Книжевен прашалник за Весна Ацевска

05.05.2023 01:13
Книжевен прашалник за Весна Ацевска

 - Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

- Како и кај сите други автор(к)и од мојата гутенберговска генерација, моите најрани сеќавања за книгите се поврзани со приказните од сликовниците, често печатени во формат помал и од џебен нотес, богато илустрирани и со куси текстови. Се сеќавам на витрината во која беше заклучена школската библиотека во големиот ходник, чијшто волшебен клуч го имаше една од наставничките, а јас бев во забавиште и немав членска карта. Секако, се сеќавам и на убавите руски народни приказни, на сликовниците со басни, на нашите народни приказни чудесно запишани од Марко Цепенков, кого го открив во петто или шесто одделение. Факт е дека нашата генерација не беше оддалечена од народниот јазик и од дијалектите како што се оддалечени сегашните генерации деца, на кои им е тешко да ги читаат книгите од нашето народно творештво. Инаку, учев да читам од сликовниците, но и од букварот и од читанките на моите двајца постари браќа, сакајќи да покажам дека можам сама, дека не мора долго да чекам некој да ми прочита приказна. Се сеќавам живо на народните приказни што ми ги раскажуваа моите родители и роднини, но и на радиоприказните во исклучителна интерпретација на Борис Мајсторов во емисијата „Сто и една приказна“, емитувана пред вечерниот дневник со вести и информации на Радио Скопје. За нас раскажувањето беше можност за непосреден контакт со народната меморија, а книгите беа можност да се влезе во возбудливи и неистражени светови.

- Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

- Не би можела да издвојам една, растењето е долг талкачки процес, исполнет со разновидни интереси, искушенија и предизвици. Во раното детство тоа беа приказните, на кои им се раздолжив со приредувањето на две посебни изданија, „50 приказни од земјата Македонија“ и „101 јунак од земјата Македонија“, всушност, со претставување на најубавите приказни создадени од Македонци, Албанци, Роми, Турци и Власи, етносите со кои ја делиме љубовта спрема нашата татковина. Подоцна ме заинтересираа митовите, не само од нашето поднебје. Сите тие содржат траги од шаманската магија, од скриената поврзаност на луѓето со земјата, водата, со елементите, со флората и фауната, накусо, со природата. Таа моја приврзаност спрема митовите трае до денес, веројатно на неа се должи мојот превод на „Калевала“ и на песните за боговите од „Стара еда“, на петте митолошки пеења од „Шахнаме“ од персискиот поет Фирдуси (или Фирдóуси, како што се изговарало). Од книгите што ги сакав кога бев на училишна возраст би ги издвоила „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол, „Доживувањата на Јан Бибијан“ од Елин Пелин, „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери. Подоцна се свртев кон литературата од сите периоди, до факултетот ги прочитав најзначајните дела од античката, класичната и современата литература во превод на македонски, на српски или хрватски јазик, некои и на руски јазик, затоа што во Југославија се преведуваше многу, во книжарниците ги носеа новите преводи, а ни беа достапни и книги на руски и на други светски јазици. Ги читав и нашите и југословенските современи автор(к)и, како и разни теориски книги за литературата.

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

- Со оглед на тоа што поезијата е мојот примарен интерес, најчесто им се навраќам на автор(к)ите од модерната и постмодерната современа литература од почетокот на дваесеттиот век до денес, пишувана во Европа и на американските континенти, значи и на нашите и балканските поети / поетеси. На таа широка многујазична таписерија се простираат ултрамагични поетски светови, чие влијание во формирањето на мојот, и не само мојот, поетски сензибилитет е несомнено. Секогаш имам контакт со нашата народна лирика, особено со лирските песни запишани од талентираниот Константин Миладинов, од каде што може да се учи во поглед на смелите стилските и фигуративни решенија, достојни и за пост/модерната поезија.

- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

- Иако станува збор за грандиозно дело, романот „Животот на Гаргантуа и Пантагруел“ од Франсоа Рабле го имам читано на прескоци, никогаш последователно од почеток до крај, не заради неговата опресивност во сатирата, грубоста на сарказмите и потсмевот, туку заради накитеноста која е намерно прекумерна. За разлика од стилскиот пристап што го практикува Рабле, многу поблизок ми е стилот на Мигел де Сервантес во незаборавниот роман „Дон Кихот“, на кој му се навраќам со задоволство.

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

- Дури и од лошите книги се учи. Со оглед на тоа што сум на возраст кога времето е најскапоцениот ресурс за мене, не ги читам бестселерите и делата од популарната литература, кои не се лоши, но секогаш се просечни. Жалам што издавачите, со притисокот да преобјавуваат нови изданија пред сѐ на современи романи, врши видливо влијание врз добри и етаблирани автори, кои со тоа ги разводенуваат своите дела. Можеби популарноста и тиражите им растат, но како автор(к)и не добиваат ништо доколку не се стремат секое ново дело да остава силен впечаток дека не само што е задржан високиот стандард на естетските вредности што ги оствариле во претходните дела туку дека е и поместена летвичката барем за палец.

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

- Светот во којшто живееме е несовршен, но светот на книжевните дела е нецелосен, тој е составен од фрагментирани слики и релации, така што дури и во еден идеален свет во некое книжевно дело не би сакала да живеам. Би сакала да живеам во почетокот на следниот век за да видам колку и како ќе се усогласат вештачката интелигенција и луѓето, што ќе стане со уметноста и литературата, кој ќе ги создава и што ќе се случи на јазиците.

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

- При патување, во чекалници, навечер пред спиење на кратки престои ако не сум дома.

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

- Секогаш писател/ки на кои убедливо им се важни само високите естетски вредности во нивните книги, макар сосем спротивни на моите.

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

- Повеќе сум им приврзана на песни одошто на книги. Можам да набројам стотици песни од странски и наши автори на кои им се навраќам, кои инспирираат и ме оставаат без здив и од кои црпам антејска сила, но никогаш не сум сакала самата да ги напишам, зашто секој сензибилитет е различен и посебен, индивидуализиран.

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

- „Војна и мир“ од Лав Николаевич Толстој, кој и самиот за него вели дека е пред сѐ историска хроника. Макар и многу верна хроника, и тоа пишувана од руска гледна точка на аристократијата во едно разломно време, обидот на авторот да сугерира општоприфатлив (патријархален) излез за општеството е претенциозен и неостварлив, зашто сите „излези“ се всушност само изразена желба. За жал, историјата покажува дека секое време располага со доволно хаотични и непредвидливи сили, фактори и настани, кои никогаш не носат слобода и правда за сите, а уште помалку среќен крај. Делото ја нема потребната длабочина, која недостига заради неговата непрегледна широчина.

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

- Ми требаа три години за да ја „откријам“ убавината во поетското творештво на Георг Тракл. Обратно, некои од „Девинските елегии“ на Рајнер Марија Рилке, на пример, сега ми изгледаат разводенето на сметкана неговите сонети.

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

- Секогаш ми било интересно каков однос би изградиле Ана Ахматова и Марина Цветаева, толку спротивставени во разбирањето на литературата и животот, доколку живееле во некое друго време во кое нивните две куси средби не би биле оптоварени со дискретна придружба од двајца агенти, чија задача била да ги следат. Цветаева пишува дека интензивно го чувствувала споредувањето на двете поетеси од страна на другите автори и публиката, но и дека таа лично никогаш не пишувала за да ја победи Ахматова, туку за да ја слушне и да биде прифатена од неа. Воздржаната Ахматова, пак, со страв пишува дека ако Марина останела жива наместо Ана, тогаш споменот на тие две средби би бил запис во форма на „романтична легенда“, со оглед на силно изразената склоност за митотворење на Марина. Се прашувам, каква би била средбата помеѓу Силвија Плат и Луиз Глик, две американски поетеси од различно време и со различен пристап кон поезијата, првата здробена а втората со лузни од општеството. И дали и во што, ако би се сретнале сите тие денес, би можеле да меѓусебно да се разберат.

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

- Секогаш со молив и со куси записи на маргините.

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

- На пуст остров би носела со себе прирачник за опстанок во дива природа, а во затвор книга за одгледување цвеќе и билки во сандачиња.

- Што читате деновиве?

- Тукушто ја препрочитав поезијата на Ацо Шопов, пред тоа стихозбирката „Политики на стравот“ од Славица Гаџова Свидерска, книгата раскази „Пеш по воздушна линија“ од Даниела Андоновска-Трајковска и поемата „Алгоритмеа. Евлогија на дигиталните богови“ од Аполон СМ-65.еxe (прво дело на вештачката интелигенција од 2072 година, всушност мистификација од Стефан Марковски, со која ѝ го возвраќа ударот на вештачката интелигенција која им ја презема креативната сфера на луѓето), а на масата ми се „Пет кратки книги“ од Митко Маџунков, здружени во иста корица. Од претстојниот саем на книгата ќе имам дома неколку најнови изданија на наши автор(к)и, така што мај и јуни ми се резервирани за нашата современа книжевност.


Слики: Deedee Cheriel

 

 

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото