Нешто е гнило во државата Србија

10.05.2023 10:16
Нешто е гнило во државата Србија

 

Во право е премиерката на Србија Ана Брнабиќ кога реагирајќи на двата последователни масовни убиства, вели дека не може да се каже дека системот потфрлил.

Не потфрлил системот. И тоа како е жив и опасно долго функционира преку разни власти, кои како да ја осудиле земјата никогаш да не го дочека крајот на транзицијата. Денес сите сме затекнати од најморбидни манифестации, но изненадување би било да ги нема во општеството што, несвесно и неодговорно, турка кон крајности.

Србија се претвори во експрес-лонец со систематски избегнувања на демократските реформи, со промоцијата на извитоперен патриотизам и шовинизам, партиократија, втерување страв, ендемска корупција, потчинето судство, толеранција на организиран криминал, насилство, запоставување на образовниот систем, таблоидното славење на реалити-насилство и на лажни антихерои, супремација на патики „најки“ над книга на Лав Толстој. Над сѐ, на неморал што се нуди како морал.



Никој не може да му побегне на тој погубен феномен на општи неурози. Само некој е повеќе и некој е помалку отпорен. Едни успеваат подобро да се снајдат, бегајќи во енклавите на семејството или пријателите, градејќи околу себе заштитен ѕид од општеството во кое живеат. Самоизолацијата како обид за поединечен спас, но не и спас на општеството. Никој не може да биде среќен, задоволен, па ни здрав во нездраво општество.

Други неспремно стојат на чистина додека негативната енергија ги удира кога чекаат на работа, во сообраќајот, на закажување на скенирање или операција на колк, при упис на дете во градинка… Се зголемува општата нервоза, која ќе ги пронајде своите егзекутори.

Системскиот виновник е ликот Н.Н.. Параван за постојано бегство од одговорност. Виновен е Западот, кој би ги уништил Србите, виновен е Истокот, кој продава автократија, виновни се косовските Албанци, кои грабаат света земја и другите соседи што ни завидуваат на нашите успеси.

Виновни се власта и крадците што ја држат раката во џебот на народот. Виновен е оној со дијагноза. Виновна е опозицијата. Виновни се оние што пласираат лажни вести или оние што настојуваат да шират вистини. Виновен е судијата што се плаши од сопствената сенка или подмитениот полицаец, професорот што ме мрази, лекарот што очекува коверт, виновен е оној со џип или соседот што е постојано намрштен.



Секогаш е виновен некој друг. Само јас не сум виновен. Себелажењето потоа се мултиплицира и станува општ образец. Болен е континуитетот на одбивање одговорност. Ништо во општествата не се случува случајно. За сѐ постојат закономерности. Општествените науки јасно ќе утврдат дека одредено однесување неизбежно води кон одредени социјални појави. Колку подолго траат тензиите, толку се поразорни последиците.

Полнењето на општеството со негативна енергија трае со децении. И не е Србија осамена во тоа, но е ретка што не го поставува суштинското прашање: што ќе ни се такви децении? Како толку зло се разлеало низ целото општество, ставајќи ги под својата чизма сите негови сегменти? Како е создадена таа Србија што престанала да го уважува знаењето, па не ги почитува наставниците во училиштата, која од секојдневното однесување ги исфрлила зборовите „извини“ или „Добар ден, соседу“?

На такво општество му е потребна колективна терапија. Масовните убиства треба да послужат како прекинувач за општа катарза. Би требало, но дали слични, уште потрагични ситуации, беа нивниот повод?



Ништо во Србија не е завршено со војните и бомбардирањето. Се прави сѐ јавноста да не ја добие полната вистина. Во Босна и Херцеговина на 5 мај беше Ден на жалост за жртвите во училиштето „Владислав Рибникар“. Тоа во исто време беше и Ден на сеќавањето на децата убиени при опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година. Дали некој нѐ потсетува на 1.601 убиено дете?

Ги прозиваме Албанците неспремни и кога слушаме дека власта во Белград 800.000 од нив испратила во бегалска колона, обидувајќи се да ги исели во Албанија, палејќи ги нивните документи за да не се вратат никогаш. Дали во Белград би смеело да се палат свеќи за убиените албански деца како што сега се палеа низ Приштина? Ќе се сети ли некој, макар и со дополнителна памет, на лекциите од „ресоцијализираниот“ криминалец Кристијан Голубовиќ – идолот на убиецот од Младеновац – како на учениците им зборува за професорите „дегенерици“?

Количеството скриени вистини и лаги порано или подоцна води до пукање. Разликите се само во интензитетот: врескање пред шалтер, во бес разбиен трепкач на автомобилот што влетал на местото за паркинг, шлаканица за сопругата. Така скалесто сѐ до масовно убиство.



Одбиваме да преземеме одговорност. Ја разбирам потребата секој што е на власт да се претстави како супериорен, ослободен од вина, но не може претседателот говорејќи за случајот од Младеновац да ги спомнува платите и пензиите. Не е решението во засилување на репресијата, во зголемување на бројот на училишни полицајци, туку во создавање услови по училиштата да нема полицајци.

Функционери говорат за „терористички акт“. За напад врз државата, кој подразбира да застанеме покрај власта и да не поставуваме непријатни прашања за Сараево, Косово или за Кристијан, за сѐ она што, како со далечински управувач, водеше кон Врачар и Младеновац.

Болни се овие констатации, но нема аболиција на општеството и на оние што го воделе, го водат или би го воделе, за негативната енергија, која е насекаде околу нас. Бесот и агресијата се категории што не се мерат само со шаржери во сопственост на извитоперени злосторнички умови, туку почесто со зборови.



Слики: Henning Wagenbreth

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото