Во сеќавање на дизајнерката Мери Квант

19.04.23 16:25

Мери Квант, британската дизајнерка која ја револуционизираше модата и го олицетвори стилот на „Разузданите шеесети“ (Swinging Sixties), со разиграниот, младешки етос што изникна на улиците а не од париските ателјеа, почина во четвртокот во нејзиниот дом во Сари, во јужна Англија.

Најпозната е по популаризацијата на мини здолништето, смелата облека која ги предизвикувала конзервативните норми од тоа време и им даде на жените поголема слобода и самодоверба. Воведе и други иновативни стилови: бохо-стилот, „жешките“ панталони, шарените хулахопки, ПВЦ палтата и геометриските дезени. Беше под влијание на младешката и британската мод-поп култура, а нејзините дизајни го одразувале духот на забавата, бунтот и ослободувањето од високата мода но и естаблишментот, што оформи и одреди цела една деценија(која Дијана Вриленд ја нарече „Младотрес“.)

Во нејзината автобиографија „Квант за Квант“ забележа: „Стилот не е само облеката што ја носите. Тоа е начинот на кој се шминкате, начинот на кој ја дотерувате вашата коса, видот на чорапите кои ги избирате, начинот на кој одите и како се држите. Јас сакав девојките да се движат, да скокаат, да бидат живи!“

Квант го отворила својот прв бутик, Базар, на лондонскиот Кингс Роуд во срцето на Челзи, во повоената Британија, во 1955 година со нејзиното момче (а подоцна и сопруг) со аристократско потекло и талент за бизнис - Александар Планкет Грин.

Во првите денови на работата на Базар, била толку затечена па и исплашена од своите муштерии што чувала шише Скоч под работната маса: „Тие зборуваат отворено за се́ - од пубертет до хомосексуалност. Тие размислуваат со своја глава. Тие се посветени и инволвирани. Предрасудите повеќе не постојат - и ние моравме да држиме чекор со нив“ - раскажа во својата автобиографија. Започнала со продажба на облека направена од други дизајнери, но набрзо почнала да создава и свои дизајни користејќи евтини ткаенини купени од Хардос, и едноставни форми: поентата била во достапноста за младите луѓе, кои честопати беа игнорирани од куќите на високата мода. Исто така сакала да ја направи модата експресивна и разиграна, дозволувајќи им на жените да експериментираат со различни стилови и идентитети: „Модата не е несериозна; таа е дел од она што значи да се биде жив денес“.

Пробивот на Квант на глобалната модна сцена се случил во 1964 година, кога го лансирала мини здолништето.

Здолништата која таа ги продавала, биле толку кратки што ги изложувале нозете над колената, што во тоа време не било ништо помалку од скандалозно.
Квант тврдела дека здолништето го именувала по нејзиниот омилен автомобил, Mini Cooper, но сепак не сакала да ја присвои сосема заслугата за иновацијата: „Девојките на Кингс Роуд беа тие кои го измислија минито. Правев лесна, младешка, едноставна облека, во која можеше да се движиш, во која можеш да трчаш и да скокаш, а ние само ја правевме должината што ќе ја нарачаше клиентот. И јас носев кратки здолништа, но муштериите ми велеа: „Пократко, пократко!“.

Мини здолништето стана симбол на сексуалната револуција и феминистичкото движење и со тоа предизвика глобално модно лудило. Квант го проширила својот бизнис и отворила повеќе продавници во Лондон и во странство. Но не застанала таму и лансирала и своја козметичка линија(шминки и за мажи и за жени), модни додатоци, долна облека, чевли и домашна опрема. Доби многу награди и почести за нејзиниот придонес во модата, вклучително и OBE во 1966 година и DBE во 2015 година.

Во Јули 1962-та година, Воуг ја фотографирал Мери Квант со нејзиниот сопруг и бизнис партнер Александар Планкет Грин, во нивниот бутик Базар за рубриката „Млади идеи“. Во децениите кои следеле магазинот правел прилози за Квант и нејзините креации: од фото сесии со Твиги во вселенско - мод издание, до нејзината визија за иднината на убавината, во седумдесетите.

 Квант и Планкет Грин за Воуг во 1962 година

Фотографија од Ги Бордин на хулахопки и чевли на Мери Квант, во септември 1969:

Хелмут Њутон ја фотографираше Твиги во „темновиолетов комплет на јакна со панталони, во руски стил“ :

Теса Трегер фотографираше чевли и хулахопки на Квант, во 1966-та: „избор на игриви чевли за сите нови сини“ :

Инструкциите на Клајв Ароусмит беа: „стави го на себе свилениот фустан и кажи кога?“

Хелмут Њутон во 1966-та ја сликаше Твиги во светкави хулахопки на Мери Квант, како „победник во вселенска трка“.

Клајв Ароухед ја направи насловницата за Воуг во јануари 1970-та година. Манекенката носи долг кадифен фустан со качулка: 

Фотографија на Клајв Ароухед од 1970-та година: визијата на Мери Квант за иднината на убавината.

Сесил Битон ја фотографирал Твиги како „космичка Ариел“ во Мери Квант фустан.

Оливиеро Тоскани фотографирал модел во блескави Квант модни парчиња - вечерен изглед

Фотографија на Роналд Трегер од 1967 која ја опишал како: „многу лежерна комбинација за насловна страна“ 

Слични содржини

Мода / Екологија / Око
Мода / Око / Историја
Мода / Око
Мода / Око
Мода / Око / Историја
Мода / Технологија / Око

ОкоБоли главаВицФото