Како ли само се прпелкаат зборовите пред да ги уловам

03.05.2023 12:28
Преобразби ( поезија )

 

ЗАГАТКА

Од којзнае каде, над градот збувна
румен пламен, распламтен како ореóл
и расечен како подбивна зајачка уста
крај иглолисна гора втоната в мрак,
безгласен како поткината жица,
густ и непрониклив како зеница,
надвисната над недовршена скица
што се задава како загатка, равенка
со непознат почеток и крај.
Но од каде и зошто е слетан тука
скакулецот на стракот трева
во скица што е недовршена и е загатка
на погрешно место и во ниедно време?!

 

РАЗГАТКА

Еден ден
на планината ќе ѝ речам: „O моја сенко“
а на водата: „О моја светлино“.
Планината од срам ќе се стутка во моите очи,
водата од радост ќе се гали низ моите прсти.
Еден убав ден
она што скришум спие во сенките
својата сенка ќе ја спушти во мене,
а она што ми се излева од дланките
ќе изгрее од мракот на зениците.
Но еден ден, во ден за паметење,
онаму каде што замира тишината
разгатката ќе се влее во приказните,
полни со извишени надежни нерамнини
што ни ги заплиснуваат погледите.

 

ПОГЛЕД

Гледајќи во небото, изрезбано од летот
на авионите, кои од едно на друго место
ја пренесуваат привременоста – сладоледи
во сите бои што ги мамат очите,
гледајќи кон огледалото, налик на сон
што луѓето натчовечки го подигаат,

кон тоа светло око свртено кон минатото,
кон почетокот на исход од ништото,
гледајќи од небото кон споделените
војни и преврати, вируси, чуми и глад,
кон минатото, сегашноста и иднината,
со поглед ги галам крилестите коњчиња,
едно што заносно пее, друго што свири,
трето што врти самовилски ора, кои за миг
нѐ носат во нестварен огледален свет,
а, надвор се излева буроносен дожд,
вчера пожолтен од пустинска земја,
денес црн од пламнати проектили.

 

ДОПИР

Точките во кои првпат ќе се допрат
ветрот и водата, окото и светлината,
пренесени на графиконот се слеваат
во крива линија, а потоа во крила,
чиј замав на екранот растреперува
нови јата крај кладенецот, студен
и буден во холограмската слика,
каде што расцветува совршен лотос
од чија убавина намовнуваат лицата
внесени во нестварниот пенлив свет,
вкоренет во бескрајните синхронии
преплетени во жив јазичен крвоток.

 

КЛУЧ

Вистинскиот збор секоја врата ја отвора.
Македонска народна поговорка
тоа е единствениот вистински клуч
за единствената вистинска врата
Вилијам С. Мервин, „На дланката“
Дојди со мене, моја песно,
да го најдеме вистинскиот збор,
зборот-клуч што ја отклучува
скриената невидлива врата.
Дојди со мене, моја песно,
зборовите се кријат во моето грло,
разиграни верверичиња на самрак
намамени од ѕвездените желади,
можеби некој од нив вратата
ќе ја најде, а штом ќе ја отклучи,
зад неа сите скриени врати
за нас ќе бидат секогаш отворени.

 

СОН ВО ЛЕТНА НОЌ

Секој сон е димна гора,
непроодна пустина,
распослана морска земја;
со лазурна тихост
го потпокрива сводот
тукутака над облака.
А ти, каде одиш ти,
бессона во сонот,
кога секој и сешто
таму менува лик
во сенишно време,
во сомнамбулна гора?!

 

ОДБЛИЗУ

Тогаш кога згаснува светлината,
на зенитот гаснат и боите,
водата ја губи проѕирноста,
предметите својата цврстина,
небото својата раскриленост,
а сѐ што е крај нас и во нас,
пред нас се преобразува
во сивкави сенки најаве
и во обоен свет во сонот.

 

ИСПОВЕД

Како ли само се прпелкаат зборовите
пред да ги уловам и да ги ставам
послужени во некоја песна.



Слики: Deedee Cheriel
Извор за песните: Весна Ацевска - Преобразби (Дијалог, 2022)

ОкоБоли главаВицФото