Здружено спречија разрешување на апелациониот судија Енвер Беџети

03.05.2023 11:58

Нема што многу да се трошат зборови и да се жалиме за состојбата во правосудството. Видовме дека во Судскиот совет, највисокото судско тело кое избира и разрешува судии, заменик-претседателот самиот си измисли процедура за разрешување на претседателката. Ај што си измисли процедура што нема врска со законот, туку доби и уште шест гласа од колегите во Советот таа процедура и да ја спроведе. По овој настан, веќе нема ни потреба од длабокоумни анализи за состојбите во правосудството, дебати за реформи и ветувања на патот за ЕУ. Нема тука ни муабет кој се меша во судските одлуки – дали СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ. Сè е јасно: здружено спречија разрешување на апелациониот судија Енвер Беџети, кој доволно долго го држел во фиока високопрофилниот случај против поранешниот директор на тајната служба Сашо Мијалков, за да му овозможи застарување на делото. Станува збор за случајот на поранешното СЈО „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушување на илјадници граѓани. Тоа е случај од кој што произлегоа сите други случаи и од каде што тргна заробувањето на државата, но никој за тоа нема да одговара.

Горан Михајловски, СДК, 28.04.23.