За „Живата уметност“, „Уметностите на попреченост“ и Лоис Кејдан

09.05.2023 14:05
За „Живата уметност“, „Уметноста на попреченоста“ и Лоис Кејдан

 

Лоис Кејдан (Lois Keidan) е соосновачка и бивша раководителка (од 1999 до 2021 г.) на Агенцијата за развој на живата уметност (Live Art Development Agency) во Лондон. Се занимава со истражување, архивирање, со модели на професионален развој, поттикнување проекти и иницијативи за развој на практиките и дискурсите за живата уметност во Лондон и на меѓународно ниво.

Агенцијата за развој на живата уметност ги развива live art практиките и лондонските, британските и меѓународните дискурси за нивна поддршка, препознавајќи ја живата уметност како „културна стратегија за вклучување на експерименталните процеси и искуствените практики кои инаку би биле исклучени од постојните кустоски, културни и критички рамки. (...) Со вознемирување на границите, кршење на правилата, спротиставување на традицијата, поставување неугодни прашања и ангажирање на публиката, живата уметност ги руши правилата кои дефинираат кој ја создава уметноста, на кој начин и за кого.“

„Во Велика Британија постојат културни и правни императиви кои стојат зад прашањето на попреченоста – императиви кои ги стимулираат луѓето со попреченост да креираат и консумираат уметност, а кои се првенствено резултат на активностите на Движењето на уметниците со попреченост (Disability Arts Movement) и на Законот против дискриминација врз основа на попреченост (Disability Discrimination Act), кои имале значајно влијание врз уметничките пракси и публиката во Велика Британија.

До крајот на 20. век преовладуваше патерналистички однос кон лицата со попреченост, зџаснован на медицинскиот модел, според кој попреченоста е дефинирана како физичка или ментална состојба, а лицата со попреченост се сметаа за доживотни пациенти. Во текот на 70-тите години на минатиот век, благодарение на активностите на независното Движење за правата на лицата со попреченост, беше развиен социјален модел на попреченост кој прави разлика меѓу недостатокот како физичка или ментална состојба, и попреченоста како резултат на препреките за општествена партиципација, физичките и оние кои произлегуваат од доминантните ставови во општеството.

Во тој контекст, Движењето на уметници со попреченост, чии почетоци се исто така во активизмот, го создаде терминот ‘уметности на попреченост’ (disability arts) за да го опише дејствувањето на уметниците кои во своите дела ги проблематизираат своите искуства како лица со посебни потреби. Движењето на уметниците со попреченост ја дефинира уметноста (или уметностите) на попреченост како креативно изразување на лицата со посебни потреби за тоа што значи да се живее со попреченост.

Многу подоцна, во 1995 г., е донесен Законот против дискриминација врз основа на попреченост (DDA), со цел да се спречи дискриминацијата со која се соочуваат голем број лица со попреченост, да се осигурат правата поврзани со вработување, образование, пристап до производи, институции и услуги, купување или изнајмување земјиште или недвижнини. Законот бара од јавните тела да промовираат еднакви услови за лицата со попреченост и го смета за незаконско одбивањето да се обезбеди услуга или обезбедувањето услуга под лоши услови за лицето со попреченост.“

Извор: Симпозиум на фестивалот „Екстравагантни тела“ (Загреб, 2007)

Превод: Љупка Евроска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото