1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 21:59
Сè си е на место
Кркач на кркуш носи тркач, скокач прелетува летач, веслач во чамец вози пливач, плетач брзнува во плач.
***
Менувач-минувач и сретнувач-светнувач разговарале шетајќи се низ парк.
„Ние сме фланери“, рекол менувач-минувач. „Вака Бодлер го дефинира новиот вид човек, градскиот шетач: толпата е неговото царство, како што воздухот е царство на птицата, а водата царство за рибата.“
Фланерот го ботанизира асфалтот, според Бенјамин“, одговорил сретнувач-светнувач.
Тогаш се појавиле и заминувач-исчезнувач, изведувач-извидувач и замислувач-занесувач.
„И ние сме фланери!“, рекле тројцата.
***
Замислувач-занесувач му рекол на заминувач-исчезнувач:
„Ти си талкачки континент.“
„А та си талкачки инконтинент“, одговорил заминувач-исчезнувач.
***
Збунувач-појаснувач на лулашките во парк му рекол на лулач-луфтирач: „Ликовите во парков се како бабушки: празни, а полни со себе.“
Веднаш дотрчал прашувач-сослушувач и го замолил збунувач-појаснувач да објасни.
А лулач-луфтирач толку се смеел што паднал од лулашката.
***
Збунувач-појаснувач му рекол на заведувач-изведувач:
„Многу добро умееш да не ме разбереш, како што умееш да не ги најдеш оние што не ти се блиску, а кои заправо не ги ни бараш.“
Заведувач-изведувач вака одговорил: „Оддалечени сме еден од друг како планетата на човек што брои ѕвезди од планетата на човек што пали фенер.“
***
На клупа во парк седеле заљубувач-заладувач и прегорувач-прегрејувач.
Поминал привлекувач-прилепувач, а прегорувач-прегрејувач рекол:
„Типов има поглед магнетна резонанца.“
***
Посакувач-исполнувач и поканувач-пленувач ги поканиле на клупа во парк заљубувач-заладувач и прегорувач-прегрејувач, за да ги зафркаваат.
***
Пред дупката и кантата на паѓач-спуштач и седач-легач еднаш дошле заведувач-изведувач, замислувач-занесувач и запнувач-забавувач со три пластични огромни ќупа, земени од „Пластичарска“.
„Сега ќе ја одиграме едночинката ’Игра’ од Семјуел Бекет“, рекле и тројцата влегле во ќуповите, само главите им ѕиркале оттаму.
Како публика веднаш дотрчале читач-пишувач, цицач-чистач и цртач-чкртач.
Од дупката и кантата за ѓубре љубопитните глави ги подизвадиле и паѓач-спуштач и седач-легач.
„После не толку долгиот заеднички живот...“, рекол запнувач-забавувач од ќупот.
Тогаш зад него паѓач-спуштач, со големо крваво марамче врз лицето, од кантата го удрил по глава, со куче-играчка, седач-легач во дупката.
„Браво!“, извикал читач-пишувач од публиката.
Куклите ги изработи: Марина Глебова