„Токсични луѓе“ на Велко Неделковски и „Тајната за Розата Дафне“ на Благица Наумова (извадоци од романите)

02.05.2023 02:17
„Токсични луѓе“, Велко Неделковски и  „Тајната за Розата Дафне“, Благица Наумова (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од романите „Токсични луѓе“, на Велко Неделковски, и „Тајната за Розата Дафне“, на Благица Наумова. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

 

„Токсични луѓе“, Велко Неделковски, „Арс Либрис“

 

-Повелете, што ќе порачате?

Рутинска љубезност од преморен келнер, искажана во кафулето „Ороландо“. Двајцата млади седеа во аголот на правоаголната просторија. Кицош кој многу гестикулира и дама која, како и месечината, постојано го крие едниот дел од своето лице. Алек и Жанета. Прва нивна средба надвор од болничките ходници.

-Донеси пиво и кафе. И дај олабави, трипати ни пријде за неполна минута. Оди, служи ги малку и другите гости. Човек си или налепница?!

Келнерот реплицираше:

-Па, нашите маси не се клупи во паркот. Пиј нешто или ослободи го столчето. Не жали се на газдата, јас сум газда.

-И многу си фин – иронизираше Алек. – Затоа локалот ти е празен како перифериска улица на полноќ!

-Точка, пиво и кафе! – рече келнерот-газда.

Жанета го замоли својот придружник и тој да стави точка на малата препирка, која може да се изроди во кавга, а да ескалира во тепачка. По оној инцидент со Мамузникот и особено по неговата одмазда, таа трепери при секое човечко покачување на тонот. Некаков страв се вовлече длабоко во сето нејзино суштество. Што ќе помисли келнерот за неа, бидејќи воопшто не го погледна, маскирајќи половина лице со прамените коса. Ќе помисли дека дамата се крие, дека е мажена, но не за овде присутниот штедливко. Ѝ надојдоа солзи на очите, но не поради преѓашната мисла. На спротивниот ѕид има огледало, кое немилосрдно ја потсети дека е Мис Лузна. Таа рече:

-Грда сум, нели? Фантастично, одбивно, унакажано грда?!

-Ги преувеличуваш нештата, драга – ја смируваше Алек. – Добро, на едниот образ имаш траги од оној касап. Но, твојот благороден лик, севкупно, зрачи со привлечност.

-Ме покани да излеземе, а јас брзоплето и глупаво прифатив. Иако моето место веќе не е меѓу луѓето. Барем не на јавни места.

-Комплекс, не дозволувај да те обземе!- оптимистички ја прегрна Алек. – О, господинот Полжав стигна со пиво и кафе! Остави и бриши, пријателе!

-Плаќање веднаш – рече белиот мантил. – Мнозина такви ми избегале. А државните даночници се точни.

-Ова е ... ова е навредливо!- се вмеша Жанета.

-Сто и педесет денари. Во готово, во кеш – не се мрднуваше од место.

-Повели!- рече Алек, истури пиво во донесената чаша, а потоа чашата намерно ја истури врз чаршафот на масата. – Задржи го кусурот. Си одиме, Жани!

-Сиктер е турски збор, со наше значење!- луто ги испрати газдата - келнер.

-И затни се! – потемне Алек. – Кога сум лут, пцујам. Кога сум бесен, тепам!

-Без насилство, ве молам и двајцата – кревко замоли Жанета.

Излегоа во квечерината. Таа замоли да си оди дома, со автобусот број „57“. Алек нежно ја опфати околу половината и рече:

-Само ќе ја смениме локацијата. Знам дискретно диско со сентиш музика. И бармен мај френд.

Подоцна, во „Синдокан 2“, ја наговори и да танцуваат во полумракот, на кружното плато, додека диск – џокејот преку стивнатиот разглас емитуваше балада од поранешните ју-простори. Жанета меко се впи со заветрината на неговата заштитничка прегратка. Ѝ се допаѓаше тоа што неговите раце и прсти не го допираа алчно нејзиното тело. Таа залегна со главата врз неговото силно рамо, мал трик со кој ќе го затскрие десниот повреден образ. Алек в уво ѝ рецитираше поезија од Шарл Бодлер, со сексипилен глас на кој би можел да му позавиди и професионален актер. Ѝ става до знаење дека ја посакува, како личност за друштво и како возбудлива партнерка за љубовна игра. Но, не е настојчив, не брза, не навалува. Жанета шепна:

-Алек. „А“ е првата буква. Преостанува надежниот збор „лек“. Преземи нешто, излекувај ме.


„Тајната за Розата Дафне“, Благица Наумова, „Збор“


„Марина! Внимавај на неа.Доколку избега ќе биде лошо!“ – ѝ се закани Дино на младата жена што нѐ пречека во една селска малечка куќа. Беше облечена во прилично стари и износени алишта. На вратот ѝ висеше ѓердан со виолински клуч, што ја правеше прекрасна. Долгата кафеава коса слободно ѝ се спушташе на рамената и дополнително ја разубавуваше. Кога останавме сами, ја прашав: „Каде се наоѓам јас? Дали знаеш што сака овој човек од мене?“
Марина не ми одговори. Наместо тоа ми даде сребрен послужавник на кој имаше препечен тост и чај.

„Види!“ – реков. „Воопшто не ми е дојдено до храна. Те молам помогни ми да побегнам одовде!“

Таа повторно не одговори. Веројатно беше дека покорно ќе си ги изврши наредбите. Можеби и се плашеше... Кога го изедов тостот најпосле додаде: „Таму!“- и покажа со прстот кон една малечка соба. „Таму ќе спиеш.“

Повторно молк! Поладнокрвен човек немав сретнато во цели мои дваесет и шест години. Се разбира и Филицијан беше еден од таквите, но сепак беше поинаков. Кога велам „поинаков“ мислам на конкретната смисла на зборот. Елегантни и достоинствени движења, збунет поглед и неверојатна ретка насмевка... Вистина Егор пружаше палава детска насмевка која беше неодолива, но насмевката на Филицијан Григорович беше единствена. Беше реткост да ја наслика на своето лице, но кога го правеше тоа невозможно беше да не се забележи. Што се однесуваше пак до сините очи, верував дека во нив го гледав морето. Тие иако збунети, мистериозно знаеја да го запленат женскиот свет. Неговата незаинтересираност беше клучна да започнат тие женски очи да го набљудуваат. Обидувајќи се да откријат по некој недостаток, тие пополека лизнуваа од неговата површност, но не и од неговата душа. Нејзината интима срамежливо ја издаваше надвор, но затоа пак, на Дафне целосно ѝ ја откри.

Дафне... Ловоровиот венец на неговата глава. Тој не ја заборави неа, како можеше мене да ме сака? Неговото „те сакам“ како ѕвоно зуеше во моите уши. Гласно за да го слушнам, но не доволно убедливо за да поверувам. Што се однесуваше пак до мене, јас знаев дека бев вљубена.
Љубовта за мене порано беше само зрно семе кое се вселува во срцето. Ако имаше доволно дожд таа ќе пораснеше, доколку останеше суво, ќе исчезнеше. Во таков случај луѓето велеа дека љубовта е лажна! Лажна! Тоа беше мојот опис за љубовта. Сметав дека таа не останува долго и дека си оди. Не верував дека ќе пушти корења за навек во нечии срца. Љубовта кон Филицијан Григорович беше поинаква.

„Поинаква“, ете повторно зборував за конкретното значење на зборот. Но, доколку длабоко се внесев, ќе објаснев што значеше тоа. Да се биде вљубен во Филицијан Григорович беше неверојатно редок феномен за мене. Од првата средба веќе бев запленета од неговиот збунет и испитувачки поглед, од парните полумесечини и од неговите метафорични изливи. Да, јас се вљубив во него! Во човекот кој стравуваше од непријатноста на дождот и страдаше за саканата! Колку едноставни описи го величеа неговиот портрет што јас го насликав. Чудно беше да насликаш човек кој не го познаваш. Но, не знам. Во тој миг можеби толку се бев занела во неговиот поглед што секој ми наликуваше на него.За разлика од него Егор беше контраст на неговиот лик и појава. Насмеан како и секогаш, тој невоздржано ги излеваше своите емоции. Тој беше разумен човек, но имаше големо срце.Затоа и го сакав како пријател...

Мислите неуморно се редеа, стравот изгубен во нив сѐ уште почиваше. Убаво ја разгледав собата во која спиев. Малечко катче со еден кревет, шкафче со две фиоки и прозорец без завеси. Немав поим уште колку долго ќе бидам овде. Можеби денови, недели... За месеци не сакав да размислувам. Единствено што ми даваше надеж беше дека Егор и Филицијан ќе тргнат по мене. Не верував дека ќе ме остават овде. Сигурно ќе ме најдеа...

 

 

ОкоБоли главаВицФото