Кратки раскази, преглед 01 - 07 февруари

07.02.2011 12:40
Кратки раскази, 01 - 07 февруари

Бети Цековска

Процес

Те чекам во аголот од собата ладна,сама,осамена и сомнежот ме гриже и јаде, СО КОГО СИ? Гледам празно ми е телото, а душата полна сјај, каков немир ти ми будиш, ШТО СИ? Барам утеха во тишината слепа,и друштво во невини солзи,чекам скаменета до зори, КАДЕ СИ? Мислам дали сонот повторно ме плени, па копнеам по невозможен ден, или пак вистината не ја гледам ЗОШТО СИ? Прашувам непознати лица од улицата познаваат ли мали ѕвездени очи и една насмевка ко хоризонтот див, Од КАДЕ СИ? И кога на желбата ќе згасне пламенот, срцето ќе остане остане празно, јас сита од чекање умирам, а ти ме прашуваш: КАКО СИ?

Д.Коцев

Жена

Со неговата шапка
Тој е околу 5 инчи повисок
Од такси автомобилот.
Човек. Ричард Бротиган.

Кога чекавме автобус (сакаше да замине), таа беше загрижена да не го пропуштила, а јас во себе го пофалив возачот што сакал да побрза. Сепак дојде.
Напуштајќи ме, со нејзините штикли забележав дека е повисока од човекот на Ричард Бротиган.

Телефон

Сè повеќе ме обземаше некој паничен страв. Ме следеа. Кога ги затворав очите
тонев во илузии, во некој необичен занес, облеан со студена пот. Каде сум?
Вчера пак ми заѕвони телефонот. Истиот глас.
А телефонот ми е од новите, со екран на допир, две камери, голема меморија.
Сочуван, Ако сакаш да го купиш, ќе се договориме за цената.

На фотошоп

Во ерата на дигитализација, можев да и' се восхитувам, милувајќи го секој пиксел од нејзината слика. Толку е прекрасна и невина. Единствена е за мене, како и сите други.
Инаку, во последно време ги оставив видеоигрите. Купив нов компјутер и се нафрлив на фотошоп. Полека оди, но го совладувам. Има многу упатства.
Во почетоткот е тешко да се навикнеш, премногу икони... Сега-засега ми оди добро, со почетнички грешки. Не сум јас, сега, преку ноќ експерт. Тоа не може да се очекува. Интересна работа е фотошоп. Вчера ја осветлував фотографијата, за подобро да го видам ликот, денес го отсранувам од неа глупакот (после ќе го деформирам), ја упропастува фотографијата. Само уште рацете кај половината...

Драган Петревски

Метејќи го стариот ден

Метејќи го стариот ден, ги метат последните листови од вчера.
Метејќи го стариот ден, го метат минатото, го метат она “вчера”.
Метејќи го стариот ден го метат нејзиниот вчерашен парфем, го метат сеќавањето на неа, ги метат нејзините чекори.
Метејќи го стариот ден, ги метат вчерашните солзите кои го натопуваа асфалтот и му даваа посебен сјај.
Метејќи го стариот ден, ги метат последните траги од довчерашната љубов.

Молк

Дали ме сакаш? - молк.
Дали ме посакуваш? - повторно молк.
Дали ти недостигам? - неверојатно повторен молк.
Дали ти значам? - молкот преовладува со него.
Тивко, не прекршувајќи го молкот, уште еднаш се доближи до нејзиното тело будејќи го нејзиниот презир, со поглед на малечко дете кое талкајќи по светот се изгубило, го остави цвеќето на љубовта, светлината на тишината и ја напушти.

Марија Веселиновска

***

Една страчка стоеше на телефонската жица под прозорецот. Го отвораше и затвораше клунот. Mе гледаше со своите темни, изгубени очи. Веројатно ме молеше да ја разберам. Да ја разберам? А, некој ме разбира мене?
Повикувам, молам и проколнувам. И јас ја отворам устата, зборувам, но зборовите не допираат до никого. Исчезнуваат во катаклизмата на неповратот. А, неповратот ги голташе. Веројатно беше гладен, а тие беа добродојдени. Исчезнуваа во неговиот заборав. И од страв дека нема да бидат чуени викав на сиот глас. Сепак никој не ме слушаше.
Го завртев грбот, ќе живеам без да сакам некој да ме слушне. Ќе ја трујам душава трупајќи на неа среќа, тага, бес и радост. Да, и моите чувства ќе станат заборав.

Мане Манушев

Вест

Дедо Мраз никогаш повеќе нема да дојде. Со таков наслов осамнаа сите светски печатени медиуми, телевизиските и радио станиците испаничени ја пренесуваа најновата вест, а луѓето по улиците збунето без објаснување шпекулираа.
Дедо Мраз бил поканет на конвенција за познати ликови во земјата Тукапатука. Во оваа земја владеат закони кои ги толкува кој како сака и ги спроведува кој ќе стигне. Откако завршила конвенцијата, Дедо Мраз тргнал кон Лапонија, но бил запран од една мешана патрола составена од НТШ службеници и овластени лица кои го спроведуваат законот за следење на комуникациите. Бил направен претрес на неговата кола и не било пронајдено ништо недозволено или сомнително.
Меѓутоа, бил пронајден неговиот лаптоп. Дедо Мраз веднаш бил уапсен и сега е во притвор затоа што лаптопот имал полн HDD со фотографии, имиња и адреси на деца од целиот свет. Дедо Мраз никогаш повеќе нема да дојде.

Алергија

Веќе долго време ниту еден лекар не можеше да ја открие болеста од која боледувам. Минуваа денови, недели, месеци и години, а мојата состојба сè повеќе се влошуваше благодарение на мистериозната болест.
Еден ден, додека чекав ред за преглед кај лекарот, толку многу се изнервирав, бидејќи секој што ќе стасаше влегуваше преку ред, што мораше да интервенира цел лекарски персонал. Некако ме смирија и тогаш лекарот ми ја откри мојата болест. Сум бил алергичен. Така ми рече: Боледуваш од тешка алергија. Ти си алергичен на сè што е последно во твојов живот на овој свет.
Така живеев со мојата алергија. Никогаш не патував со последниот воз, не седев во последниот вагон, не ја допивав последната голтка од пијалакот, не го јадев последниот залак, престанав да славам Нова година, не свршував кога имав секс, не ги дочитував последните страници на книгите и никако не ги поднесував филмовите Последниот мохиканец и Последниот самурај.
Но, мојата состојба сè повеќе се влошуваше. Почнав да станувам алергичен на секој мој последен напишан текст. На секоја последна реченица, збор и буква. Станав алергичен на секој последен читател на мојот текст. Така сè повеќе се плашев да не умрам последен и од овој свет алергијата да ја пренесам на оној другиот.
Не можев повеќе да ја издржам алергијата и решив да се убијам.
Решив да се убијам, но болеста не ми даваше бидејќи бев алергичен и на мојот последен момент од животот.

Ангелеска Соња

Празнина

Се шетав така по улица. Гледав луѓе млади, стари, разни, но во душата некако празни. Празни – празни! Некои за љубов, некои за среќа, некои за ука, а некои за пари.
Па, си помислив да направам нешто. Зедов една кофа – ,,ПРАЗНА КОФА“. Застанав на една улица со мојата празна кофа. Од љубопитност почнаа да се собираат луѓето, празни да застануваат до неа, да се чудат зошто е празна? Некои прашуваа, а некои не.
Јас на љубопитните им одговарав: - Продавам надеж, љубов, вера, мудрост... Продавам од празна кофа!

Бошнакоска Бранкица

Релативитет на лудилото

- Ја сакам таа хистероидна личност, со очигледни намери- реков, баш онака, самоуверено, како што советуваат глупавите прирачници.
Тој се насмевна подбивно, со онаа иронично-цинична насмевка што мене ми го дразни желудников па продолжи: - Најтешко е да им ги откриеш намерите баш на таквите личности, егоцентични, самољубиви копилиња која со својата драматичност на манирите влечат внимание.
- Што ако и во тоа има смисла, некаква, што можеби на твојот минорен разум не му се пројавува баш најјасно... Ним не им е грижа ако светот ги прогласи за луди, ако знаат дека се на вистинското место, го сакате нивниот предизвик, толку многу, што почнувате да ги мразите..
- Зошто?
- Затоа што ви снемува храброст да бидете како нив, та тоа е толку просто, им завидувате што не се срамат од она што го чуствуваат или зборуваат. Имаат сила за еден куп битки, вие не сте започнале сè уште ниедна. Тие се избориле на крај со себе си, вие не.
- Хм... Ти го читаш Достоевски?
- О, да, - се насмевнав јас искрено - го читам доволно за често да ми паѓаат на памет неговите налудничави ликови.
- Да не си им слична?
- Ќе видиш, уште е рано, ама напредувам.

Аркана

Приспивна

Се заспиваме. По стоти пат. Јас него, тој мене. Немам веќе нерви. И’ велам на другарка ми дека ќе напишам оглас „барам три пара нови нерви некористени“. Се смее таа. Ми вели ќе ми помине. Ќе порасне. После ќе го будиш сосила. Се заспиваме, прво јас него, потоа тој мене. Во еден дел од минутата кога мислам дека спие, нежно се извлекувам од креветот, со брзина на молња во согорување станува, ме прегрнува и вели – долу! Оставам да ме чека ноќта за обврските. Има време. Си велам. Редно е сега да ги делиме соништата.

Прозорчиња

Цртаме прозорчиња. Со бела креда на зелена табла. Потоа ги ставаме дланките од двете страни на стаклото. Мојата е во розева, неговата во сина боја. Во едното прозорче едно цвеќенце, во другото облаче. – Аман, зарем мора да си толку патетична? - ми вели додека ме гледа како цртам во пареата од здивот оставен на прозорчето. – Морам - му велам.
Не за друго, така е поедноставно.

Принцезата

Се викаше Принцеза. Имаше неколку години помалку отколку што требаше. Неколку настани повеќе од вообичаено. Имаше и еден принц кој ја чекаше, ама тој не беше важен. Имаше и една чудна торба до нејзините нозе. И книга во торбата. Што не ја читаше. Седеше на клупата во железничката станица. Можеби го чекаше возот. А можеби не. Можеби принцот требаше да дојде. А можеби и не. Важно беше дека во книгата во торбата што не ја читаше, а стоеше до нејзините нозе, имаше една принцеза со очи во боја на небо во заоѓање. Која го чекаше својот принц кој немаше да дојде. Во истата таа книга принцезата имаше и мајка. Која и’ рече дека е така во постмодерната. Стално некој доаѓа, стално нешто се случува, а важните настани ги нема. Потоа мајката исчезна од книгата. Првата принцеза, оваа на станицата, стана, ја зеде торбата, излезе и замина. Не се знае каде. А не е ни важно.

@kihuPotru

чудовишта

нацртани, од мастило и чкртаници, напаѓаат... ги јадат сите оние кои ги заборавиле чиниите на масите. ги јадат сосе масите и цвеќињата без вазни во дворовите. чудовишта.

in.betwEEn

ме насмеа. сепак, тој ден не успеав да ги завршам сите облаци поради тие моменти полни смеа. некои оставив за утре. треба да бидат посветли, како онаа слатка која се прави од белка од јајце и шеќер. кога луѓето ги видат, да посакаат да ги изедат.

#short?!?

мора да најдеме некое заедничко решение. ако продолжиш да си играш со должината на моите раскази ќе престанам тука. другите зборови ќе си ги ставам во аквариум.

Sladjamk

Караман

Кога го купивме плацот, некако во пакет дојде и Караман. Навистина дека тој имаше свој газда а плацот свој, но сепак некако дојдоа заедно. Караман беше горски цар, најголем и најсилен во селото. Караман беше ловџија и не се плашеше од ништо. Од него се плашеа останатите кучиња и некои лоши луѓе. Караман секој петок нè пречекуваше во дворот. Прво ќе се стрчаше кај маж ми, а потоа ќе дојдеше и кај мене. Со него во дворот се чувствував безбедна. Не дозволуваше никој да дојде ненајавен. Секогаш реагираше со лаеж, но никого не напаѓаше.
Кај нас ќе останеше до недела а кога си заминувавме, ќе трчаше по возилото, сè до излезот од селото.
Неговиот вистински газда никогаш не смееше да влезе во нашиот двор, додека ние не му отвориме.
„А ќе видиш ти, кога ќе си заминат во недела!“ - му викаше.
„Залаците, залаците ги брои, од недела до петок“ - ни велеше, а јас знаев дека ги броеше и деновите исполнети со љубов.
Така беше со години. Уживавме со нашиот Караман.
Пред две години, еден пролетен петок дојдовме, но него го немаше под тремот. За прв пат не нè пречека. Долго го викав и го очекував, тој викенд и уште многу наредни. Никогаш повеќе не се појави.
Одвреме-навреме ќе здогледам некое куче, слично на него, и тогаш ми е топло на душава.
Сигурно е најсилен и таму каде што е сега. Сигурно е небески цар на кучињата.

Катерина Диманова

Вкрстени патишта

Ја исчитав сета таа приказна .Те допрев и затрепери. Штркот на црквата се согласува да одиме на југот заедно. Сеното останува. Кај е потопло од ледината на Кожув. Таму ке одиме само за да ни дадат повратна карта за дваесетичетворката што минува по пругата кон Велес. Прекрасен автопат и писти со коли. Таму долу југот е леден, а топол. Да одиме!!!

Душевна гостилница

Ти подарив:коцка со мраз, дрвено јаболко, лимена карта. Тие се дел од тебе и одлучив да ти подарам душа. Ти направив супа од кокошка и те нагостив на ливадата. Па, тоа пространство е ораница. Копаница посадена со лозје од сортата на вранец. На здравје!!!

In absentia

Shit happens

Таа беше Алфа засегната со рестрикциите од областа на слободата на говорот. Бета членовите во секој случај уживаа потполна слобода во тој поглед. Но тие беа оние кои никогаш немаат што да кажат.
Промените веднаш ги почувствува, но за секој случај отиде на лекар. И констатираа вонматерична бременост. Сега имаше плацента на местото од ’рбетниот мозок која тргнуваше од ректумот. Повремено добиваше силни главоболки, предизвикани од брзото напредување на плодот во внатрешноста на нејзиниот череп. Како нус појава на бременоста престана да оди по голема нужда, бидејќи плацентата ја тргаше сета содржина од ректумот, која минуваше низ пршлените, па се до стомачето на детето кое спокојно си пливаше сред течноста од синапси. Еден ден кон крајот на деветиот месец, додека се враќаше преку плоштадот од маркетот (со две големи ќеси храна препорачана од книгите за трудници) се згрчи во предпородилни болки. Главата и’ набабруваше и околу неа се собра народ. По некое време луѓето најблиску до неа згрозено се повлекуваа пред глетката на детето кое шлапна на земја преку нејзината уста. Никој не му обрна внимание на фактот што жената загина, сите го слушаа првиот одглас на бебето (во никој случај плач) - Stercus accidit !!!

Климентина Марковиќ

Почеток

...Писателот седи сам, во својата соба и чита. Чита замислено, со погледот ја впива секоја буква, секој збор испишан со темното мастило. Тоа се неговите зборови, кога инспирацијата ја обзеде неговата сила во оние мигови кога ја здогледа својата совршена особа. Додека чита, една слика му прелетува низ мислите. „Таа, покрај фонтаната седи и се загледува во секој минувач, барајќи го ликот од нејзините соништа.“ ЕВЕ СУМ! Наеднаш извикува....Сам е во собата, никој не го слуша.
Ги фрла листовите хартија на земја и со трескот ја затвора вратата зад себе...
....Повторно ја наоѓа крај фонтаната и тивко се доближува. Застанува, на еден метар од неа. ,,Или сега или никогаш.“
Зема длабок здив и со сомнеж вели ,,Здраво.“
Таа се насмевнува ,,Здраво.“
..........среќен крај......... ?

Лидија Каранфиловска-Жикиќ

Неродениот

Излеговме да се шетаме ние тројца, од кои едниот уште нероден. Неродениот ко да сакаше да нè заборавиме на него додека се држиме за рака и ми го стегна стомакот. Подзастанавме, се прегрнавме и јас реков “колку прекрасен момент” додека го дишев дождот, а тој мирисаше на пиво и попладневна дремка. Меѓу нас големиот стомак скокаше од среќа.

Стражар

Јас овде се чувствувам запрепастено затоа што мирно спијам. А ти, чуваш. Стражариш. Би сакала да мислам дека го чуваш пределот посеан со цвеќиња за да не опијат некого на минување, немирниот ветер да го одвратиш од намерата да лудува до зори, ѕвездите да ги сопираш од паѓање за да не завршат на некој кров, месечината да ја чуваш од занесеност да не осветли премногу и да зборави дека е ноќ. Би сакала одсјајот од месечината да го видам во твоите очи. Но наместо тоа гледам бодликави жици и крвави раце.

Чакра

Си ги помирисувам дланките. Мирисаат на мене. Ја отварам главната врата. Влегувам. Излегувам. Во поход по нов мирис.

Raindrops are falling on my head

Мислите ми се облаци понекогаш. Само густа измаглина. Од моите очи дури ни солзите не течат. Испаруваат.

Ванета

Раскрсница

Ме будиш со допир. Те отпуштам на задното стакло. Во гранули од каллива прашина, десетина ливчиња од рози од претходната вечер. Мојата исповест на делови... под чаршафот, таму каде што се преплетуваат истокот и западот според фенг-шуи.
Ова утро нашиот кревет се најде на раскрсница, онаму каде што се преплетуваат истокот и западот, според историјата. Казнети! За нас не смееше да се знае.
Гледам зебра, како ги превиткува нозете нежно, во елегантен галоп, не прескокнува. Луѓе, со кеси од пазарење, ги буткаат своите точаци, го успоруваат одот и заеднички ги вперуваат своите показалци кон нас. Милиони светилки, нервозни свирки, пешаци со подзинати усти, над нас се најавува пристигнувањето на возот од Гевгелија. Ти веќе имаш сопруга. Јас сум “некоја“ во градов. Што ќе речат луѓето?! Што ќе биде со децата кои ги немаш?! Што е со репутацијата на работното место? Кое го мразиш. Што е со пријателите кои не одобруваат вонбрачна љубов?! Нашите пријатели, страсни љубители на грозничав секс, фетиши од излозите за долна облека, лоши филмови со пукање.
Нашиот кревет ставен на градска раскрсница, нашите животи пресечени со тапиот жилет на граѓанскиот морал.
Раскрстив.

Марија Веселиноска

Без засекогаш

„Ќе ме сакаш ли утре?“
„Веројатно.“
„И задутре?“
„Би требало.“
„Засекогаш?“
„Нема да живеам засекогаш.“
„А додека живееш?“
„Ќе живеам и ќе сакам.“
„Мене?“
„Таа што ќе ја избере срцево.“
„Но јас те сакам, ќе те сакам засекогаш.“
„Зошто си толку сигурна? Засекогаш е премногу силно ветување.“
„Но јас можам да ветам.“
„И да ме повредиш?“
Сега немаше одговор. Тишината се испречи меѓу нив двајца. Таа веќе не настојуваше. Се прашував дали и таа стана свесна дека ништо не е засекогаш и ништо не е вечно.

Да, а сепак не

Таа љубеше, мразеше... Понекогаш плачеше од тага или бес... Се радуваше, потскокнуваше и лебдеше. Секојпат така, и порано, но сега луѓето не се радуваа на нејзината песна, ниту и’ подаваа марамче за да си ги избрише солзите. Наеднаш тоа беше нејзиниот град, роден, но толку туѓ. Тоа беа нејзините луѓе, најблиските, но толку далечни. Таа ли се промени? Или луѓето ги контролираше некој демон? Или што се случи?
Талкаше наоколу, бараше одговор... проколнуваше и на крајот исцрпена се враќаше назад. Кај него. Тоа беше единственото место каде можеше да отиде иако и тоа не беше она некогашното. Неговата прегратка стана затвор за нејзиното тело. Неговата љубов стана затвор за нејзиното срце. Ја прогонуваше. Секогаш, секаде затвор. Само мислите и останаа слободни. Тие лета, бегаа, уживаа место неа додека таа копнееше по ѕвездите. Нивната светлина сè уште ја одржуваше во живот. Немоќна и желна одлучи дека ќе се бори...

Габриела Стојаноска-Станоеска

Во доверба

Има раскази што сообраќаат со моето сострадание и жал. Има раскази што ме болат до коска. Има раскази што чудо прават: катарза! Има раскази завиени во мистерија полни со шокантни изненадувања по џебовите. Има раскази кои ми предизвикуваат ужас и страв. Има раскази од кои добивам нагон за повраќање. Има и раскази што навеваат благопријатни чувства. Има раскази заводливи како жена и маж. Има раскази кои ме кинат од смеа. Има раскази кои се три во едно. Има раскази...
Има раскази кои ме оставаат индиферентна. Најмногу се плашам од нив.

Светови

За Теа, која ја напушти подрачната болница и се вработи во иста таква, само поголема, во центарот на градот, светот беше сè уште ист. Затоа, додека ги правеше првите познанства со новите колеги, секојдневно очекуваше да и се јави некој од старите колеги за да и честита и да и посака успех. Не ги очекуваше баш сите, не ја очекуваше ни најдобрата пријателка со која на крајот ги заладија односите. Но, очекуваше да и се јави барем Илка со која во автобусот по патот делеше семки, дремки и сенки; или Марко, докторот сликар, на кого таа му ја отвори првата самостојна изложба, бидејќи Теа имаше око за уметност, и кого го сметаше за вистински светец; или Филозофот, докторот академик, кого, единствено таа од цел колегиум, го слушаше со часови без да помисли дека забегал во науката. Теа, како и сите други кои заминуваа, не разбра дека залудно се надева на каков било глас оттаму. Напуштениот свет, по секое заминување, се завртува со невидена брзина околу својата оска за да може со излетаните искри што побрзо да ја завари и измазни празнината така што да не се познава ни најмала трага, ни сменета боја на местото на промената во енергијата.

Сонце и сенки

Седам повеќе часови пред белиот монитор. Зад него е прозорецот. Низ стаклото ја гледам старата сосетка во дворот преку улица. Во дебело фермеле, со шамија на глава и со бастун во рацете со часови се топли на првото февруарско сонце после многубројните денови и ноќи во минус. Седиме. Таа таму, јас овде. Мене ме чекаат најмалку пет ненапишани раскази, тематски процесни и дневни планирања, непрегледани тестови на учениците, купишта неиспеглани алишта, неодиграни партии шах и не лути се човече, разговори, бакнежи и прегратки... Неа не ја чека никој. Таа е препуштена на моментот. Ги дочекува и испраќа ретките неделни минувачи, автомобилите не ја интересираат. Кога улицата е пуста, гледа внатре во себе. Сенката полека ја зафаќа нејзината куќа. Два кратки раскази се готови. Старицата се уште седи. Сонцето паѓа некаде зад мојата куќа. Старицата внимателно станува од столчето и закрепувајќи се со бастунот тргнува по надворешните скали да си се прибере дома. Ја следам со поглед, ме опфаќа некоја тага. На третата скала старицата исчезнува. Исчезнува! Ја снемува! Ја имаше на втората скала, на третата ја нема! А има уште скали за качување... Третиот расказ ми останува недопишан...

Сајбер секс

Социјална мрежа за поврзување или одврзување? Веќе две години неговата жена ги пробдејуваше ноќите на перници водени од солзи. Синовите тинејџери знаеја зошто ги брка порано в кревет и си го резервира компјутерот од еден часот до четири наутро. А тој беше уморен од се. Уморен од болести, од немање пари, од барањата на децата, од незадоволната жена. И предложи и таа да си најде сајбер љубовник. Дали е тоа решение за среќен брак во дваесет и првиот век? Ако е така, нејзе повеќе и се живееше во времето на Шекспир.

Мерсиха Исмајлоска

Ти

Ти, на чија музика вибрираат планините, а есенските лисја глумат пеперутки, ти што го верифицираш моето постоење со вкус на лимон и зелен чај, ти снег налик небо, а кафе налик снег, ти драгоцен самрак на денов... ти љубов на прво огледало... ти само едноставен анаграм од моето име...

Гласови

Гласови од некој друг живот, и сега ги слуша, му кажуваат не за жената на неговите соништа, ами за жената на неговото будење. И таа само што ги слушна, се насмевна и го доцрта змејот, сличен на оној од неговото детство, леталото-змеј, за кое таа секако ништо не знаеше, а така убаво го трансформираше во зеднички полет.

Исповед на уметникот Ж

Ме викаат Ж. Да, да како онаа буква што личи на жаба. Утрово навистина беше заврнат снег, а јас како и секогаш го стоплив својот утрински чај кој така топол се спротиставуваше на ладната реалност, но не на сребренит снег ама на онаа другата. Онаа во која нема место за заљубениот дух, а тој-духот сепак беше тука помеѓу колачињата и певот на детето или привидот. Не, не, дете е, бега преку планина, му ја видов качулката! Не, не, привид e исчезнува со ветерот! Не, не, та Ана е, го бара Цветана! А Цветан многу пред тоа беше кај мене. Исто имаше снег, а тој необично долго и тивко како за себе зборуваше за нив. За момчето-врач кое ја бара својата невеста, кое дури и на змијата и забрани да го остави своето цвеќе во невестинската постела и неговата љубена која се предаде себе си на змиската магија, искористи дел од својата тајна за да ги заштити нив. Цветан зборуваше како секој ден го слуша момчето-врач, како се обидува да ја разбуди од смртта неа, која и јас ја слушав како ја навестува пролетта тоа утро кога заврна последниот овогодишен снег. Дури и еден јунак од еден мој расказ сведочи за тоа, а кој знае можеби јас станав Цветан само за миг, а не само Ж, колку да се знае, колку да се има книжевниот тестамент.

Алергија.

Алергија.

Ајде и јас да си ги издвојам

Ајде и јас да си ги издвојам фаворитите.

Д. Коцев - „На фотошоп“. Фино виртуелно отстранување на непожелниот глупак на сликата :)
Мане Манушев - Во „Вест“ има интересен крај. И „Алергија“ не е лош. Ама мислам дека Мане може и подобро.
Аркана - „Принцезата“. Духовито поигрување со еден традиционален мотив.
Kihu Potru - „Чудовишта“. Убава минијатура. Елиптичноста и’ е предност.
Лидија Каранфиловска - Жикиќ - „Неродениот“. Ептен е лав - хепинес, ко да се случува во парк на Боб Марли ден :)

Останатото ми се чини некако бледо. Голем дел од пристигнатите текстови се поблиски до некаков лирски запис, песна во проза или импресија отколку до расказот како жанр.

И ја мислам дека Мане може

И ја мислам дека Мане може подобро (пред се’ крајот на Алергија). Во Алергија ме трогна моментот кога зборува дека е алергичен на последниот човек кој му го чита расказот.

Минатиот пат критикував под

Минатиот пат критикував под друг псевдоним, ама не е битно. Повторно истиот впечаток - со исклучок на две-три имиња кои ветуваат, останатите учесници на конкурсот како да не ја разликуваат границата меѓу краток расказ и поетска творба. Поголемиот дел од објавените „раскази“ воопшто не ги исполнуваат условите за да бидат наречени раскази (цврста и збиена градба, некакво дејствие, ликови), и наликуваат, како што и во погорниот коментар напиша Иван, на некаков лирски запис, песна во проза или лирско-поетска импресија.
Со тоа и самиот конкурс губи на квалитетот (со оглед на тоа дека има голем интерес, не можеме да го кажеме истото и за квантитетот). Се надевам дека наредната недела објавените раскази ќе бидат поиздржани и ќе можеме да ги анализираме според содржината, а не според формата.

Поздрав

ke ima li vtor del ili ste

ke ima li vtor del ili ste napravile pred-selekcija i ova se site raskazi?

Ова се сите раскази за оваа

Ова се сите раскази за оваа недела. Не правиме претходна селекција. Според правилата на конкурсот, ги објавуваме сите пристигнати раскази, освен оние што не одговараат на формалните услови поврзани со должината, или некои песни што ги добиваме. 

Поздрав,

Владимир

Алергија и Фотошоп за нијанса

Алергија и Фотошоп за нијанса подобри од останатите кои не се толку добри.Поздрав

Драго другарче, што можеби

Драго другарче, што можеби имаше пратено добар расказ, да знаеш дека не те прочитав. Патетичниве ја убија мојата желба за читање. Не пишувај повеќе тука, не вреди, отвори си блог, ќе си се читаме и ќе бидеме пријатели, сигурно ќе те пронајдам. Прашај го чичко Гугл за конкурсите низ Македонија, сигурно ќе ти каже за некој. Се гледаме некогаш, на некое пристојно место. На рудариве не им работи фенерот, им цркна канаринецот, се задушија од метан...

Драго другарче...лец би бест

Драго другарче...лец би бест ефинг френдс форевар

Алергија ми делува многу

Алергија ми делува многу интересно.
Се' друго е кич :)

Аман Критичар кажи кои се тие

Аман Критичар кажи кои се тие две -три имиња кои ветуваат, не не оставај во мисла ко минатиот пат!

Алергија - може!

Алергија - може!

Ќе ги издвојам Алергија и

Ќе ги издвојам Алергија и Исповед на уметникот Ж... Преубаво :)

Тие имиња се Мане Манушев,

Тие имиња се Мане Манушев, Лидија каранфиловска - Жикиќ и Габриела Стојаноска-Станоеска. Се’ останато, според мене, не ги исполнува основните услови за да се нарече краток расказ.

Би сакал да му реплицирам и на Delete from Bookmarks. Не ми се допаѓа ваквото „мрчење“, посебно зашто редакцијата на Окно нема никакви допирни точки со објавените раскази - ако расказите се толку лоши што си посакал да побараш „некој друг конкурс на интернет?“, вината е во авторите кои, се чини, недоволно сериозно го сфаќаат конкурсот и испраќаат се’ и сешто што им изгледа на расказ. Во секој случај, таквиот став е погрешен, според мене, зашто ова е една од ретките можности млади автори да покажаат што знаат и умеат. Ако досега не покажале доволно, не треба да се губи надеж, зашто има уште неколку недели до крајот на конкурсот.

Неговиот коментар е класичен пример за неконструктивност и „кафанско“ расудување.

Поздрав

Телефон, Д. Коцев, мислев

Телефон, Д. Коцев, мислев дека ќе биде досадно,ама испадна интересен крај, голем пресврт :D Ќе го купам!!!

Предлог: Правете селекција.

Предлог: Правете селекција. Вака не бива. Објавувајте ги расказите што личат на раскази, т.е. што ги имаат одликите на краткиот расказ. Поентата би била да се коментира кој успеал да го извлече максимумот од жанрот, а не кој го погодил жанрот. Минатиот пат изгубив време да ги исчитам расказите, овој пат бев упорна и дојдов до истиот заклочок: повторно изгубив време. Ако продолжите вака му нема спас на конкурсот.

Алергија, Лидија, Фото шоп,

Алергија, Лидија, Фото шоп, Габриела

Potru e porazlicen, vo

Potru e porazlicen, vo prikiaznata, vo dinamikata, vo stilot..

Според сите вас едноставното

Според сите вас едноставното и тоа што може да се разбере е секогаш најдобро.Мистичноста не вреди,уметноста не вреди.Читајте си романи кој се комерцијала и сите ги разбирате,а за загатките не се обидувајте да ги доживеете на свој начин.Книжевноста се доживува не се објаснува.

Другар книжевник, со

Другар книжевник, со последната реченица си даде опасен автогол. А можеше да извадиш реми.

фудбалот не го

фудбалот не го разбирам,всушност можеби и ништо не разбирам

Princeza i cudovista i ...

Princeza i cudovista i ...

Здраво на сите, а посебно на

Здраво на сите, а посебно на предложувачка и мрчителите...

Јас не сум објавил расказ и читам само ако ме заинтересира.
Претпоставувам веќе дека комисијата има важен филтер, а тоа е пишување на кирилица и погодување на 1200 карактери. Се разбира, секој текст кој ги исполнува овие услови е прифатлив. Предложувачка место да мрчиш, може да одбираш текстови кои те привлекуваат да ги прочиташ. Мислам дека не си во право, от и да се досадни, тие ги исполнуваат најважните критериуми. Некои текстови испратени сигурно имаат и грешки, но филтерот сигурно им работи подоцна...

Ете така.
Затоа би кажал: Комисијо, објавуј ги сите раскази и потоа селектирај.

Чао

Ми се допаднаа СОНЦЕ И СЕНКИ

Ми се допаднаа СОНЦЕ И СЕНКИ на Габриела С. и АЛЕРГИЈА на Мане М. И двата раскази како во некоја трка со времето, неочекувано ми зголемија вниманието и оној многу важен момент: што ќе се случи на крајот!

Да се согласувам. Необично многу лирски раскази :)

И Мерсиха, убави раскази...

И Мерсиха, убави раскази...

@kihuPotru - уникатно,

@kihuPotru - уникатно, браво!!! кратко, јасно и силно

Идејата за ваков конкурс е

Идејата за ваков конкурс е брилијантна, но помизерна работа од оваа не сум видела. Секоја чест само продолжете да си ги делите книгите меѓу себе, прекрасно нели? :) Најпрекрасно!

ОкоБоли главаВицФото