Крајот на молкот (шест песни)

24.04.2023 08:48
Крајот на молкот (шест песни)

 

ЅВОНО

Не е тоа само силата на металниот звук
што пробива пат низ долината,
звук што удира помамно во нас,
звук од кој сме растреперено ѕвоно,
и не е само разбрануваниот одѕвон
кој се одбива од стрмните спили
на сплетените планински венци,
од облаците надвиснати
над нашите стаписани глави.
Тоа е и тишината во шуплината,
прегрната од ѕвоното толку силно,
збиена до неподнослива густина
сѐ дури не добие облик на ѕвоно,
на совршено излеано бронзено тело
за да го вдигне од крутата окованост
еднаш да се одѕве како ек на кимвал,
другпат да зајачи како камбана по гибел,
третпат сребрено да ѕуни како на слава.

 

НА САМРАК

Не, не е тоа ветрец што леко
го притиска твоето чело,
ниту е шум дамна познат
што се втиснал во твоето уво.
Тоа е само вој на мрва
што болснала на показалецот
пред да ја збрише занавек
дебелиот палец на безмерноста.

ОТВОРЕН ПРОЗОРЕЦ

Те буди нејасна сенка насон додека спиеш
во предел неовдешен, но тој, таков, пак ти е
близок како што ти се блиски сопствените раце,
неуморни додека следат ластовичин ритам
и кога претураат од шупливо во празно,
од овде таму, од онде овде, на хартија исто,
во омеѓениот нејзин привид на екранот,
уште еден несовршен свет oд стварноста,
сѐ дури не дојде таа што има безброј лица
и сенки, чии неуморни раце жнеат без престан
во ритам што следи квартет од виолончела,
чии разбранувани фуги се гласат од нечии
кркорливи грла, за кои не знаеш чии биле,
за кои знаеш од што и под чиј нож завршиле.

 

КРАЈОТ НА МОЛКОТ

Онаму каде што извива залезот
а хоризонтот го крие сонцето
неочекувано се појавуваш ти,
втасано возвишение на молкот.
Една страчка чува почесна стража
на врвот од смарагдна ела на чука
и чека да се оттиши затестеноста
што своеглаво притиска наоколу.
Наближува ноќта со преспите мрак
а ние, во збити јата, стуткани чекаме
молкот да се срони, па од снежинките,
низ ведра викотница, да изградиме дом.

ГРЛИЦИ

Овде се кријат грлиците,
невидливи за неопитно око.
Втопени во околината,
сите се едно трепетно уво.
И јас со нив ги наслушнувам
придушениот шум од подземи,
нејасниот клик над воздушен столб,
вресокот на вознемирените треви...
Сонцето ги осветлува ридовите,
очите ги креваат клепките,
челата панично истрпнуваат:
иде ли ловецот, и од каде?!

 

НА ПОЛАРНИОТ КРУГ

Онаму каде што се преплетуваат
чадот и чајот, јавето и сонот,
каде што зоврива надежта
под поларната ѕвезда
сред вселенскиот студ,
има еден праг
невидлив, скриен,
тука крај нас, меѓу е и не е,
меѓу бев, сум и не сум
за да тргнеш ваму или таму
и да пречекориш бесшумно,
засекогаш неповратно.

Слики: Deedee Cheriel

Извор за песните: Весна Ацевска - Преобразби (Дијалог, 2022)

 

ОкоБоли главаВицФото