Мораме малку да се правиме луди

03.05.2023 01:12
Мораме малку да се правиме луди

Воспоставувањето номинални социјалистички режими во 20тиот век на периферијата на капитализмот и во послабо развиените земји на повеќе начини придонесе за денешното сфаќање на социјализмот. Ако не нужно за сфаќањето, тогаш барем за првите асоцијации. Меѓу тие асоцијации дефинитивно спаѓаат индустријализацијата и индустријата. Тоа и не зачудува премногу имајќи предвид дека главна цел на социјалистичките власти во бројни периферни земји беше индустријализацијата како своевиден синоним за модернизација. Меѓутоа, индустријализацијата се случуваше и во капиталистичките земји и во неа не постои ништо инхерентно социјалистичко.

Она што, пак, ја разликува социјалистичката модернизација од капиталистичката се политичкото ветување, координираниот и планиран процес и самиот факт дека таа модернизација ѝ конкурираше на капиталистичката. Ветувањето, координацијата и конкуренцијата со себе нужно повлекуваа и политичка симболика – од славење на работничката продуктивност до достигнување инфраструктурен комфор – која социјализмот првенствено ја поврза во индустриско-модернизациски исчекор. Затоа не зачудува што и во нашиот контекст таканаречената бумерска левица во голема мера го брани југословенскиот социјалистички проект со локален или семеен класен скок како учинок на индустријализацијата и модернизацијата. Без разлика во која фаза на артикулација сме, таквото политичко наследство во голема мера ги обликува современите предлози на левите економски политики.

Покрај социјалистичкото наследство, промовирањето на индустриските политики и реиндустријализацијата се заснова на тоа што овие сектори, за разлика од услужните, значајно придонесуваат за раст на продуктивноста и што индустриските политики овозможуваат пошироко обликување на општеството според политичките замисли. А клучен импулс за новите реиндустријализациски идеи и предлози претставуваат климатските промени и нужната декарбонизација на индустријата. За теоретската комплексност и политичките тензии кои ги следат овие идеи и предлози сведочат бурните реакции на текстот на американскиот социолог Дилан Рајли. Реакциите главно можеа да се следат на Твитер во форма на бројни твитови, коментари и теми кои ги пишуваа разни економисти, социолози и политички теоретичари. Иако дискусиите на социјалните мрежи сугерираат пониско ниво на сериозност и повисоко ниво на лично влијание, често со себе носат и бројни „вишоци“ кои редовно изостануваат во регулираните дискусии во книгите, списанијата или на порталите. Имено, во тие дискусии аргументациите главно се испеглани, строго контролирани и, парадоксално, помалку амбициозни. Дискусиите на Твитер знаат да бидат многу поинспиративни: повеќе се ризикува, се користи јазик кој не е филтриран од академски процедури и можеме да се „поистоветиме“ со развојот на идеите – поконкретно, од прва рака гледаме дека луѓето од чии книги учиме и покрај пообемните ресурси имаат слични когнитивни проблеми како нас.

Но, да му се вратиме на Рајли. Станува збор за краток и провокативен текст со поднаслов „Против 'индустриската политика'“. Значи, Рајли смета дека индустриските политики во современиот капитализам се промашени и дека левицата не би смеела да учествува во нив. Основната премиса од која тргнува е тоа што главните проблеми на современиот капитализам се прекумерните индустриски капацитети. На капиталистите не им се исплатува да вложуваат во нови индустриски погони заради заситеноста на пазарите, а државното мешање би водело во „политички капитализам“ со бројни непожелни последици. Едноставно, смета Рајли, структурната логика на капитализмот која доведе до прекумерни капацитети и слаби можности за профитабилно вложување ја прави излишна секоја индустриска политика. Она што им треба на луѓето и планетата, смета Рајли, е слабо профитабилно вложување во заштита, едукација и реставрација на околината за што капиталот не е способен зашто тоа е спротивно на неговата рационалност. Со други зборови, Рајли повикува на револуција.

Реакциите беа мошне бурни. Најжестоките прозивки главно одеа во насока на авантуриам, непознавање на глобалната економија и ноншалантно манипулирање со поимите. На пример, попомирливите укажуваа дека прекумерните капацитети не можат да му се припишат на капитализмот како таков, туку на одредени сектори или дека укажувањето на проблемите на реформизмот не води нужно до заклучок дека револуцијата би ги решила овие проблеми. За политичката изводливост и да не зборуваме. Бранителите на Рајли беа најостри напаѓачи меѓу кои доминираа левите економисти кои се занимаваат со финансии и главно обвинуваа дека либералните технократи со своите експертизи ги маскираат политичките амбиции. Всушност, се работи за парадокс со кој мора да живее левицата: за да стане општетсвено атрактивна и уверлива мора да понуди економска и индустриска политика која би требало да покаже дека знае подобро да управува со капитализмот од капиталистите и нивните политички шефови на салите, а барем начелно нејзиното дејствување да се заснова на идејата дека капитализмот како економски систем не функционира и не може да одговори на општествените потреби. Изгледа дека барем малку мораме да се правиме луди.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Silvia Grav

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото