Фудбал гледам исклучуво од југ

25.04.2023 01:23
Фудбал гледам исклучуво од југ

Не дека не му се радував на новиот „Градски“ и на тоалетите, ама фудбал гледам исклучуво од југ. Од вторите скали во подножјето до правоаголните отвори со железна сопка можам да одлебдам спиејќи, без да го допирам тлото. Прво се лепиш десно и споро во бранови се гребеш од бетонот, а кога ќе видиш дека наидува решетката, правиш два итри исчекори лево. Таа вештина ја развив уште кога ентовите беа ластари, во периодот на летните пред-пред-пред-квалификации за Европа, на јулските натпревари за Интертото што Вардар ги играше од 4 попладне за да заштеди на рефлектори и кога тие 500 души што чекавме да влеземе на Јужна на 45 степени бевме пропуштани еден по еден во густа метла од подлактици на ненормално високи адолесценти, средовечни мажи со квадратни очила и јадачи на седвичи со ќебапи и плескавици. Тогаш сфатив дека ако ескивираш десно, со левата нога сѐ уште раширена во првичната линија, има некаква шанса да ја спасиш косата од кромиден здив и маицата од печати млада машка пивска подлактична влага. Знаев, во екстремни случаи, и со лесно потклекнување на лево (десното колено свиткано, отпор на лево стапало), со Кројфов обрт да заобиколам некого кој заради прехранбената геометрија оставил настрешница со празен простор пред себе. Тоа може да значи опасен дисбаланс ако не го испланираш и вториот чекор, ама во најлош случај ќе се потпреш како лесна даска на претрканиот, практично не ни тежиш и само чекаш да те одбие некој адекватен физички закон, па низ решетката паѓаш во изненадените раце на контролорот, со длабоко стадионско „пази, девојчево“, зашто дотогаш никој не ни видел дека потклекната се муваш меѓу редови. Од првите скали, до поглед на тревата има некои 50 минути бранување и тие си се дел од утакмичниот ритуал на јужњаците. На Северна сум била само двапати. Еднаш Јужна воопшто ја немаа пуштено, вториот пат заради Bojana. Првиот пат ме фати камера со цигара, а вториот пат Реал Сосиедад нѐ испрати од група на ЛЕ со шест комада пред најдолгиот виден модуларен транспарент на Комити во нечитлива зига-зага од букви со отсутни носители на клучните места. Значи двапати баксуз. Освен тоа, Северна е наопаку, како да гледаш фудбал в тил. Исто, за некој/а како мене да седи таму на шипка, треба да се претвори во остроаголен триаголник, зашто во достоинствена поза, шипката покрива 20% од теренот по целата должина. Еве, и да не седи некој/а како мене на шипка, походот кон Северна не го вклучува скапоцениот момент кога клопчето здивови и мошус те катапултира по скалите накај трет блок. Северна не ни има трет блок. Нешто толку лесно, како одење на фудбал на Северна, не може да биде вистински вредно.

На Јужна е друго. Штом ќе поминат оние 50 минути и ќе се појави тревата, Јужна е како скопските тополи кога се враќаш од пат, прави срцето да ти прескокнува од љубов надлогична како нејзиниот бројчан систем на столчињата. Таму се спуштав со залет, речиси трчајќи, во правилен туп-туп-туп-туп ритам, секое „туп“ радосна болка на табаните за да не одам бапски, со двете нозе на една скала. До долу, па три реда погоре, секогаш со две премислувања пред да изберам место и секогаш со кружен поглед по празниот паунски опаш од 1 до 6 пред да седнам. Јужна е како завет за меланхолоци, кантовски дневен распоред, баење против испаѓање на запчаникот на редот. Се случуваше, пред да ја кренат Северна, зад ниското трибинче во квечерината да засветкаат фарови на колите на Кале. Ќе зарозевееше небото, ќе навееја водите од парк и од Вардар и со мушичките ќе се спуштеше некоја голема, кротка, мирна извесност дека тој исечок живот, розов и остромирисен, тој трет блок и тој ред, заедно со крцкавите гласови кои ги поткаруваат играчите по презиме „не играш добро денес, Ѓошевски“, е единственото место на кое треба да бидам, во таа сетилна сложувалка, во фотографската драма на непосредни факти, која не стигам ни да врзам во сукцесивност. Среде исечоци чиста среќа. Околу седумдесет и петта минута небото веќе знаеше за засиви и да стане студеникаво.

ОкоБоли главаВицФото