Филхармонија и Џез оркестарот имаат повеќе заеднички вредности отколку разлики

14.04.2023 12:22
Филхармонија и Џез оркестарот имаат повеќе заеднички вредности, отколку разлики и затоа треба да се помират во име на тие вредности и солидарноста

На одлуката на Министерството за култура којашто со акламација ја усвои Владата за формирање на Национална установа „Оркестар за џез музика“ мастилото уште се не беше засушило и наместо целата јавност да се израдува и поздрави оваа иницијатива, пристигна најмалку очекуваното – добредојде не им посакаа нивните колеги, музичарите и другите вработени во НУ Филхармонија на Северна Македонија.

Само на кратко да се потсетиме на што треба(ше) да се радуваме: После повеќе години откако згасна ревијалниот оркестар на Македонската радиотелевизија кој и после исто толку години силна вика и повика да се обнови или да се формира нов, Министерството за култура ја донесе одлуката да го прифати предлогот на Здружението на џез музичарите и да се институцинализира „Оркестар за џез музика“. Со оваа исправна одлука, практично се врати на музичката сцена нешто што беше Ревијалниот оркестар на МРТ, овој пат со додадена вредност, акцентот да биде ставен на џез музиката.

Со таквата одкука сосема јасно стана дека со формирањето на НУ Оркестар на џез музика, Министерството за култура донесе прогресино решение и новина на културната мапа на државата, со цел поголем развој на џез музиката и нејзина промоција, да се етаблира џез оркестар во кој членуваат докажани музичари кои и досега во соработка со Филхармонијата имаа успешна соработка и заеднички настапи, како оној легендарен концер во истата зграда, на 12.12 2017 година, насловен „Baby It’s Cold Outside“.

Овој концерт, кој силно ја потврди потребата од национален институционален џез оркестар, се одржа во истата зграда, во истиот објект, кој како локација за оваа новоформирана културна институција „Оркестар за џез музика“ го предложи Министерството за култура и Владата и тоа како времено решение.

Зградата на Филхармонија, беше проценето, во овој момент е нсјоодветното место за оркестарот каде што џезерите и нивните колеги од Филхармонијата ќе може заедно да творат и организираат настапи без тоа на ниту еден начин да влијае или да го попречи остварувањето на нивните поединечни годишни програми за работа.

Сепак, ваквата одлука не беше дочекана пријателски и со одобрување од страна на вработените во Филхармонија, кои одбиваат да делат простор со џез оркестарот, и за овој нивни став јавноста, барем досега, не препозна сериозни и разбирливи аргументи.

Особено затоа што и до сега ЗЏМ Биг бендот функционираше во просториите на Филхармонија и не ги узурпираше просториите, како што се плашат сега вработените во Филхармонија.

Од ЗЏМ Биг бенд истакнуваат дека нивната индивидуална соработка со членовите на Филхармонија е долга, а изминaтите седум години работат во нивните простории и никогаш немало проблем.

За време на припремите и пробите никогаш не добивме забелешки дека овие активности на било каков начин ја попречуваат работата на Филхармонија. Напротив, пробите се правеа тогаш кога во просториите, поточно во една просторија, немаше други активности од оркестарот и ансамблите на Филхармонија, или не беа користени за друг тип комерцијални настани, реагираат тие.

Овој став на вработените во Филхармонија е дотолку почуден кога се знае дека токму овој наш национален филхармониски оркестар со години немаше свој кров над главата и токму затоа се очекува(ше) да ќе покажат повеќе, или целосно разбирање и да ги прифатат своите колеги до конечно решение за нивното сместување во објект кој ќе одговара на нивните потреби.

Од сето она што го следиме деновиве уверени сме дека непотребно создава анимозитет меѓу двете национални установи и дека и Филхармонијата и Џез оркестарот имаат многу повеќе заеднички вредности, отколку разлики. Токму затоа треба да се помират во име на тие вредности и во име на солидарноста, но најмногу во име на публиката.

Кога сме кај публиката и културната јавност, не треба да заборавиме дека НУ Филхармонија на Северна Македонија во последните 6 години особено, откако ги доби сите услови за врвна музичка продукција и интерпретација, не само што ја врати публиката, туку и ослободи голема енергија и инспирација и за други музички предизвици, и токму Филхармонијата е таа од којашто се очекува да им ја даде целата потребна поддршка.

Извор:  racin.mk

ОкоБоли главаВицФото