Мелиса Џонс: соочување со својот најголем страв

27.04.2023 00:38
Мелиса Џонс: соочување со својот најголем страв

Мелиса Џонс е британска глумица и активистка која ја стекнала својата популарност во улогите на сериите Life и Coronation Street. Амбасадорка е за правата на лицата со инвалидитет и на уметноста. Се залага за подобра застапеност на луѓето со инвалидитети во филмот и во театарот.

Откако завршила училиште по глума, работела на телевизија, во театар и на радио. За својот актерски и активистички ангажман наградена е со многубројни признанија.

Во 2018-та нејзиниот мобилен телефон е украден и објавени се нејзини интимни фотографии. Мелиса ја искористила оваа ситуација за да проговори против исмејувањето поради изгледот и стигматизацијата на луѓето со попреченост, на сексот и за телесната дисморфија.
„Како што растев апсолутно го мразев своето тело. На романтични состаноци одев пред закажаното време за да испланирам на која страна ќе седнам. Имав и кореографија за секс. Станав буквално експерт за манипулација а тоа беше страшно исцрпувачки. Дедо ми ја купи нашата прва видео камера во 1990-та година, а тоа е воедно годината во која сум родена. Гледајќи некои снимки од детството видов девојче кое танцува и е слободно. Ја гледав и си мислев: - Не ти го дадов животот кој што го заслужи - тоа беше мојата точка на пресврт.

Најлошо нешто што можеше да ми се случи беше некој да ми го хакира мојот ајклауд и да ги објави моите интимни, експлицитни фотографии. И се случи токму тоа. Фотографиите набрзо се проширија по порнографските сајтови, меѓу кои и оние кои го фетишизираат инвалидитетот. Ми се чинеше дека мојот живот е завршен. Одеднаш моето тело беше јавна сопственост. Растргнато од коментари. Мислам дека не би привлекло толку внимание да не бев русокоса глумица која има една рака.
Доколку сакате некому да му пратите фотографија - пратете ја. Направете го она заради кое се чувствувате добро. Праќав фотографии од своето тело во момент кога се чувствував добро во своето тело .. Не сум јас онаа која треба да се обвинува. Тоа што разгневува е нарушувањето на приватноста, не треба да чувствуваме грижа на совест поради своите тела и да дозволуваме да бидеме подложни на исмевање поради нив.“

Мелиса беше бесна, но потоа го преиначи својот гнев во креативност. Отсекогаш била добра во раскажување приказни и сфатила дека ова е приказна вредна за споделување, а сето тоа со цел да си го поврати сопственото тело.

Почнала да пишува драмски текст за случувањата. Претставата допира длабоко во нејзиниот живот, несигурностите и најтемните моменти со кои се соочувала, но сепак истовремено е ведра и забавна.

„Претставата беше најдобрата можна терапија. Сега самоуверено можам да зборувам за се́ без да ме повредува повеќе.“

Мелиса вели дека недостатокот на разбирање на инвалидитетот бил основната причина заради која ја тролале кога нејзините фотографии биле објавени. Таа не е бесна на тие луѓе, туку се обидува да ги разбере и да сочувствува со нивното незнаење.

„Доколку секојдневно би се борела со мојот гнев, тоа би ме истрошило. Соочувањето со мојот најголем страв не само што ми помогна да се прифатам себеси, туку ме научи како да се соочувам со различни неочекувани ситуации. Честопати во животот не можеме да промениме што ни́ се случува, но можеме да си дадеме слобода да одлучиме како ќе реагираме на случувањето. Понекогаш тоа е единствената работа над која имаме контрола.“

Извор: portaloinvalidnosti.net

Превод: Ана Чушкова

ОкоБоли главаВицФото