Од речникот на анималната симболика

19.04.2023 11:17
Од речникот на анималната симболика

Светото писмо го нарекува нечисто секое животно кое не е дозволено за јадење ниту за жртвување на Бога, како и животното кое може да се јаде но е забрането да му се принесува на Бога како жртва, зашто има каква било неправилност, на пример флека. Некои животни се нечисти по природа, како оние што немаат раздвоени папци и кои не преживаат, оние што преживаат но немаат раздвоени папци, најпосле, оние што имаат расечен нокот и не преживаат. Сите тие животни не само што се нечисти, туку се и гадни.

Исто така се нечисти и рибите кои немаат пераи или крлушти. Нечисти се и птиците што одат поземи на четири нозе. На крај, нечисто е и сето она што, со помош на нозе или без нив, се влече стома;no и ползи по земја.

Да се делат четириношците на оние со раздвоени и нераздвоени нозе, во почетокот изгледа мошне чудно. Така во редот на нечисти се ставаат коњот, магарето или мазгата кои, колку и да се корисни за човекот, имаат табани „сосема одедно, рамни и неподелени“. А во редот на чисти се козата, овцата и еленот кои имаат стапало поделено на два дела, како и песот, волкот, мачката и лавот, на кои стапалото им е изделено „на различни делови“. Ова е зашто, според Мојсеј, животните што немаат расечено стапало чекорат на раце.

Еве го исцрпниот список на чисти и нечисти животни. Чисти се: вол, крава, теле, овца, овен, јагне, коза, јарец, елен, кошута, дива коза, бивол, срна, африканска антилопа (орикс), жирафа, скакулец, гулаб, гулабица, врабец, препелица, чучурлига, градинарска стрнарка, еребица, шљука, грлица, пчела, бумбар, еленски бумбар, шпанска мува, комарец, оса, мува, стршлен, пеперуга, мушица, мравка, пајак, молец, шкорпија, жаба, кит.

Нечисти се: двогрба камила, зајак, свиња, ласица, глушец, крокодил, крт, камелеон, црв, ѕвездест гуштер, гуштер, коњ, магаре, куче, мазга, слон, лав, леопард, тигар, рис, пантер, мечка, волк, хиена, ласица, диво магаре, еднорог, носорог, див вепар, мајмун, бодликаво прасе, крастава жаба, жаба, мува, шкорпија, орел, сокол, грифон (пола орел пола лав), јастреб, гавран, мал јастреб, ној, був, лисица, папагал, нуркач, ибис, штрк, лебед, чапја, пупунец, лилјак, морски орел, северен сокол, чавка, утка.

Забележуваме дека жаба, мува и шкорпија се на двата списоци; веројатно станува збор за различни видови. Во секој случај, подоцнежната класична симболика ќе ја наруши оваа ионака несредена низа.

Што се однесува до муслиманите, тие во Мухамедовиот Рај ги примале китот на Јона, Соломоновата мравка, овенот на Израил, Аврамовото теле, магарето на кралицата од Саба и она на Мухамед, камилата на пророкот Салех, волот на Мојсеј, кучето на Седуммината ефешки спијачи, и Балкисината кукавица.

Лафонтеновите басни од мали нозе нè сродиле со особините својствени на секој вид животни. Овој голем познавач на животните често грешел според мерилата на зоологијата, но неговиот животински свет е сосема соодветен во смисла на проектирање на човековото имагинарно. Пред него Амброаз Паре во својата Книга за животни се занимавал со „природата на неразумните животни“, систематизирајќи ги нивните најбитни одлики: снагата на волот, перфидноста на змијата, јароста на бикот, трпението на овцата, охолоста на краставата жаба, препреденоста на лисицата, стаменоста на магарето, суровоста на тигарот, благоста на гулабот, претпазливоста на мравката, верноста на кучето, превртливоста на мазгата, гладот на волкот, трезвеноста на камелеонот, внимателноста на слонот, смрдеата на јарецот, послушноста на пудлицата, нечистотијата на свињата, уредноста на верверицата, срчаноста на лавот и страшливоста на зајакот. Освен охолоста на краставата жаба, овие особини се среќаваат и во уметноста на сликање гробови, како дополнување на натписот.

Друга можност за воспоставување врска е взаемната одбивност меѓу животните. Спомнатиот Паре ги протиставува лавот и петелот, слонот и свињата, коњот и камилата, песот и волкот, зајакот и песот, смокот и голиот човек, змијата и индискиот стаорец, гуштерот и змијата, мајмунот и желката, пантерот и хиената. Секогаш првото животно е она кое стравува од второто.

Шенеловиот Речник на суеверијата ги поврзува животните со месеците во годината:

јануари ‒ овца, паун

февруари ‒ коњ, лебед

март ‒ коза, жолња (зелена)

април ‒ јарец, гулаб

мај ‒ бик, петел

јуни ‒ пес, ибис

јули ‒ елен, орел

август ‒ дива свиња, врабец

септември ‒ магаре, гуска

октомври ‒ волк, утка

ноември ‒ кошута, врана

декември ‒ лав, ластовица.

Одредени животни биле поврзувани со одредена доба на животот. Еден германски дрворез од 1482 година темава ја обработува на начин што ќе се презема следните барем три векови. Старосните доба овде се поделени на декади од 10 до 100 години. На секое животно му одговара по една доба човекова:

на возраста од 10 години ‒ јаре (дете со вртимушка)

20 години ‒ теле (младич со сокол врз шаката)

30 години ‒ бик (човек под оружје)

40 години ‒ лав (човек во раскошни фустани)

50 години ‒ лисица (зрел човек со богато ќесе)

60 години ‒ волк (човек со седа коса се шета)

70 години ‒ куче (старец со стап и бројаници)

80 години ‒ мачка (подгрбавен старец кој со двете раце се потпира врз стап)

90 години ‒ магаре (истрошен старец кому му се подбива дете свиркајќи)

100 години ‒ гуска (труп во ковчег)

(Епинал и народната работилница за слики, од перото на Ј. Хистлер, Ф. Блоде и А. Жакман, 1961).

 

Избор и превод: П. В.

Извор за текстот: Jean-Paul Clébert (1926 – 2011) - Dictionnaire Du Symbolisme Animal (Bestiaire Fabuleux, 1971)

Извор за сликите: Luttrell Psalter, 1325-1340 (London-British Library)

Слични содржини

Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото