Лора Херши - поетеса и активистка со мускулна дистрофија

28.04.2023 15:15
Лора Херши

Лора Херши (11. 08. 1962 - 26.11.2010) беше поетеса, новинарка, консултантка, популарна ораторка, феминистка и активистка на движењето за правата на лицата со инвалидитет.

Родена е во Колорадо (САД). Користела инвалидска количка и како дете била заштитно лице на постер на „Здружението на дистрофичарите“ на Џери Луис. Додека растела протестирала против сликата која здружението ја проектирало за лицата со мускулна дистрофија - тоа биле слики на бедни луѓе чии животи не биле вредни за живеење.

Живеела во дваесетгодишна партнерска врска со Робин Стивенс, со која ја одгледувале нивната посвоена ќерка.

Лора Херши дипломирала историја во 1983-та година на Колеџот Колорадо. Откако дипломирала ја добила стипендијата Вотсон, која и́ овозможила да патува и да пишува а тоа ја поттикнало да му се придружи на глобалното движење кое се борело за правата на лицата со попреченост. Стекнала магистерска титула по креативно пишување на Универзитетот Антиох во Лос Анџелес.

Херши беше една од лидерките на протестите насочени против патерналистичките ставови и начинот на кој беа претставувани лицата со инвалидитет.
Нејзината духовитост и способност да структуира силни аргументи во служба на правдата предизвикуваа восхит.

Нејзините песни и есеи истражуваат различни теми вклучувајќи ги телото, природата, заедницата, активизмот и социјалната правда. Авторка е на книгата „Стратегии за преживување при заминување во странство: водич за луѓето со инвалидитет“ која нуди приказни и совети при меѓународни патувања. Повеќе од стотина нејзини статии и есеи се објавени во списанија, антологии, на сајтови, и електронски магазини, вклучувајќи ги Waccamaw Journal, U.S. News & World Report, Ms. MagazineNew Mobility, Mouth magazine, DisabilityWorld.org, Disaboom.com, и theNation.

Беше редовна колумнистка за „Фондацијата Кристофер и Дејна Рив“ добротворна организација од Њу Џерси посветена на пронаоѓање третмани и лекови за парализа, предизвикани од повредите на ‘рбетниот мозок и други невролошки пореметувања, како и подобрување на квалитетот на живот на луѓето кои живеат со инвалидитет. Лора Херши објавуваше текстови на својот веб-сајт Crip Commentary ( „Осакатени коментари“ ).

Во текот на својот живот таа двапати присуствуваше на конференциите на ОН за правата на жените: во Најроби ( Кенија ) и Пекинг ( Кина ). Во рамки на нејзиниот активизам учествуваше во кампањи за отстранување на дестимулативните мерки во областа на социјалната заштита, зголемување на видливоста на ЛГБТК+ лицата со инвалидитет, подобрување на домашната здравствена помош и унапредување на услугите на заедниците на луѓето со попреченост, како и промовирање на правата на лицата вработени на работни места за помош и домашна нега. Беше активна во многу одбори и организации, меѓу другите и организацијата ADAPT, Not Deаd Yet i Colorado Cross-Disability Coalition.

Колеџот Колорадо во 1993-та година и́ додели почесен докторат како признание на нејзините постигнувања.

Повеќе за Лора Херши, нејзината поезија и текстови, можете да прочитате на нејзинот вебсајт.

превод: Ана Чушкова

извор:https://portaloinvalidnosti.net/

ОкоБоли главаВицФото