1018 hPa
60 %
18 °C
Скопје - Нед, 06.09.2026 02:02
Застанат меѓу две грамадни стативи,
налик на дамна обезглавена порта,
решен докрај да го браниш својот дом,
твоето неуморно грло, татко, ткае килим,
кој волшебно води кај тебе,
до затскриеното пулсирачко јадро
што дава сигнали за безметежен пристан
ако отскокнеме од трмкавиов лавиринт
во кој небото мириса на вжештен асфалт
растреперен од нашите фатаморгани,
ако опстоиме на глуждливите стапала
со раширени раце и со насмеани лица
сред јазичнава фреска на белиов лист,
составена од неколку одлушнати слики
од нашите морни и тешки трески.