Необичната смрт на либералната индивидуа

08.05.2023 01:36
Необичната смрт на либералната индивидуа

Татко ми беше отелотворување на либерален поединец. Иронијата е во тоа што беше и доживотен марксист. За да живее мораше да им го продава својот труд на шефовите на челичарницата во Елефсина. Но секоја пауза за ручек ја поминуваше лутајќи во отворениот двор на Археолошкиот музеј, уживајќи во новооткриените древни стели кои покажуваа дека античките технологии биле многу понапредни отколку што се мислело.

Од работа се враќаше околу 17 часот и по кратката попладневна сиеста беше подготвен да се вклучи во нашиот семеен живот или да им се посвети на белешките од академските статии и книгите што ги читаше. Накратко, неговиот живот во фабриката беше јасно одвоен од приватниот живот.

Тоа беше време кога левичарите како нас беа подготвени да признаат дека капитализмот, ако ништо друго, барем ни го обезбедуваше личниот суверенитет, додуша во рамки на јасно поставени граници. Колку и да беше напорно да се работи за шефовите, човек мораше да одвои дел од сопствениот живот само за себеси и во него да остане автономен, да донесува сопствени одлуки, да биде слободен. Знаевме дека единствено богатите навистина имаат слобода на избор, додека сиромашните се слободни само да го губат. Знаевме и дека најлош вид ропство е она во кое робовите ќе научат да ги сакаат своите ланци. Но знаевме да го цениме ограниченото право на поседување на сопствениот живот.

На денешните млади луѓе им е оневозможена и таа мала утеха. Од моментот кога ќе проодат имплицитно ги подучуваме дека треба да се гледаат себеси како бренд, и тоа бренд кој ќе се оценува врз основа на перципираната автентичност. (Што ги опфаќа и потенцијалните работодавачи: „Никој нема да ми понуди работа“, ми рече еднаш еден дипломец, „додека не го пронајдам своето автентично јас“.) Во современото онлајн општество маркетингот на сопствениот идентитет едноставно не може да се заобиколи. Јавното покажување на приватниот живот е една од најважните задачи на денешните млади луѓе.

Пред објавување слика или видео снимка, пред оценување филм, споделување фотографија или твит, тие мораат да се запрашаат кого ќе привлечат или одбијат со направениот избор. Мораат да откријат кој од нивните потенцијални „автентични идентитети“ е најпривлечен, постојано тестирајќи ги границите на сопственото мислење во однос на она за што веруваат дека би можело да биде просечно мислење на креаторите на јавното онлајн мислење. Бидејќи денес е можно секое искуство да се забележи или сподели, постојано се опседнати со прашањето дали треба да го направат и тоа. Доколку нема можност за споделување на искуството тогаш таквата можност ја замислуваат. Секој наш избор, со или без сведоци, е уште еден чекор во процесот на внимателна изградба на идентитетот.

Не мораме да бидеме левичари за да забележиме дека правото на дел од денот кога не сме на продажба практично исчезна. Иронијата е во тоа што за крахот на либералната индивидуа не се заслужни фашистичките црнокошуљаши или сталинистичките комесари. Падот се случи кога новиот облик на капитал ги повика младите да одговорат на најлибералната заповед: да бидат свои. Од сите модификации на човечкото однесување кое капиталот во облак успеа да ги спроведе и монетаризира, веројатно ова е најимпресивно, крунско достигнување.

Посесивниот индивидуализам никогаш не беше добар за здравјето на општеството. Техно-феудалното општество, кое го создаде капиталот во облак го прави уште попогубно зашто е срушена оградата која ѝ пружаше заштита на либералната личност, можност да се повлече од пазарот на трудот. Капиталот во облак ја распарчи индивидуата во мноштво фрагментирани податоци, ја претвори во идентитет составен од изборите изразени преку кликовите со кои манипулираат алгоритми на начини кои не можеме да ги сфатиме. Така добивме индивидуи кои не се толку посесивни колку што се запоседнати; или би требало да кажеме индивидуи кои немаат капацитет за самопоседување. Способноста на фокусирањето е намалена со кооптирањето на вниманието.

Не ја изгубивме силата на волјата. Не, нашето внимание го киднапираше новата владејачка класа. А бидејќи е познато дека алгоритмите на капиталот во облак ги зацврстуваат патријархатот, најлошите стереотипи и веќе постоечките репресивни односи, најмногу страдаат оние што се најранливи – жените, ментално болните, маргинализираните и сиромашните.

Ако од примерите на фашизмот извлековме некаква корисна поука тогаш тоа е разбирањето на човечката подложност на демонизирачки стереотипи, како и опасната привлечност (и моќ) на емоциите како што се стравот, зависта и презирот кои ги предизвикуваат таквите стереотипи во нас. Во актуелната општествена реалност облакот нè поставува очи во очи со страшниот и презрен „друг“. Бидејќи во онлајн насилството навидум нема крв и болка, поподготвени сме на „поинаквото“ да одговориме со предизвикувачки, потсмевачки јазик и бес. Техно-феудализмот ја понуди биготеријата како емоционална компензација за анксиозноста и фрустрациите кои произлегуваат од тешкотиите во фокусирањето и изградбата на идентитетот.

Модераторите на содржините и прописите за говорот на омраза во случајов не помагаат, зашто опишаниот механизам е иманентен за капиталот во облак и алгоритмите оптимизирани да ги зголемуваат рентиерските приливи на големите технолошки компании користејќи ги токму омразата и незадоволството. Законодавците не можат да ги регулираат алгоритмите кои ги усоврши вештачката интелигенција која не ја разбираат ни нејзините творци. За слободата да има шанса за опстанок, капиталот во облак мора да се социјализира.

Татко ми веруваше дека пронаоѓањето безвременска убавина на која ќе се фокусираме, како што правеше тој во дворот на музејот во Елефсина, е единствената одбрана од демоните кои кружат околу човековата душа. И самиот со години се обидував да го правам тоа на свој начин. Но во доба на техно феудализам изолираните индивидуални напори нема да бидат од голема помош. Решение не е да се отфрли интернетот, да се исклучат телефоните и да се плаќа со готовина наместо со картичка. Ако не се здружиме никогаш нема да успееме да го цивилизираме и социјализираме капиталот во облак – и најпосле да ги ослободиме умовите на луѓето од неговиот стисок.

Токму тука нè чека голема контрадикција: основната либерална идеја за слободата како самопоседување единствено може да се сочува со темелна реконфигурација на сопственичките права над средствата за производство, дистрибуција, соработка и комуникација кои се преселени во облак. Оживувањето на либералната индивидуа го бара токму она што го презираат либералите: нова револуција.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Seth Globepainter (Julien Malland)

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото