„Наследство: Прозорецот“ и „Времето пред приказната“ (извадоци од романите)

24.04.2023 13:35
„Наследство: Прозорецот“ и „„Времето пред приказната“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од романите „Времето пред приказната“, на Митко Маџунков, и „Наследство: Прозорецот“ на Јордан Коцевски. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Наследство: Прозорецот“, Јордан Коцевски, „Антолог“

 

Транскрипција од аудиозапис на диктафон, непознат датум

 

„Полицаецу кххззззз, јас сум...“

„Зна кој си. Шо сакаш?“

„Да ве прашам само неколку прашања.“

„То ми е јасно уше од ко те видов. Шо ќе ме прашвиш?“

„Истражував еден бизарен случај и ми требаа телефонските записи од 13 октомври 2000...“

„И шо да ти пра сеа ја? Напрај си официјално барајне“.

„Направив, ги нема. Дознав дека вие сте биле дежурниот полицаец тогаш, оној што ја кренал слушалката и бил принуден да оди на увид.“

„Не зна, не се сеќава и не ме интересира. Мојш да си ојш, ја има работа.“

„Работата е...“

„Да не си ме пипнал уш еднуш, разбра!“ *тивко: „Не овде, не пред сите. Ливче ти стајв в џеб.“

„Да, господине.“

„Ојси сеа и барај си трач на други места.“
*клик.

„Повторно мистериозност. Во џебот ми остави визит-карта од млечен ресторан. Којзнае зошто сите избегнуваат да разговараат во јавност за случајот. Можеби ќе дознам денес.“
*клик

„Еј, тргни го то.“

„Без гајле, диктафонот е само за мене. Ќе ја избришам снимката после. Секако истражувањево што го правам не е официјално.“

„Не сака...“
*звук на тацна што се остава на маса

„Повелете кафето. Треба уште нешто?“

„Не, благодарам.“

„Нејќа името да ми се спомнува, добро? Нејќа ни гласов да ми го познајт некој.“

„Добро, еве ќе го тргнам.“

„Знам шо сакаш да знајш, за двете деца, така?“

„Да.“

„Се јавија уше вечерта.Ја кренав.Ми рекоа дека некој имало на џамот и ги гледал. Е, сеа нормално ги прашав ја кј се. И ми рекоа кхххззххззшшшшшшш на петти кат. Им реков да не ме заебавет многу и им спуштив. Арно ама, пак ѕвонаа, испаничени и реков ај ќе провера. Ко појдовме таму немаше ништо. Сѐ беше супер, ама по два дена комшиите се јавија.Слушнале страшни крици и викања. Пак ја појдов со колегата на увид. И...претпоставува знајш, ги најдофне мртви. Такво нешо не су видел пред то. Лицата им беа пребледени ко мртви, не ко мртви, туку ко...побледи. И на двајцата вилиците им беа зинати до земи. Претпоставува ја знајш дијагнозата?“
*кратка пауза.

„Паника. Од страф умреле. Е сеа ја почнав да си ги поврзува работите со повикот од пред два дена.Можи стварно имало некој на џамот. И тогаш дојдоа едни љуѓе. Ме побараа мене прво и ме распрашаа за децата. Им кажаф то шо ти кажаф и тебе, и ми рекоа дека не су добил повик. Дека децата не спомнале никаков чоек на џамот шо ги гледал. Ја, нормално им се изнасмеаф в лице, и им рекоф не ќе ме прат мене будала, зна шо су праел муабет. И им реков ем снимки и записи има.Тие ми рекоа дека нема. Ги уништиле снимките, а записите ќе исчезнат. Е, дури тогаш се разозбилив. Си реков кој се овие љуѓе, шо барет, шо криет? Ме сфаќаш? И таман да ги опита, еден од нив ми дојде до глата и го истај мобилниот негоф. Почна да ми покажви слики од жена ми, од децата кј шо одет на школа. Од сестра ми со бебето, од куќата на татко ми. Другиот ми рече да забора све. Не су кренал слушалка, не су праел муабет. Ако зуцна на некого и ако пак го спомна тој ‘чоекот на прозорецот’ ќе почнат еден по еден од фамилијата да ми исчезвет. Ја им повервав.“



„Времето пред приказната“, Митко Маџунков, „Три“

 

Хрониките велат дека останало отворено прашањето во врска со хронологијата. На пример, колку време Дондоне патувал од железничката станица Миравци до Дојран качен на биволската кола, со биволарот, очигледно забеган како и сите други, што е претставен ту безумно како Лав Толстој ту невернички како Дедо Господ. Според тогашното количество вода во Дојранското Езеро, неговото пристигање се поместува помеѓу 2001 година, кога почнала изградбата на каналот за дополнување на тогаш речиси пресушеното Езеро, и 2003 година, кога низ системот е пуштена првата вода. Веќе е речено како живеел во текот на својот престој, со оглед на фактот дека на пат тргнал без пари. Запомнат е како безопасен сиромав кого власта се обидувала да го протера, но попусто. Не му поверувале дека е дојден да раздели таксани книги кои, според неговото улаво признание, му ги украло лице кое се огласувало како Дедо Господ. Откако го пуштиле системот за полнење на Езерото, седел на местото каде што течела водата низ двата канала, во малото паркче што било уредено од тогашната влада. Потоа одел до крајот нa трската да види дали се полни Езерото. Но не можела да се види никаква разлика. Тоа било испуштено како прободена утроба, а потоа го сушеле десет сушни години, па не можело да се наполни прекуноќ. Но Дондоне сепак, за секој случај, проверувал. Потоа одел на другиот крај на Езерото, до месноста Мрдаја каде што некогаш се мрестеле рибите, па шетал по школките. Миријадите мали школки што останале по повлекувањето на Езерото биле изгазени и иситнети така што личеле на сомлен бледорозов песок. Водата езерска, во последните месеци на неговиот езерски престој, оттаму воопшто не се гледала, а онде каде што уште ја имало, била претворена во мочуриште, во каллива бара од која ѕиркале очите на жабите. Можеби разочаран од таа глетка, Дондоне се фрлил во калта и се удавил – кој тоа може да го знае?

Несомнено е само едно, дека последен пат бил виден на 15 јуни 2005 година, кога во Белград починал неговиот колега, познат како Птоломеј. Тоа е денот кога птиците што веќе се јателе над Дојранското Езеро, видливи од разни места на светот, па и од Ангелските гробишта, тргнале на својот далечен пат. Тоа никого не го зачудува, со оглед на фактот што на небото немало место за нови птици, ниту на земјата и во водата храна за оние што биле тука. Повеќе зачудува што истиот тој ден тргнале на пат и птиците што со години се собирале на небото над Белград, а уште почудно од тоа и најчудно од сѐ е што тие белградски птици на Дојранското Езеро стигнале истиот тој ден кога тргнале, како некое препорачано писмо. Тие се споиле со големото јато и продолжиле понатаму, освен една помала група пеликани придружена со други поситни пилци.


* * *

Елена Врба одамна го загуби стравот од Птоломеј и сега, на голема вчудовиденост на Мамалига, кон него се однесуваше како кон цар на орлите, иако тој беше обичен пеликан како што и таа беше пеликанка, само покрупен и со монголски опулени очи.

„На која страна, Птоломеју?“ рече Елена Врба кога Птоломеј мавна со левото крило, исто како и старата пеликанка, само таа со десното, давајќи знак за тргнување.

„Ние имаме мисија, знаеш“, важно рече Птоломеј.

„Каква мисија, грешен Птоломеју?“ се огласи Елена Врба која, да беше со старата лика, ќе искривеше уста на карактеристичен начин, а вака само гакна на исто таков начин.

„Мора да се заврши потрагата и да се најде Дондоне, знаеш.“

„Па тоа е твоја потрага, тоа не е наша мисија“, се побуни Мамалига, кој и како птица си носеше влечки да не настине и да не го боцкаат сопствените нокти.

„Над Езерото“, таинствено рече Птоломеј, „во овој миг се јатат многу јата видливи од сите страни на светот. Треба да се добереме првин до Езерото, а потоа секој нека крши глава на своја страна, иако патот е еден...“

„Патот е еден, можеш да си замислиш“, подбивно рече Елена Врба.