„Столб што пее“ на Томислав Османли и „Солзите на Анастасија“ на Даница Пеовска

11.05.2023 13:24
„Столб што пее“ на Томислав Османли и „Солзите на Анастасија“ на Даница Пеовска

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од романите „Столб што пее“ на Томислав Османли, и „Солзите на Анастасија“ на Даница Пеовска. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

 

„Столб што пее“, Томислав Османли, „ВиГ Зеница“

 

 - Колку долго ги познававте моите родители, сер Вилијам?

- О, долго... од пред четириесет години“ – замислено рече Ремзи. – Поточно од 1883 година. Тогаш вашите драги родители, господинот и госпоѓата Пурсер живееја во Ајдин, а јас истражував во ближниот антички Тралејс. Со вашиот татко често пешачевме до урнатините на Тралејс. Како што знаете, античкиот е залепен до современиот град, но за разлика од Ајдин, Тралејс или Кариска Селевкија бил значително поголем и поважен град во текот речиси на целата антика...И бездруго, во она време и значително посреќно место од денес!

- Уште малку чај? - внимателно го прекина Де Јонг знаејќи ја, речиси во детали, новата судбина на Ајдин. Само што беа известени од еден турски пријател дека повеќе неколку нивни познаници Грци, Ерменци и Турци, пред сѐ Бејза, нивната незаборавна семејна пријателка и учителката по турски јазик уште од времето на неговиот тест... биле меѓу жртвите на насилијата и репресалиите. Но, тоа не го соопшти.

Ремзи одмавна со раката и продолжи да раскажува:

-Работевме макотрпно, на оние ужасни анадолски горештини. Ги знаете и сами, а вие драга Дора, оние ајдинските сте ги искусиле уште како дете... Во ред, имаше тука урнатини од голем град, некропола, типични наоди, знаете, вообичаени нешта во нашата професија. Но, некакво помаркантно откритие немав среќа да забележам при таа моја навистина беспоштедна работа. Тие денови го запознав вашиот татко кој тука и самиот макотрпно работеше на инсталирањето на железничката пруга одовде, од Измир, до Ајдин, и, отворен и гостољубив каков што беше, љубезно ме покани, еве како и вие денес, на чај во неговата градина. Беше тоа прекрасен двор на куќа од турски стил, со убава бавча и со голем чардак што лебдеше над нашите глави, кој мајка ви го имаше облагородено со разнобојни цвеќиња некои од кои ширеа занесни, незаборавни мириси. Да беше малку поголема, куќата која тие години ја користеа вашите мајка и татко ќе можеше да се нарече мал сарај, иако мислам дека во тивкиот сјај на нивната заемна љубов таа им беше повеќе од дворец...

Дора топло го погледна благородниот гостин.

-... Но, тој нивен простор – продолжи Ремзи и значајно ги погледна своите домаќини – се покажа уште поголем, дури би рекол широко, дури дијахрониски значаен. И, како што ќе ви дораскажам, не само за мене!

Очите на госпоѓата Де Јонг не се помрднуваа од зениците на нејзиниот гостин.

-Додека, така, пријатно опуштени разговаравме во нивната градина – продолжи Ремзи – погледот ми падна на една стилеја, мало мермерно столпче едно од оние што меѓу урнатините на ближниот Тралејс ги имаше доста, и коешто, според тоа, не би ми го привлекло вниманието доколку попладневните сенки не ми открија гравирана порака по целата должина на столбецот. Станав и фрлив поглед на натписот.Татко ви ме прашуваше дали сега би сакал и чашка локално вино – “A sip of local sharаp?“, се пошегува тој со турскиот збор за вино – но јас веќе не бев со нив! Она што го читав беше вчудовидувачко. Во тој миг бев вратен деветнаесет векови во времето, а тука, наблизу, токму во тој крај, можеби токму на просторот на кој сега се наоѓаше оваа куќа и ние среде нејзиниот симпатичен отомански двор...

Тука Сер Ремзи ги погледна Де Јонгови со својот светнат поглед.
Тие молчеа и го исчекуваа заклучокот од приказната на професорот со благородничка титула и со такво, аристократско држење.

-Она што тогаш го открив, драги пријатели, беше најстарата, комплетно сочувана античка песна, со текст и мелографија, и згора на тоа, со името на авторот и со неговата посвета. Исклучителен, сосем оригинален, комплетен артефакт...

 

„Солзите на Анастасија“, Даница Пеовска, „Мите Богоевски“

 

И мене ме јади гревот што ти го направив, ама бев полакомен за пари па така не мислев што правам. А сега ме изеде совеста и не можам ни сам да си простам а камоли ти или било кој и да е. Не знаев дека мојот братучед бил љубовник на мајка ти.

Еден ден ме зеде и ме однесе в кафана. Ме најаде ме напи и кога на крајот ми рече дека од мене бара една услуга, а за тоа јас ќе добијам петсто марки. Убава ми се виде сумата а и не толку тешка работата. А што тоа го прашав. Ништо направи некако ти да дојдеш до Анастасија и да ја гушнеш да ја бакнеш а јас да ве сликам, па сликите да му ги покажеме на Боро да види како, жената го изневерува со другарот. Така и направив, тогаш ми се гледаше едноставно, а сега кога видов што направив и колку страдања и таги и патења уништување на животи не можам да си простам Анастасија.

Прави што сакаш, ама нема да страдам колку ти зошто јас сум еден и една глава ќе пати, а тебе ти ја запустив фамилијата. Ех та твоја мајка до каде отишла од злобата, а јас како марионетка без мозок го направив злото. И сега какво и да биде твоето осудување за мене веќе не е важно, решен сум да платам за грешката. Не за грешката Кољо туку за лошата душа што си ја имал. Ни ме знаеше ни познаваше, а си отишол до крајности. Господ да ти плати и тој си знае дали ќе те осуди или прости негова работа е, а јас тебе те колнам и клетва ти давам твоите страдања да бидат поголеми од нашите. Зошто на невини луѓе си му го уништил животот, а за трошка пари си ја продал душата на ѓаволот си станал ортак со сатаната. За жалење си уште еднаш да не те видам со моиве очи!

Станав и со трчање влегов во клозетите за да се исплачам, а никој да не ме види. Толку тешко ми беше не можам да кажам. Како може еден толку голем другар со кого го делел залакот да му направи раздор на целото негово семејство. На невини дечиња да страдаат да му го уништи сонот за свој дом. На другар му кој ми давал пари го помагал да му нанесе толкава болка и со задоволство да гледа како пати, тоа не е ни за проштевање ни за осудување туку е веднаш да го поништиш туку нека му е на душата гревот сторен.

А и таа каква мајка била со толку злоба во неа тоа не знам. Ми го уништи детството, младоста животот на внуците и што ли уште не. Од таа имаш зијан името да и го спомнеш, а не да кажиш дека ти била мајка.

Кога се изнаплакав и изназборував, се измив убаво се погодив и излегов кај другите вработени. Тие малку чудно ме погледнаа но не прокоментираа ништо. Тажно ми помина денот и следниот ми беше таков тажен, безволен никаков.

Така дојде и неделата кога во кафаната имаше и пеачка и музика. Работевме што работевме и кога на крајот веќе скоро гостите беа појдени зедов една чаша ја наполнив со вино се чукнав со некои од вработените и ја испив до дно.

Тогаш наполнив уште една и пеев со музиката на цел глас колку грло ми држи. Пеев, плачев играв пиев и што ти не. Мислев дека така ќе го истерам сето горчило од душата. Дека ќе ја заборавам сета болка по децата, за Борка за животот мој. Мислев дека така ќе ја фрлам тежината, страдањето дека ќе ми биде полесно на душичката. Но не тоа е дел од моментот кој мислиш дека страдаш цел живот а овој убав миг ќе заборавиш сѐ. Но не било така.

Така пијана почнав да плачам колку што можев на цел глас и од срце. Патев страдав јадна јас но тоа си го знаев само јас како ми беше.

Таа вечер Благица ме однесе дома пијана. Ме легнала, ме покрила и ме оставила да спијам. Кога се разбудив ми имаше сварено кафе кое ме чекаше на масичката арно, ама и таа ме чекаше. Откако го испив кафето долго време ми зборуваше, ме учеше едноставно ме молеше да не си го пустам животот. Ништо не велев само молчев, а знаев дека сум и виновна.

Од тој ден јас се почесто сакав да се дружам со чашата. Работев колку што можев и не можев но на крајот секогаш бев пијана. Ми зборуваше Благица многу, ми кажуваше и примери но јас си одев по својот замислен пат кој што ме прави среќна. Така од чашата од шишето не се откажував. Помина година дека јас си терам по своето никако нешто да прифатам од Благица.

ОкоБоли главаВицФото