Песоа и Пеле

04.05.2023 01:42
Песоа и Пеле

Нека ми биде дозволено изговорот за настанувањето на овој текст да го оправдам со тоа што го кажал Фернандо Песоа: сѐ е достојно за труд, ако душата не е ситна. Tudo vale a pena se a alma não é pequena. Тоа е извадок од песната „Португалско море“. Во таа песна младиот поет Песоа му поставува прашање на морето дали е вредно за трудот да се поднесуваат сите маки за тоа да стане португалско. И песната ја завршува така што заклучува дека Бог на морето му дал бездна и закани, но направил во него да се огледува небото.

Откако ја објавив белешката по повод смртта на Пеле, ми се јавија неколкумина луѓе за да изразат несогласување со моето убедување дека Пеле е најголемиот играч во досегашното играње на фудбалот. Сите забелешки на тие луѓе се составени и изразени така што на нивната содржина, а и на изразот и на тонот, за мене би било најдобро да не одговарам. И не одговорив, на ниедна. Повеќето ми беа упатени мене лично, а некои беа и „јавни“, како коментари на текстот. Ни сега нема да им одговарам, само сакам да им ставам на знаење две-три нешта. Затоа нескромно се ориентирам според максимата на Песоа дека сѐ е достојно за труд.

Би можело да се покаже дека од Пеле, светот досега немал подобар играч. Тој со играта во Сантош и во бразилскиот државен тим ги освои наголемите трофеи. Единствено не беше првак на Европа. Би бил и тоа, да не беше светот поделен на континенти, а континентите се делови на светот со ограничена моќ на одлучување. Оние кои (неподносливо самоуверено, а богами и глупабо) тврдат (а заради нив најмногу и го составувам ова) дека Пеле денес не би можел да игра (дури ни во втора лига!) би можеле да се позанимаваат со неговите играчки особини. Ако би биле способни со нив подробно да се позанимаваат, би дознале тој тој бил побрз од најголемите денешни играчи. За тоа постојат документи. Постои и статистика, каква што нема ниеден друг играч на светот. Играл во две финалиња на светски првенства и ги добил и двете, едното до 5:2, другото со 4:1. Во првото Бразил ја победил Шведска, екипата на домаќинот на првенството, во другото Италија, најдефанзивно поткованата екипа на светот. Од тие девет гола, Пеле дал три, а наместил пет. Во тоа не му се приближил ниеден играч на овој свет. При освојувањето на двата интерконтинентали купови со Сантош, против Бенфика и против Милан, Пеле постигнал седум гола, а играл само три натпревари (два не играл, зашто бил повреден). Пет од седум од тие голови ги постигнал во Европа. Во тоа со него не може да се мери ниеден играч, ни минат, ни денешен.

Фернандо Песоа

За него највозвишено зборуваат оние кои играле против него. Еве само тројца. Тарчизио Бурњич, италијанскиот бек во мексиканското финале: „Пред натпреварот си зборував самиот на себе, па што, и Пеле е составен од месо и коски. За време на натпреварот сознав дека сум се измамил!“ Џани Ривера: „Кога фудбалот не би постоел, Пеле би го измислил!“ Џајиќ: „Ние бевме играчи, игравме за клубови и за репрезентации, но Пеле беше над нас, она што тој го играше, како да беше друг, повисок спорт!“

За голот што Пеле ѝ го даде на Италија во Мексико, италијанскиот поет Фернандо Алкители во својот фудбалски канцониер напиша песна во која сето тоа го гледа како „метафизичко недоразбирање“:

Човечност ти беше дадена
само според белата опрема,
според бројот десет,
според мајката кариока
според трите освоени мундијали
(златен банкнеж на пехарот Риме)
и со стаписаноста во воздухот
на Тарчисио Бурњич
за глава надвишен
пред очите на целиот свет.

Меѓу Италијанците има еден куп почитувачи и обожаватели на Пеле. Еден од нив пишува дека пред Пеле, Бразил бил екипа најсилна, но најпроколната; дури Пеле ги направил победничка екипа, дури тој ќе биде „вистинската разлика“ на Бразил.

Колку и да е сѐ достојно за труд, нема ваквата белешка да ја претворам во именик на големи уметници кои ја опевале и ја опишувале играта на Пеле. Но нема да прескокнам двајца Бразилци; новинарот и писател Нелсон Родригез и поетот Карлос Друмонд де Андраде. Првиот е автор на многу текстови за генијалноста на Пеле. Во еден од нив, од јануари 1959, тој вака пишува: „Погледни го Пеле, проучи ги малку неговите фотографии и слези од облаците. Тој е момче, навистина е момче. Не би му било дозволено да игра во филм со Брижит Бардо, би бил спречен, избркан. Но погледни го: генијален е. Повторувам; генијален. Пеле би можел да им се обрати на Микеланџело, на Хомер и на Данте, да ги поздрави сосема пријателски; „Како сте, колега?“ и навистина, онака како што е Микеланџело вајарски и сликарски Пеле, така е Пеле - Микеланџело на топката. Двајцата би можеле сите да нѐ исмеат, нас просечните луѓе, кои не сме никакви гении, дури ни во плукање во далечина. Каква луксуз за нас Бразилците, тоа што знаеме дека имаме еден генијален патрициј кој притоа е уште и момче!“

Карлос Друмонд де Андраде

А Карлос Друмонд де Андраде, авторот на незаборавниот стих é gol legal é gol natal é gol de mel e sol:

Никој не ме сопира, играм за илјадници
играм во Пеле, републикански крал засекогаш
народот го внесе спортистот во поезијата
на оваа магична игра.

Морам да ги спомнам и повеќекратните разговори кои ги имав со Мирослав Реде, човекот кој фудбал играше во големи клубови Паризан и Динамо, и кој се гледаше со Пеле. Реде, кој целиот живот е по фудбалски клубови и медиуми, сметаше дека Пеле е неоспорно и беспоговорно најголемиот играч на фудбалската игра. Еден негов колега, духовито и исправно, го нарече Реде пелеолог. Реде љубезно ми даде и фотографија за овој текст. Направена е 1992 година во Гетеборг, на 34 - годишницата на едно играње на Пеле во тој град, она против Франција во полуфиналето на светското првенство. На тој натпревар постигнал три гола. Иако опсипан со внимание и опкружен со шума од спомени, тој со голема радост го примил подарокот кој Реде, тогаш спортски директор на Инкер од Запрешиќ, му го врачил: мала керамичка плоча, подарок од тогашниот победник на купот на Хрватска.

Еден пријател овие денови ми кажа дека оние кои мене ми приговараат, можеби се луѓе сосема заслепени од национализам, па не поднесуваат што спомнувам дека Пеле за свое збогување од бразилската селесао ја избрал Југославија. Можеби. Ако не поднесуваат, нека не поднесуваат. Тие од мене можеле да дознаат, ако само сакале, дека Пеле беше една од главните причини на мојата долгогодишна желба да одам во Бразил. Не бев единствен чиј повик Бразил го започна со Пеле. Во Бразил отидов кога мојата желба беше прилично стара, кога тој веќе не играше. Не отидов во Бразил за да се одушевувам на неговите игри, не, туку, како да кажам, да допрам до барем нешто од неговиот дух над водите. Иако се мисли дека за Пеле сѐ може да се дознае живеејќи во Европа, многумина се уверија дека тоа многу посигурно и подобро може да се дознае во Бразил. Мене, така, ми беше големо откритие што дури во Бразил можев да видам снимки на многу негови натпревари. Дури на тие снимки дознав колку голем играч бил. Ние во Европа го знаевме тоа, но прилично магливо, зашто многу голем дел од тоа знаење го засновавме на претпоствки и на новински статии.

Додека играше за Бразил, Пеле играше само за бразилскиот клуб Сантош. Тој го прослави името на тој клуб, што се вика, насекаде околу кругот земјин. Сантош беше некој вид патувачки спектакл, играше многу натпревари. Надвор од Бразил, освен два, сите тие натпревари беа од оние што новинарите ги нарекуваат пријателски. Но противниците на Сантош беа напнати, сите сакаа да го победат тимот во кој игра Пеле, најдобриот играч на светот. Затоа тие натпревари, за кои Сантош за тоа време заработуваше многу пари, знаеја да бидат и тешки. Но тие наптреари имаа единствени нешта. На пример, натпреварот во Базел на 1. јуни 1961. Сантош го победува домаќинот со резултат 8:2, а одушевените гледачи (го има и тоа во Швајцарија) по натпреварот влегуваат на теренот, ги земаат Пеле и Кутињо (првиот му даде три гола на Базел, вториот пет) и ги носат кон соблекувалните. Во турканицата и со брзото менување на носачите на Пеле (сите сакаат да го поносат) се случува забуна, па земаат некој друг играч со темен тен. Тоа го забележува некој неносач и вика: „Не е Пеле!“ (Pas Pelé) Тогаш, според зборовите на Пеле, францускиот новинар Франсоа Тибо влегол во соблекувалната на Сантош (тогаш тоа било можно) и рекол: „Пеле, ова се граничи со лудило. Вакво нешто никогаш немам видено!“ Во својата автобиографија Пеле, сеќавајќи се на тој натпревар, вели: „И навистина беше лудило: овде можеше да се спознае што гледаат Европејците во бразилското играње фудбал“. Емили Дикинсон: нашите живот се Швајцарија.

За нас Европејците, во времето кога Пеле играше за Сантош и за Бразил, двата беа нешто како црни авионски кутии. Дури кога ќе дојдеа овде, или кога телевизијата ќе ги пренесуваше од светските првенства, можевме да видиме какви чудесии се наоѓаат во тие кутии.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото