1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Не треба да нагласувам дека насловното прашање е провокација што треба да ја разоткрие парадоксалната ситуација во која библиската земја веќе долго време се наоѓа. Навистина, од една страна нам и не ни е толку лошо колку што општото (не)расположение покажува. Додуша, и оваа констатација се темели не толку на фактите за нашиот напредок и просперитет, туку повеќе на утешниот увид дека поминавме подобро од многу земји што во депресивните мугри на 21 век влегоа во процеси на општествени транзиции што везден се тркалаа од лошо на полошо.
Од друга страна, пак, какво е тоа апсурдно прашање (од насловот) што не само што го доведува во прашање самиот темел и смислата на сите наши безалтернативни стратешки определби и надворешно и внатрешно политички стремежи, туку и штетноста на нашето интегрирање во Унијата ја постулира како премиса толку очигледна што таа и не е предмет на прашањето, туку загатка се само нејзините причини?!
Има два брзи одговора на горното прашање, но како и сите брзи одговори и овие страдаат од сопствената интуитивност и фатализам. Елем, нашите евроинтеграции се не само штетни за Македонија, туку се буквално самоубиствени, од проста причина што секој чекор кон Унијата и секоја премостена пречка што власта со големи маки и усилби, жртви и белези, успева да ја прескокне, несопирливо ја јакне македонската немезис – нашето родно вемеро, кое како и секој мршојадец не мора ништо да прави за својата политичка промоција, туку само да чека и да колва во раните на националното достоинство.
Зашто, никој не може да го спори фактот дека сме без конкуренција најпонижуваната кандидатка пред вратите на европскиот клуб, а чувството на инфериорност е мајката на секој фашизам. Затоа вемерето како изворно фашистичка рожба се храни, гои и расте толку повеќе колку што европските ултиматуми ја предизвикуваат хроничната пониженост на библискиот народ.
Тоа малигно чувство на помала вредност, обилно стимулирано од бескрајно долгите и навредливо глупавите европски опструкции, стана веќе општо место, нашата нормалност што веќе никој во Европа не ја забележува. Тој парадокс не го забележува веќе ниту еден од многуте конзули, прокуратори, принцепси и цезари, што годинава нè посетија да ни соопштат дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последната свињарија што Унијата ни ја зададе на патот на зачленувањето.
И дека е тоа дребулија во споредба со безмерната убавина што потем ќе ја уживаме до крајот на времето. Дури и огнената Аналена Бербок ни одржа охрабрувачки говор, што го заврши со боевиот извик „храбро да го смениме Уставот, а Европа нема да нè остави на цедило“. И никој не го забележа апсурдот дека жената без око да ѝ трепне ни ветува дека нема да нè остават на цедило, и тоа нас што се клацкаме на европското цедило цели три децении?!
И тоа беше првиот брз одговор за штетноста на евроинтеграциите за здравјето и за опстанокот на библиската земја: секој чекор во место кон Унијата политички го факторизира и јакне вемерето, а тоа значи и дека го расте македонскиот малиген канцер што во генот ја има запишано смртта на својот домаќин.
Вториот брз одговор е уште поочигледен: македонскиот државен и културен проект бил можен само и единствено зад цврста и непробојна граница што не дели од мајката Бугарија. Сите замешателства и интеракции со бугарската држава, од првите дамари на македонизмот пред век и кусур па до ден-денес, биле траорни борби за опстанок на македонството пред вечната бугарска територијална аспирација и великобугарска идеја дека Македонија е бугарска земја што е населена со бугарско население. Нема ниту нанометар поместување во бугарските тези и аспирации, од 1870 до 2023 година, па блиску до памет е дека секое приближување до таков сосед е штетно по македонското здравје.
И, како и со законот за фашизмот што вирее на чувството на поразеност и пониженост, и за овој елементарен закон на постоењето – дека не е добро да се прегрнуваш со агентот на твоето уништување, веќе три децении постои неверојатно слепило. Добро, ќе рече човек дека пред триесет години, кога југословенската безбедност безалтернативно ја сменивме со сонот за членство во НАТО и Европската Унија, Бугарија не беше членка на Унијата и секому му беше очигледно дека е многу зад нас во исполнувањето на светите услови за влез во клубот. Но, сепак, сепак: што мајка бара кревката македонска кандидатка во клуб во кој веќе десет години членува и нејзиниот историски силувач, „администратор“ и смртен непријател?! Бладањето за европскиот рај, за заедницата на солидарноста, на еднаквите и достоинствените, како да произведе когнитивна глаукома што ни го зеде видот, односно умот, та не можеме да ги препознаеме ниту основните факти на животот? Дека ако си +1 не треба да влегуваш во унија со -1, зашто ќе станеш 0.
Дека не треба да имаме никакви блиски односи со великобугарски ентитет би требало да биде јасно како што е јасно дека е прилично штетно ако човек седне на мангал со жар, или ако пие жива сода, или ако си стави капки солна киселина во носот, демек ако му е затнат, но нас упорно не ни е јасно, па бок. Ситуацијата е толку апсурдна, далеку од секое искуство и памет, што дури е неверојатно како вриснавме изненадени и увредени, кога Бугарите ни стегнаа вето. Што, како, зошто, што сè не кажавме и не напишавме во неверување и гнев, а да се праша човек како и можевме да очекуваме нешто друго од бугарската страна. Не е изненадувачки нивниот големобугарски фашизам и иредентизам, туку изнедадувачки е фактот што нас тоа нè затекна неподготвени. Што, па тоа не е европски, не било ич ферски, па нели сме најблиски соседи и најдобри пријатели… а европските вредности? Вистинското прашање е како е можно една цела нација да излезе толку глупава, за да се шокира што лепешкарот везден се занимавал со гомна, а волкот повеќе сакал месо отколку трева?!
Но, како и да е, тоа се веќе лански трици и кучини, снег истопен и протечен низ неповратниот тек на времето, секогаш надолу низ вардарскиот слив, кон Бјалото ни море, извориштето на сите вмровски копнежи. Таму, во неповратот, се и нашите алтернативи, нашите историски избори што пропуштивме да ги направиме. Денес можеме само да бладаме за тоа дека Европската Унија да беше она што на почетокот сакаше да биде, немаше да стане она што е денес, и Бугарија да не беше она што е, немаше да го живее својот великобугарски сон, а ние да не бевме што сме ќе бевме Швајцарија на Балканите, и конечно, светот да ги научеше лекциите од Втората светска војна немаше да западне во овој неоимперијалистички транс во кој се тресе деновиве.
Што велат старите: биде шо биде (се разбира, со акцент на е), а кога ќе го спознае човек неизбежниот тек на работите, треба само да делува по патеката на најмала штета, и да не замислува што ќе беше да не беше како што беше. Така што, колку и да е штетна нашата патека кон интеграцијата со изопачената Унија, секако е помалку штетна од која било друга. Зошто, ќе прашате. Па затоа што вемерето го носиме со себе, длабоко враснато во нас, како и секој канцер, а времето кога можеа да се бираат други патеки одамна измина: пред нас е само онаа во која се наоѓаме.
Карикатури: Saul Steinberg
Извор за текстот: Слободен печат