Дијалози (2)

14.04.2023 13:45
Дијалози (2)

 ‒ Не, не – не е до тоа; како и да е, не мислам дека се плашам...
Ниту пак имам причина да имам некаков си страв од што било, само... Ете, така некако излегува.....

‒ Слободно, слободно. Продолжи, те слушам.

‒ Па, и немам што да кажам баш, бе, докторе. Од што би се
плашел? Ништо не кријам. Мирно спијам. Па... Барем – мирно заспивам. Сакам да речам, мирна ми е совеста... Здрав сум. Здрави и прави ми се и дома, фала му на Бога. Не сме за жалење...
Конечно се вселивме во новата куќа, на свое. А, пак..... Не знам, да не е до годиниве? Ха, ха... А?

‒ Не би било најнеобично, ама и не си уште баш во тие години.
Секако, не е така зацементиран временскиот период за средовечна криза, а и не е толку црно-бело како што си мислат луѓево... Да не брзаме, да не брзаме. Кажи ми, што чувствуваш кога ќе се разбудиш? Велиш, се потиш?...

‒ Се будам препотен. Утоп! Жива вода... И, студ – колку сум
поиспотен, толку повеќе ми студи, секако. Се тресам...

‒ А-ха, а-ха...

‒ Обично околу пет – само што не почнало да се разденува – а, за на работа станувам во седум; па, и кога не сум на работа, и тогаш станувам тоа време, не дека се преспивам и за викенди... Се будам, се исправам дополу во креветот и се тресам.

‒ И, не можеш да спиеш следните... Два часа?

‒ Па, не, не дека не можам секогаш... Ретко. Понекогаш, ама не баш. Обично ми треба само некое време да се смирам. Станувам, одам до тоалет – да не ја секирам жена ми – се освежувам и отспивам уште некој саат.

‒ Имаш проблеми при мокрење?

‒ Не, не. Тоа ми е нормално, како секогаш. Немам никаков
проблем сѐ уште...

‒ А, сонуваш нешто кога ти се случува ова?

‒ Па, сонувам... Мислам, глупости... Претежно и не се сеќавам.

‒ Можеш да ми кажеш што си сонувал пред да се разбудиш
препотен некогаш, ако можеш да се присетиш сега на нешто?

‒ Обично се глупости – пример, го имам сонувано покојниот
дедо ми, ми седи в дневна, разговараме, а месото и алиштата пополека му се распаѓаат и паѓаат од него, ама јас се правам дека... Дека не забележувам... Или, сонувам дека пливам, а никаде околу нема копно; или, дека трчам, дека бегам, ама како да трчам низ вода (обично и не ни погледнувам дали некој ме брка); глупости, де...

‒ Хммм...

‒ А, да. Едно време сонував еден чуден сон... Повторлив. Како да беше некако – со прекини, ама, едно три-четири вечери со ред го сонував, па последниот пат станав и го запишав. Затоа и се сеќавам...

‒ М-хм?

‒ Не е баш некој сон, ниту пак нешто страшно или... Така,
излегувам од некоја соба, ја отворам вратата и излегувам – и светот околу мене ми е сосем непознат. Нормален, секојдневен – ама, туѓ и непознат. И, наеднаш, во сонот ми текнува дека сонувам...

‒ А-ха. Тоа е барем често, им се случува на многу луѓе. Дел
дури се обидуваат да го предизвикаат и вештачки, со вежби.

Можно е. Тоа е почетна фаза на луцидно сонување.

‒ Да, сум читал нешто. Сум прочитал... Ама, не знам... Некако ми е чудно. Обично, кога ќе ми текне дека сонувам, како да се вкопувам. Запирам и – не мрдам. А, ми се чини како цела вечност да минува дури да се разбудам...

‒ А, си пробал да направиш нешто кога ќе сфатиш дека
сонуваш? На пример, да летнеш? Или да повикаш пред тебе нешто по своја желба?

‒ Да повикам?...

‒ Да замислиш – и да се создаде пред тебе, од никаде.

‒ Ах, ама не... Баш тоа ти велам, докторе. Кај мене како да е обратно од тоа, луцидното, сонување.

‒ М-хм...

‒ Обично, кога ќе ми текне дека сонувам, ти кажав, се
вкопувам. Како да се смрзнувам. И, наместо да чувствувам
слобода, да можам и да сакам да правам што сакам, јас... Ете, застанувам, се блокирам, ти велам... И, како да се збркувам – па, не знам дали ова што го сонувам е вистина – или, пак, тоа што цело време го сметам за нормално секојдневие е само резултат на мојата сонлива фантазија. Како... Како, да стојам на некој крстопат, а брзам, ама – ништо не ме влече да тргнам на никаде...

‒ Хм. Пиеш?

‒ Ретко. А и умерено. Во последно време сè поретко и
поумерено...

‒ Да не се преработуваш? Како ти е на работа?

‒ Ма, не, какво преработување... Добро е, ти велам. И да
сакам, не би можел да се пожалам на тоа.

‒ Ти доаѓа понекогаш да помислиш дека сонуваш и додека си буден?

‒ Не, не. Не сум дотолку ненормален! Ха, ха!...

‒ Не си се прашал никогаш, така, на пример – дали сонуваш
или си буден? Вака, да седиш и да не знаеш дали тоа што го
гледаш е дел од јавето или од сонот?...... Што е? Што ти е? Ме слушаш?..... Добар си?.... Ме слушаш?... Што е?... Што ти
стана?......

                                      * * *

‒ Добро, зошто не се јавуваш, бре, човек?! Стопати те побарав, стопати ѕвонев!

‒ А? Не знам... Што знам...

‒ Да не дремеш? Кај ти е телефонот?!

‒ Не, не, какво спиење... Тука. Тука е некаде......

‒ Зошто ти е исклучен?

‒ Не знам... Не е.

‒ Е, како не е?! Го слушна да ѕвони?

‒ Не...

‒ Ами, јас кому му ѕвонев, тате?! На свети Петрета?!

‒ Да не си го згрешил бројот?..... Еве го... Ене, до креветон
онде е. Тука си е...

‒ Оф, леле... Чекај малку!... Ќе ме пуштиш да влезам да не
викаме на врата или?

‒ Ама, влези, влези. Што стоиш тука?

‒ Како, бе, да го згрешам бројот – кога си е запишан, а те
барам исто како секогаш – по име!? Ете, слушај... Не – до – ста – пен!

‒ На, види, што го знам што му е...

‒ Што да му е – исклучен е! Го наполни?

‒ Да, мислам... Од кај да знам!

‒ Кога го полнеше последен пат? А, тате?...

‒ Мислам, еве!... Завчера. Не знам – кога беше сестра ти дента, тогаш ми се јави, кога беше тоа?....

‒ Писка кога му е батеријата при крај, ти кажав. Ене ти го
полначон в штекер – ти кажав, само ка—

‒ Кабелчето! Да, де, знам!...

‒ Ами, што тогаш?! Чекај бе... Не е празна батеријава – две
цртички, еве! Ти си го исклучил...

‒ А... А, како се исклучува?

‒ Со долго притискање. Еве, долго на ова, тука, како што го
вклучив. Гледаш?...

‒ Па, како не... Сам се исклучил!

‒ Не се исклучува сам, тате! Не е толку паметен.

‒ Ех!... Толку е глупав!

‒ Што не ги поткренеш ролетниве? Дај да отвориме, задушливо е.

‒ Арно е.

‒ Види, еве овде се притиска, на црвеново, долго, за... Кај ти се наочарите?

‒ Тука се... Што знам! Што ќе ми беше ваков телефон, дете?
Убав си беше оној, вистинскиот – со жица, со убави, крупни бројки за вртење, со сè!...

‒ А, бе, ајде!... Со него плаќаш сметки како за три вакви!
‒ Чудо големо!

‒ Е!... Што ти е телевизоров исклучен? Не гледаш? Има вести сега, не?

‒ Не.

‒ Има, како немало!

‒ Знам дека има, ти велам не – гле – дам!

‒ Добро, бре, тате – што ти е, вистина? Кажи, аман! Што е?! Те боли нешто? Има нешто друго?

‒ Што туку се нервираш, синко, за сешто-нешто?! Види се, како сукало си се направил од нервози!

‒ Море, косава ми побелее од тебе!...

‒ И мене!

‒ Ме заебаваш?...

‒ Не.

‒ Ќе ѝ речам на Ана да дојде викендов да исчисти, само
прашина е овде.

‒ Како не!... Чистев пред некој ден.

‒ А што е ова?

‒ Што е? Не ги носам наочарите...

‒ Тате... Да не се расправаме... Ќе ѝ речам да Ана – ќе дојде – со децана, таман.

‒ Добро, де, добро!... Не се на школо?

‒ Па, викендов, тоа ти велам...

‒ А-ха, така, де; така...

‒ Ќе ти го пуштам телефонов на погласно, добро? Да го
слушаш...

‒ Фала, уште не сум глув.

‒ Знам, де... За кога ќе си на балкон; или во тоалет. И за да го слушаш кога ќе му цркне батеријата...

‒ Море, цркни го цел!

‒ Леле, тате... Те молам... Не нервирај ме.

‒ Земи го, не го сакам.

‒ Зошто???

‒ Така, ете. Не го сакам.

‒ Го сакал, не го сакал – тука е! Ќе ме збудалиш и мене, и Ана, и сестра ми веќе! Ту, бре, аман, ко децана си!...

‒ Сакаш кафе?

‒ Не, пиев на работа! Ќе одам, се брзам... Ќе го пазиш да не се исклучува?

‒ Добро.

‒ Знаеш сега како ако ти се исклучи?

‒ Како?

‒ Па, сега ти покажав...

‒ Да, де. Добро, де, добро...

‒ Тате... Зошто го исклучуваш?

‒ Не го исклучувам! Сто пати ти реков веќе.

‒ Тате... Добро, ај. Ќе одам... Пази, те молам.

‒ Никој веќе не иде ненајавен...

‒ Што рече?

‒ Ништо.

‒ Тате.....

‒ Аман, бре, прекини веќе! Ко некоја свекрва си се сторил,
само на карање ја тераш! Ве – ќе!...

‒ Тате...

‒ Оди си, ајде...

‒ Тате!

‒ Не го исклучувам, ајде! Се слушаме вечер пред да си легнеш, бебенце!

‒ Старо магаре!...

‒ Лека ноќ, свекрвиче, ајде!

                                          *  *  *

‒ Добро, како можеше? Јас те знаев за будала, ама не за
ненормална!... Имаш ли во таа главата нешто? Имаш, барем, некој паразит што ќе те оправда за ова? Нешто?! Вакуум, мајку му, што да е – имаш?! Немаш! Немаш ништо... Немаш... Лајна имаш... Ветер низ магла имаш, да ти ебам глупавата... Што молчиш?!

‒ Ништо...

‒ Ќути! Не сакам да те слушнам веќе, не можам...... Ама...
Добро, како? Како можеше?

‒ А, бе, не мислев оти...

‒ Мори, не мислеше! Тоа! Не си мислела! Тоа ти е проблемот. Тоа отсекогаш ти бил проблемот!

‒ Не го дружат! Зошто не го дружат?... Што му фали? Здрав,
прав, чист, испран, испеглан, убав! Зошто да не си играат и со него?...

‒ Мори, деца! Деца!! Деца се, ќе им помине. Такви им се
годините...

‒ Лесно ти е тебе... По цел ден си на работа. Не мора да ти се пара срцето, да го гледаш кај што иде дома, а слушаш дека тие се надвор и викаат, си пеат, се радуваат... А тој... Тој иде. Прво, не вели ништо, ама му ја гледам главата... Свисната... Боли, море! Си оди во собата... Се враќа, се вртка, седнува, ме гледа... Боли! Од кај да знаеш ти како боли мајка!

‒ Мори, мајката да ти ја ебам, лудачко низаедна! Ќе те
затворат! Ќе скапеш!!! Ни мајка, ни шајка не ќе се види после.
Знаеш... Свесна си што правиш?!

‒ Не разбираш ти... Ништо ти не разбираш!!... Не го гледаш!

‒ Дете ко дете! Тоа е! Ќе помине, ќе зацврсне, мора да
помине!...

‒ А, ако не помине?...

‒ Како не ќе помине!?

‒ Што ако?...

‒ Доста! Гласот да не ти го слушнам веќе... Не знам... Не знам само како не мислиш до толку... Едвај се разбрав по телефон... А, можат!... Можат да те тужат, ако запнат. Страшно!... Море, новинари да ни се соберат. Море, да те апсат со лицето на земја...
Море... Како си толку наивна?!

‒ Како не...

‒ Како не! Како не?! Добро, како ќе беше да беше малиот
женско и јас – од жал! – да слезев во влезот и да си ги спуштев панталоните?...

‒ Глупости! Нема врска... Не ги ни чепнав панталониве...

‒ Жено... Жено!!! Горе или долу, кај тебе е сеедно!! Немој да ме нервираш... Никогаш, никогаш, никогаш – не сум удрил никого, особено не жена!...

‒ Ајде, удри ме! Покажи се што маж си!!!

‒ Не викај! Значи... Одговори ми, што ќе беше ако јас се
покажував како тебе?...

‒ Ама... Мислев... Друго е, ќе почнат да го дружат... Да го
вклучуваат!...

‒ Сериозна си... Што е најстрашно, сериозна си, а?

‒ Друго е... Машки се... Друго е.....

‒ Ти не си нормална...

‒ Ти не мораш да го гледаш секој ден!

‒ Јас не можам да те гледам тебе веќе!...

‒ Ќе видиш од утре...

‒ Ќе видам?... Што ќе правиш?! Ќе легнеш некаде???

‒ Ќе видиш... Нив ќе ги видиш какви ќе бидат со него...

‒ Господе! Со кого живеам...

‒ Ќе видиш, само ти почекај!

Коста Бојчески (1989) е автор на триптихот Сварог (2016) – во потесен избор за Новите 2013 – и преведувач на Портрет на уметникот како млад пес од Дилан Томас (2016). Дел од неговите песни се застапени во антологијата Лирски додекамерон (2012), а многу други се објавувани по книжевните списанија („Книжевно житие“, „Акт“, „Стожер“, „Стремеж“...).

Илустрации: Фелисија Чиао

ОкоБоли главаВицФото