Витези со тажен лик

27.04.2023 00:21
Витези со тажен лик

Некогашниот центархалф Драган Милановиќ и голманот
Жељко Њежиќ (1945-2021) на игралиштето Загребело

Здраво, Гуџевиќ, овде е Миланезе, како што ме вика Миро Реде, или центархалфот Милановиќ, како што ме викаш ти. Види, да ти кажам нешто за голманите, ти си татко на еден голман, ќе имаш ти уво и слух за тоа. Ти ми раскажуваше како голманите, вратарите или тие, како да кажам, метафорички чувари на мрежите, една енциклопедија ги нарекува последните луѓе. Енциклопедисти како енциклопедисти, именуваат гледајќи од ценарот кон голот. Тие последни луѓе се први во тимот, често и според заслугите. Од нив почнува екипата, некогаш на грбот го имаа задолжителниот број 1, денес некои имаат 99 или 88. Прописите со кои се уредуваат броевите на грбовите на играчите предвидуваат дека тие можат да бидат само двоцифрени, а јас, кога и да видам голман со број 99, веднаш помислувам на таа книгата за голманите како последни луѓе. Е, тие први последни луѓе им носат и светлина и мрак на своите екипи повеќе отколку другите играчи. Сети се само на голманот Барбоса, кој беше веројатно најголемиот бразилски голман на сите времиња. Тој речиси педесет години, до смртта, живееше посрамотен и жигосан како виновник за поразот на Бразил од Уругвај во завршниот натпревар на светското првенство во Бразил во 1950. А виновник беше колку што сум виновен јас кој десет години подоцна играв за Загреб и за Локомотива! Кутриот Барбоса: фудбалскиот сојуз на Бразил во 1994 година дури му забрани на тогашниот голман Тафарел да се сретне со Барбова, зашто Барбоса носел несреќа! Се сеќаваш, ми раскажуваше како во последните години од својот живот, Барбоса на некој новинар му рекол: „Во Бразил за убиство законот предвидува 30 години затвор. Поминаа многу повеќе години од тој законски рок откако се играше финалниот натпревар во 1950, а јас се чувствувам како сѐ уште да сум на робија за нешто за што не сум виновен“. Ете, врз Барбоса се истурил и гневот на бразилскиот расизам и помина половина век пред следиот црн голман да може да застане на голот на Бразил.

Е сега ти ти кажам зошто те барам. На сликата што пред малку ти ја пратив, до мене стои Жељко Њежиќ. Њежиќ сигурно си го гледал на Загребела, кога го игравме оној наш фудбал. Њежиќ беше голман, тој и јас пет години бевме соиграчи во Загреб, потоа пет во Локомотива. Во Загреб Њежиќ дојде кога прв голман беше Зоран Мишиќ, по потекло Мишевски, кој беше еден од најголемите голмани на Југославија, иако немаше среќа да брани за Југославија. Пред Мишиќ голман на Загреб беше големиот Мачек, кој беше мачек само по презимето, инаку на голот беше пантер. Мачек за Загреб бранеше во времето на Вукас, потоа беше тренер, го тренираше и Њежиќ. Значи, Њежиќ најпрво му беше резерва на Мишиќ, потоа застана на голот. Њежиќ беше одличен голман, одлично граден, едно време го бараше и Партизан. Но тој трансфер го спречи Ото Бобек, ги заборавив деталите. Не знам дали знаеш дека Њежиќ го создаде голманот Ливаковиќ. Создаде и други голмани. Тие голмани почнаа да го викаат Дедо. Е, на Дедо неговите ученици, голманите Ливаковиќ и Чондриќ, од благодарност и за спомен, пред три години му подарија нов автомобил, Дедо беше многу трогнат. Дедо почина минатата година во лето, јас му држев говор на погребот. Закопан е во Мирогој, педесетина метри пониско од Замбара и од Ламза. Така Максимир сѐ повеќе се сели на Мирогој. И јас, кога ќе рикнам, а немам намера да рикнам никогаш и никако, но што ако некогаш рикнам, и јас ќе одам таму, покрај мојата сопруга. Па таа и од Мирогој ќе ме испраќа на натпревари и ќе ме дочекува на Мирогој. И таму ќе го среќавам Њежиќ, кој исто како и јас, е дете на партизан првоборец, носител на Споменица од 1941.

Лев Јашин

Знаеш, кога ќе го погледнам лицето на нашиот голман Ливаковиќ, мене мислите ми одат на Аристотел. Ти некаде најде дека тој кажал оти сите генијални луѓе се меланхолични, така ли? Ливаковиќ во својата област секако е генијален, го чува голот на една од четирите преостанати екипи на натпреварување кој не е ништо помалку од светско првенство, а е витез со тажен лик. Фудбалски витези со тажен лик беа и Милутин Шошкиќ и Лев Јашин. И Владимир Беара беше меланхолик, иако кај него тоа не се гледаше баш лесно, зашто беше онака, убавичок, па убавината прилично му ја сокриваше меланхолијата. Е, ако ги погледнеме тие меланхолични голмани би се прашале, луѓе, па која мака ги мачи тие луѓе, кој им умрел, толку тажни ликови имаат. Јашин имаше најтажно лице, а беше најдобар. Во 1963 година, доби Златна топка од ФИФА, онаа која ја доделуваат на најдобриот играч за таа година. Досега е единствениот голман што ја добил. Јашин е клучен доказ дека Аристотел е во право.

Е сега. Гледаме дека не мора да се биде многу мудар, за да се заклучи дека голманот може да те направи светски првак. Ако играш на нерешено, ти успева да играш на нерешено, го држиш тоа нерешено, во продолженијата го одржуваш тоа нерешено, па потоа го пушташ голманот да прави чуда. За сето тоа велиш заслугите ги носи и ги сноси југословенското натпреварување по име Куп на Маршал Тито. Овде, велиш, според твоите истражувања, првпат е воведно одлучување на победникот со пенали. Натпреварот ќе заврши нерешено, се играат продолженија, и понатаму е нерешено. За да не се игра понатаму, а меѓу двете војни имало натпревари и од по 150 минути, одлуката за тоа која екипа ќе помине понатаму ја носат играчите изведувајќи пенали. Се чини дека првиот така одлучен натпревар бил оној помеѓу Кварнер и Пролетер од Осијек, таму во 1952. Ријечаните поминале понатаму. Денешниот НК Ријека тогаш се викал НК Кварнер. Потоа југословенскиот патент го зеле други земји, напрво Италија, па Швајцарија, за своите натпреварувања. Надвор од границите, на европско и светско ниво, патентот ќе биде применет многу подоцна. Без тој југословенски изум не би ги имало оние чуда кои ги правеа Дукадам, Виктор, Касиљас, Буфон и многумина други. Пеналите во елиминациските натпревари донесоа најголема возбуда, а богами и наголема жалост. Се сеќаваш ли како во Белград Чехословакот Иво Виктор го маѓепса Ули Хенес, па овој ја шутна топката високо над голот? Пеналот кој во Фиренца на Фарук Хаџибегиќ му го одбрани аргентинскиот голман Серхио Гојкочеа беше последниот шут на Југославија на едно светско првенство. Засекогаш. Ми имаш кажано дека за тој пенал еден Италијанец напишал книга и ја насловил „Последиот Фаруков пенал“. Па некако испаднало дека Југославија на светското првенство ја закопал нејзиниот сопствен изум.

Знам дека Јашин одбранил намногу пенали од сите голмани на светот. ФИФА објави дека скротил повеќе од 150! А кога тој бранел сѐ уште го немало правилото дека нерешените натпревари за куп се одлучуваат со пенали. Можеме да замислиме колку уште пенали би скротил волшебниот и легендарен Црн Пајак, цел во црно, и ракавиците му беа црни, само да бранеше за својот московски Динамо и за СССР пенали по продолженија? Повеќепати ми раскажуваше Замбата како Галиќ му нафрлил топка, овој фатил волеј, топката како стрела оди таму каде пајакот си ја плете мрежата, а раката на Јашин ја стига топката и мрежата, и пајаковата и Јашиновата, остануваат недопрени.

А си слушнал и дека Аргентинецот Хозе Алберто Перез, како голман на Ривер Плата за две години одбрани 14 последователни пенали! Е, тој рекорд нема да може да го собори никој никогаш, освен ако не се оствари сонот на оној поет Монтале кој замислил во натпреварите никогаш да не биде постигнат ниеден гол. Можеби и ќе дојде тоа време, зашто центарфорите сѐ повеќе одумираат, а голманите растат како печурки. И сѐ подобри се, како што гледаш. Кога медицината не може да направи чуди, викни го Ливаковиќ. А гледај ги Мароканците: дојдоа до полуфинале, примија само еден гол, и тој самите на себе си го дадоа. Нивниот голман Боно е како да го тренирал добриот Њежиќ, на својот специјален песок во ископаната дупка. И тој беше меланхолик, според моето скромно убедување и суд. А може со своето бранење да те направи светски првак и да те донесе до тоа да мислиш дека не ти требаат напаѓачи. Ете до каде тие последни луѓе го донесоа нашиот луд спорт фудбалот. Поздрави ми го син ти, голманот Гуџевиќ.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото