Рејмoнд Чарлс Робинсон: Роден со музика во себе

26.04.2023 01:41
Рејомнд Чарлс Робинсон: Роден со музика во себе

Музиката е дел од мене. Исто како и ребрата, бубрезите, црниот дроб и срцето. Како мојата крв. Таа сила веќе беше во мене кога стапнав на сцената. За мене таа е неопходност – како храна или вода.

Роден е на 23 септември 1930 година во Џорџија. Страст за музиката изразува од својата трета година. Детството му е обележано со тешка траума – братот Џорџ се удавил во корито за перење алишта. Реј бил единствениот сведок на овој настан и речиси целиот живот ќе го прогонува несовладливото чувство на вина, зашто само посматрал, немоќен да направи нешто. Видот почнал да го губи во петтата година, а до седмата веќе воопшто не гледал. Татко му умрел кога имал само десет години, а набрзо потоа останал и без мајка си. Пораснал кај пријателите на своите родители кои го посвоиле.

Од 1937 до 1945 година посетувал училиште за деца со оштетување на слухот и видот во Св. Августин, каде воедно ќе го развие и својот музички талент. Пораснал слушајќи госпел, џез и блуз, а на училиште учел класична музика. Бил навистина добар во свирење клавир и неуморно вежбал секој ден по училиште, сè додека не станал музички првак на училиштето. Набрзо развил прекрасни вокални способности, научил да свири саксофон, оргули и тромбон. Ги совладал ритамот и блузот, како и госпелот, комбинирајќи ги во единствена соул музика. Што е соул? Нешто како електрицитет – всушност не знаеме што е тоа, но тоа е сила која може да ја осветли просторијата. (Реј)

Сè што ќе допре го прави свое – велат оние што го познавале. Реј Чарлс е свој сопствен музички жанр.

Во раните години од својата кариера Реј често бил на пат, а каде и да одел, наоѓал работа како музичар. Инсистирал да биде исплатен во банкноти од еден долар – така можел да ги преброи парите и да има контрола над својата заработка. На почетокот свирел со јужњачката група The Florida Playboys, а потоа почнал потрага по сопствен бенд.

Соработувал со неколку музички куќи пред да стигне до Атлантик Рекордс. Први хитови станале песните The Midnight Hour и Roll With Me Baby, а потоа и незаборавната Mess Around – првата песна која го заземала водечкото место на листите, како вокална изведба и како блуз балада. Следел првиот албум во живо, снимен на Њупорт фестивалот. Во 1956 година Реј го составил првиот женски бенд The Coockies, а потоа го развил женскиот вокален состав The Raelettes. Доживувајќи огромен успех со Атлантик Рекордс, Реј го поместувал и унапредувал својот талент кон други области, воедно ја зголемувал и музичката заработка. Почнал да пее поп и кантри. Кога потпишал договор со Еј Би Си рекордс станал еден од првите афроамерикански музичари кој имал уметничка слобода во рамки на водечка музичка компанија. Френк Синатра го нарекол вистински гениј на шоу-бизнисот.

Меѓу музичките влијанија со кои го развивал сопствениот звук биле Арт Тејтум, Нет Кинг Кол, Луис Џордан, Луис Армстронг и Чарлс Браун. Во списанието Ролинг Стоун од 2004 година Реј Чарлс се најде на десеттото место на огромната листа која ја сочинуваат стотина најголеми музичари на сите времиња. Дека музиката не познава граници докажува и периодот во кој му бил забранет пристап во родната Џорџија, затоа што одбил да настапува пред исклучиво бела публика (Georgia on My Mind).

Својата автобиографија ја именуваше Братот Реј – што беше еден од неговите прекари; другиот е Генијот. Благодарение на неговото холивудско остварување, животописот на Реј Чарлс станува познат нашироко: неговото сиромашно, но музички обоено детство, епизодата со братот Џорџ, мајката која го научила да гледа слушајќи, музичките патувања, жените и љубовниците (наводно умеел да реконструира женска фигура само со допир околу зглобот), борбата со хероинската зависност, апсењата, застранувањата и враќањата... По рехабилитацијата Реј навистина заврши со дрогите – премина на црно кафе и џин со шеќер.

Сценариото за биографскиот филм било препишано на Брајово писмо и предадено кај Реј на читање. Пред снимањето Реј го тестирал глумецот Џејмс Фокс така што како задача му дал да ја отсвири песната Thelonious Monk Jazz. Дури потоа можел да ја глуми. Самиот Реј се појавува во една сцена од филмот, а завршувањето на снимањето се совпаѓа со датумот на смртта на Реј. Умре на 10 јуни 2004 година на Беверли Хилс во Калифорнија (му откажал црниот дроб, но не и музиката).

Помалку познати факти за Реј Чарлс:

- Се женел повеќе пати и има дванаесет деца (болката на композиторите – Бах имал дваесет), дваесет и едно внуче и пет правнучиња.
- Беше заштитно лице на серијалот реклами за Пепси во деведесеттите.
- Се стекна со почесен докторат на Универзитетот Вилберфорс.
- Никогаш не користеше бастун ни пес водич, се ориентираше слушајќи го звукот на сопствените чевли со тешки ѓонови. Во една реклама за автомобили возеше без асистенција, а во филмот Spy Hard (1996) глумеше возач на автобус.
- Неговиот најголем страв беше да не ја изгуби способноста да слуша. Во 1986 година основаше сопствена фондација за лица со оштетен слух The Robinson Foundation for Hearing Disorders. Основана е лабораторија за аудиторни истражувања во негово име.
- Веруваше дека лицата со оштетување на видот треба да бидат ослободени од сите видови даноци.
- Во 1994 година ја доби наградата Хелен Келер, признание за лични достигнувања кое го доделува Американската фондација за слепи (American Foundation for the Blind).
- Сакаше да игра шах.

Неодамна ќе го прославеше својот осумдесет и петти роденден...

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото