ова се поразени луѓе, болни, сакати, осиромашени и понижени.

Георгиевски има своја теолошка визија за овој настан. На него тој ги нацртал сите оние што низ годините на јавното проповедање на Исус откриле во него исцелител, избавител и заштитник. Сега се тука, но како и во другите опишани случки со нив, тие се први да ја разберат точната причина на овој „триумфален“ влез на Исус во градот кој постојано ги убива своите пророци. Наспроти емотивните восклици „осана“, соочени сме со оние што веќе плачат заради неизбежниот тек на нештата во страсната недела. Под месечевиот срп, најавувајќи ја сончевата еклипса при распнувањето, оваа заедница на „отшелници“ е потресена заради цената која Исус се подготвува да ја плати.

„Вечноста“ на темата Георгиевски ја претставува со еден анахрон детаљ. Инвалид седи во количка со модерни тркала. Тајниот уметнички јазик зборува преку светлината. Тука може да се забележи дека мајсторската употреба на контрастот на светлината на сликите на Георгиевски и на Пијанманов покажува како едниот влијаел врз другиот, но и двајцата недвосмислено „учеле“ и се инспирирале од Ел Греко. На оваа слика се работи за златните нијанси кои како зраци се пробиваат низ црната заднина на платното.

На две места на сликата светлината има симболично значење. Познато е дека Мојсеј ги добил Десетте Божји заповеди изделкани на две камени плочи кои завршиле во ковчегот на заветот. До тој ковчег можел да пристапи првосвештеникот само еднаш годишно. На сликата гледаме како една фигура со џуџест раст (свештениците не смееле да имаат никакви телесни аномалии!), и непропорционално голема дланка, со показалецот покажува кон нешто што многу личи на плочите со кои е често претставуван Мојсеј. Луѓето со физичка попреченост се прашуваат дали има надеж за нивното телесно, но и духовно исцелување. Исус седнат на магарето исполнува древно пророштво во чие исполнување се состои и одговорот на ова прашање.

Гулабот како симболот на Светиот Дух, со златен одблесок врз телото и крилјата сличен на крст, прелетува ниско над земјата. Темнината, болката, понижувањето и очајот, ќе бидат однесени на крилјата на крстоликиот Свет Дух. Божјиот закон ќе биде целосно исполнет од Христос така отворајќи го патот за живот во духовна слобода.

Во страсната недела патот до слободата изгледа најдалечен. Христос не е ниту еден миг сам, а е целосно осамен. Нема начин да биде разбран дури ни од оние што му се најблиски. Дванаесеттемина се сведоци на секој чин
низ кој Тој ги воведува и го слушаат секој Негов збор, но не можат да разберат. Матрицата им е сѐ уште по терк на светот околу нив.

На сликата „Молитва во Гетсиманија“ заспаните ученици се стуткани до Исус, кој во седечка положба му се моли на небесниот Татко да го одмине оваа страдална чаша. Дури и во овој миг еден од учениците, за перница ги зел нозете на Исус. Толку блиску, а толку далеку. Играта со светлината е пак присутна на сликата. Еден дел на крошната на маслиновото дрво како да гори, слично како кога Мојсеј за првпат ќе се сретне со Јахве во разгорената грмушка. Иако ова е „темен“ час за светот, Георгиевски умешно ја доловува Божјата самообјава. И во случајот на грмушката во пустината и на маслинката во градината оној кој се објавува вели „Јас сум оној којшто сум“. Преку скршеноста на Исус, пукнатините и распрснатите парчиња на скршените ученици ќе се обноват. Иако во Гетсиманија, кога му се најпотребни на човекот Исус тие спијат, еден ден кога ќе бидат скршени заради сведоштвото за Него и тие ќе ја разберат тајната – за да се создаде многукратен живот семето првин мора да биде закопано во земја и да умре.

Во креативната замисла на овој миг, Георгиевски го насликал Исус со молив во рака. Како самиот да го пишува овој дел од евангелието, своевиден личен дневник. Богочовекот точно знае што ќе му се случи и токму во тој миг запишува дека оваа вечер ќе му прокапат капки крвава пот зашто е напуштен од сите.Оваа напуштеност е потресно претставена со сцена која е ретка во општиот уметнички опус за страсната недела. Се однесува на миговите кои му претходат на судењето пред Пилат и е соодветно именувана, „Пред судењето кај Пилат“.

Георгиевски е голем сликар за што сведочат неброени
негови дела, но оваа слика е вистински пример на таа големина. Кај големите мајстори, умешноста и техниката на сликањето е суптилно поврзана со нивниот интелектуален гениј. Георгиевски го замислил она што во текстот само се претпоставува. Измаченото тело на Христос е во
положба на коленичење, а лицето истовремено покажува емоции на најдлабока тага, но не и на страв или на очај. Стаорците се очевидци на сцената. Очудено се загледани во него или пак, можеби се повеќе заинтересирани за крвта која се слева по дрвените талпи? Но тие гледаат и
во нешто друго. Тажното лице на Исус е во смирение. Светлината на свеќата создава мал „ореол“ околу Неговата десна рака и ногата. Мал симбол за блескавата објава на гората на преобразувањето. Оваа скршена човечка фигура, која ѝ се предала на својата судбина, не е никој друг, туку
Месијата за кој небесниот Татко вели, „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ Тој пак, безусловно ја извршува волјата на својот Татко.
Топката е стркалана по снежната покривка и лавината е неизбежна.

Целиван е со предавнички бакнеж, учениците се разбегани, толпата вика, „Распни го“, а претставникот на римскиот император е зачуден од она што го слуша. Оној чиј живот зависи од неговата одлука му вели, „Моето царство не е од овој свет“. Чашата за која Исус во Гетсиманија моли да го
одмине, е прикажана на оваа слика. Со трнова круна на главата, чашата в рака значи „здравица“, тоа дека ќе ја испие за да го оздрави светот. Затоа Неговото царство не е од овој свет. Анахронично претставени, православен и римокатолички епископ, монаси, „водачи“ во деловни костуми и еден полничок генерал се надеваат само на една пресуда – смрт! Инсигниите на едно од знамињата имаат современ изглед. Деталното познавање на Библијата на Георгиевски го наведува да се сети дека „над сè“ ... треба да си го чува „своето срце зашто животот извира од него“. Но, исто така дека срцето е лукаво. Лесно е вината да се проектира на некои таму некаде пред две илјади години.

Но денешните центри на моќ не би се разликувале од центрите на моќ кои го осудиле Исус без вина и го убиле со страшна смрт тогаш. Никој од нас не може да се изземе. Надежта е токму во тврдењето на Исус дека Тој владее на сосема поинаков начин од оној на овој свет. Затоа, пурпурниот плашт ставен врз Него како чин на понижување и на исмевање истовремено сведочи дека пред нас на сликата стои единствениот вистински цар над целата вселена. Босите нозе и крвавите траги од острите трња се симбол на таквото владение.

На сликата „Исмевање Христово“ релативно „студената“ сцена од „Моето царство не е од овој свет“, каде што присутните лицемерно држат до своето достоинство кое го немаат, е сменета со сцена каде што маските се паднати. Ликовите се толку обземени од злорадоста да се посведочи туѓа трагедија така што се класична слика на „психологијата на толпа“.

Конвенционалните воздржувања се повлекле пред катарзичноста на чувството дека постапките немаат последици. Оваа процесна пародија е со сите елементи на славеничка процесија. Има транспаренти, знамиња и
труби. Крстот и превитканото голо Исусово тело се безвремени знаци дека секоја моќ, било тоа да е политичка, религиозна, економска или воена, е во директен конфликт со Божјото царство кое го проповеда Христос. Сцената
би можела да биде на театарска бина. Оние со вистинска моќ, кои ја режираат „претставата“ се зад пурпурните кулиси.

Иронијата е дека во највистинска смисла на зборот токму ова се случува зад кулисите на крстот и на измаченото тело на Исус. На овој беспомошен гол човек ништо не му се случува без тоа да биде дозволено од Бог.

Телото без парче облека на него го носи крстот, товарот на колективниот грев на светот. Ова тело е ранливо, распадливо и смртно. Истоветно е со состојбата на сето човештво. Но ова тело е и телото на отелотворениот Бог! Со својата смрт ќе ја порази смртта.

Никола Пијанманов е ученикот во дијалог со својот учител Георгиевски.Библиските, а особено новозаветните мотиви во неговата уметност се вообичаени. Определени елементи во техниката, изборот на боите, играта со светлината и карактеристичната „транслуцентност“ на белата боја се
препознатливо влијание на учителот врз ученикот. Белата нијанса на сликата на Пијанманов „Христос и Јуда“ ја користи и Георгиевски во „Влегувањето во Ерусалим“. Апокрифната анегдота дека Леонардо за модел на Исус и на Јуда во „Тајната вечера“ користел ист модел, кај
Пијанманов добива теолошко-уметничка потврда. Иако со различни изрази, Исус и Јуда би можеле да бидат браќа. Како и на неговиот учител Георгиевски и на Пијанманов теологијата не му е туѓа.

На ова се надоврзува и фактот дека и двајцата се „нурнати“ во онтологијата, космологијата и антропологијата на источното христијанство, она во кое овие три гранки на теологијата ги воспоставил Иренеј Лионски, епископ кој живеел на Запад, но по потекло бил од Мала Азија.

Според ова теолошка мисла отелотворувањето на Христос е преземање на идентичната состојба на општото човештво. Со други зборови, личноста Христос врз себе зела општа човечка природа. Така Тој е секој од нас. Исус и Јуда се потполно еднакво човечни. Исус е истовремено и Богочовек, па така може и во оваа смртна човечка природа да ја плати цената за гревот – смртта, со сопствената смрт. Сликата е емотивен приказ на архетипичното предавство. Јуда се подготвува да го бакне Исус како знак за храмската
полиција кого треба да уапси. Крвавата црвена наметка врз Јуда е во контраст со блескавата белина на велот и на наметката на Исус.

Во книгата на пророкот Исаија, Јахве Бог, зборувајќи за гревот вели, „Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели“. Пијанманов со врвна умешност го насликал овој стих. Аловото на кое му треба прошка ќе стане блескаво бело врз сите кои ќе се покаат.

Солзата во окото на Јуда како да најавува ваков исход. Но таа не е покајничка. Според некои новозаветни коментатори и толкувачи Јуда го извршил предавството за присилно да го втурне Исус кон воспоставувањето на воено-политичко јудејско царство. Кога сфатил дека сѐ што постигнал е Исус да заврши со смрт на крст, разочаран и очаен извршил самоубиство со бесење. Иако три години живеел со Исус, не успеал да разбере дека Неговото царство не е од овој свет.

Ваквата заслепеност доаѓа до особен израз во сцена на слика со исто име како и на Георгиевски, „Исмевање Христово“. На прв поглед, освен тематиката двете слики не изгледа дека имаат сличности. Изборот на бои и претставените ликови се различни.

 

Христос на Георгиевски е гол, Христос на Пијанманов е целосно облечен во црвен хитон. Лицето на сликата на Георгиевски е скриено, на Пијанманов е во профил. Сепак внимателното набљудување покажува изненадувачки сличности меѓу учителот и ученикот. И кај едниот и кај другиот лицата на толпата се безизразни.

Најстрашното не е тоа што се ситат на Неговите маки, туку фактот дека во суштина се рамнодушни. Кога би биле страсно посветени на омраза, оваа страст има шанса да биде превоспитана и да се преобрази во љубов.

Рамнодушноста е многу поопасна состојба и за оние кои се наоѓаат во неа и за оние кон кои е таа насочена. И на двете слики Христос потклекнува под тежината на крстот. Иако Георгиевски избрал толпата да ја сочинуваат лица од модерниот свет, а Пијанманов од определена историска дистанца, и во двата случаја се работи за шоу поточно за циркус. Спектакл кој има за цел да се понижи и да се руга.

Пијанманов тоа го постигнува со повеќеслоен колорит и со поставувањето на ликовите во разни положби на
движење. По ова прашање Пијанманов се решава за поинакво решение од она на Георгиевски чиј приказ на Христос под крстот е со наведната глава и со спуштена десна рака. Пијанманов го слика Христос во миг кога
погледот му е вперен во насока во која покажува со подигнатата десна рака. Гледа и покажува кон Голгота. Ученикот решил да ја дораскаже приказната почната од учителот. Христос кон местото на распнувањето оди
своеволно. Разулавената, а сепак рамнодушна толпа нема никаква контрола над Неговата судбина иако е уверена во тоа.

Исклучителната префинетост во уметничкиот метод и стил на Пијанманов доаѓа до израз на сликата „Распетие“. На платно со повеќеслојни нијанси на темносина боја хиперболично е претставено распнатото тело на Христос. Димензиите се во диспропорција. Нозете и рацете се и премногу долги и премногу тенки. Телото е поставено во класична положба како на иконите. Приказот на лицето исто така. Оваа стилизирана фигура на распетие не само што е хипербола, туку и метафора.

Широко раширените раце на Христос агонијата на мигот не ја изразуваат преку акт на грч, туку преку акт на прегратка. Човештвото во Христос, многуте логоси изговорени во постоење, сега се вградени во Неговото тело кое е подготвено да ги прегрне. Така во едниот логос – Божјиот Збор има место за сите поединечни логоси кои преку говорот „нека биде“ ја добиле својата индивидуалност. Како што Христос на Георгиевски му вели „нека биде Твојата волја“ на Таткото во Гетсиманија, така Христос на Пијанманов му вели „нека биде Твојата волја“ на крстот. Токму затоа, ни вели Јован во своето евангелие, „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“.

Оние што го согледале тоа и во миговите на распнувањето и на смртта на Христос се оние што го оплакувале Неговото мртво тело. На оваа тема Пијанманов насликал моќно претставен триптих. Во средината лежи Христос веќе симнат од крстот. Карактеристичната бела транслуцентност,
таа што ги обединува Ел Греко, Георгиевски и Пијанманов, доминира на платното, како да го најавува воскресението. Развеаниот бел вел би можел да биде и „раздвижување“ на животодавниот Свет Дух. Како што во почетокот „лебдел“ над пустата и празна бездна без живот сега „лебди“ врз
безживотното тело на Христос кој е веќе во „бездната“ слегувајќи во адот.

На левата и на десната страна на триптихот се две мироносици кои ја оплакуваат Христовата смрт. Фигурата оддесно во раката држи дел од трновиот венец. Онаа одлево е целосно внесена во траорната стварност дека Христос, Божјиот Син, не е веќе меѓу живите.

Пијанманов решава во изборот на дела за оваа изложба да не прикаже класично воскресение. Но тоа во неговите дела е често претставено преку цвеќињата весници на пролетта. На некои дела тоа е кокичето. На оваа слика, како што е и именувана „Венец и качунка“ тоа е качунката. Венецот
ја завршил својата задача и сега е фрлен на земја. Врз него сѐ уште има крвави траги кои сведочат за функцијата врз главата на Исус. Покрај крвавата боја низ венецот се прелева и пурпурната. Но тие се насреде белината на просторот. Потсетник за претворањето на црвеното во снег и на пурпурното во волна. Насреде стои мала кревка качунка. Зелени листови и стебленце врз кое стои прекрасен жолт цвет. Смртта е поразена!

Животот е конечен и вечен победник. Заедно со Јов, секој кој верува во Господ Бог може да каже, „Заштитникот мој е жив; Тој го има последниот збор на оваа земја“. Во Христос тој Збор се отелотвори, умре и воскресна.

Божјиот Збор го има последниот збор кој одекнува низ вечноста.

 

Учителот и ученикот, Георгиевски и Пијанманов во своето уметничко творештво оставиле значителен простор за да ја продолжат долговековната традиција во сликарството инспирацијата да се црпи од библиски теми.

Оваа нивна храбра одлука вродила со дела кои се вградени во таа традиција. Благодарение на ваквиот нивен светоглед и пристап во уметноста ние, нивните современици, но и генерациите што доаѓаат, ги имаат и ќе ги имаат радоста и привилегијата во нивните слики да го видат Христос и да ја „слушнат“ неговата порака пренесена низ уметничките достигнувања на дваесеттиот и дваесет и првиот век. Божјиот збор е секогаш последен, но тој мора да се „чуе“ на разбирливиот јазик на секоја генерација. Георгиевски и Пијанманов го зборуваат токму тој јазик. Еден е Логосот, а логосите се неизмерно многу соодветно со Божјата штедрост.

Автор: д-р Коста Милков - Балкански институт за вера и култура

ОкоБоли главаВицФото