Пост-хумана пустина

12.05.2023 01:27
Пост-хумана пустина

Отвореното писмо на Институтот за иднината на животот во кое се бара шестмесечна пауза во развојот на вештачката интелигенција го потпишаа илјадници влијателни личности вклучувајќи го Илон Маск. Потписниците ги загрижува тоа што лабораториите за вештачка интелигенција „влегоа во неконтролирана трка“ за развој на сè помоќни системи кои никој, вклучувајќи ги нивните креатори, не може да ги разбере, предвиди или контролира.

Како да се објасни овој напад на паника на еден дел од елитите? Очигледно, во основата на апелот се контролата и регулацијата, но чија? Кој ќе застане на страната на човештвото додека трае оваа полугодишна пауза и додека човештвото би требало да ги согледа ризиците? Бидејќи лабораториите за вештачка интелигенција во Кина, Индија и Русија ќе продолжат да работат (можеби во тајност) глобална јавна дебата на оваа тема не е можна.

Сепак, треба да се испита за што станува збор. Во својата книга Хомо Деус (2015), историчарот Јувал Ноа Харари предвиде дека најверојатен исход од развојот на вештачката интелигенција ќе биде радикална поделба во рамки на човечкото општество, подлабока од класната. Наскоро биотехнологијата и компјутерските алгоритми ќе ги здружат своите сили во производство на „тела, мозоци и умови“, што ќе резултира со сè поголем јаз „помеѓу оние кои знаат како да конструираат тела и мозоци и оние што не го знаат тоа“. Во таков свет, „оние што го фатиле возот на прогресот ќе имаат божествена способност за создавање и уништување, додека заостанатите ги очекува изумирање“.

Паниката која избива од писмото на Институтот за иднината на животот произлегува од стравот дека не се безбедни дури и оние кои се во „возот на прогресот“. Нашите дигитални феудалци се исплашија. Но тие не сакаат јавна дебата, туку договор на владите и технолошките корпорации со цел вистинската моќ да остане во нивни раце.

Огромната експанзија на капацитетите на вештачката интелигенција претставува сериозна закана за елитите на власта, вклучувајќи ги оние кои ја развиваат, поседуваат и контролираат вештачката интелигенција. Тоа укажува на крај на капитализмот каков што го познаваме, во смисла на можност за создавање систем на вештачка интелигенција кој се саморепродуцира и кому ќе му биде потребен сè помал човечки придонес (алгоритамската трговија на берзата е само првиот чекор во тој правец). Ни останува изборот помеѓу некој нов облик на комунизам и неконтролиран хаос.

Новите четботови на многу осамени (или не толку осамени) луѓе ќе им овозможат бескрајни вечери со пријателски разговор за филмови, книги, готвење или политика. Повторно да ја употребам својата метафора, она што ќе го добијат луѓето е кафе без кофеин и сок без овошје: дружељубив сосед без мрачни тајни, Друг прилагоден на нивните потреби. Тоа е самата суштина на фетишистичкото одрекување: „Знам дека тоа не е вистинска личност, но за мене е добра зашто е безопасна“.

Во секој случај, ова отворено писмо е уште еден пример за невозможна забрана. Станува збор за стар парадокс: бидејќи за нас луѓето нема место во пост-хуманата иднина, ајде да го забраниме нејзиниот развој. За да се одредиме според овие технологии треба да го поставиме старото прашање на Ленин: слобода за кого, за што? Во која смисла порано не бевме слободни? Зарем порано не бевме контролирани повеќе отколку што бевме свесни за тоа? Наместо да се жалиме за загрозувањето на слободата и достоинството во иднината, можеби прво би требало да размислиме што значи слободата сега. Додека не го направиме тоа ќе се однесуваме како хистеричари кои, според францускиот психоаналитичар Жак Лакан, очајнички бараат господар, но само таков над код доминираат.

Футуристот Реј Курцвејл предвидува дека, благодарение на експоненцијалната природа на технолошкиот прогрес, наскоро ќе си имаме работа со духовни машини кои не само што ќе ги покажат сите знаци на самосвест, туку и многу ќе ја надминат човечката интелигенција. Но овој пост-хуман став не треба да се меша со парадигматично модерната преокупација за остварување целосна технолошка доминација над природата. Наместо тоа, сведоци сме на дијалектички пресврт на овој процес.

Денешните пост-хумани науки веќе не се занимаваат со доминацијата. Нивното кредо е изненадување: какви сè непланирани својства можат да развијат овие црни кутии? Никој не знае и во тоа е привлечноста или баналноста на целиот потфат.

Така францускиот филозоф и инженер Жан-Пјер Дипи во новата роботика, генетиката, нанотехнологијата, вештачкиот живот и вештачката интелигенција забележа чудна инверзија на традиционалната антропоцентрична ароганција која ја овозможува технологијата:

„Како да објасниме дека науката стана толку ризична активност што денес многумина ја сметаат за главна закана за опстанокот на човештвото? Некои филозофи сметаат дека сонот на Декарт за човекот како господар на природата е погрешен и дека итно треба да се преиспитаат основите на нашата потреба за разбирање на светот околу нас. Тие не го гледаат главното, дека технологијата која ни се укажува како исход на сите дисциплини како цел го има томку свртувањето од природата. Инженерот на утрешницата нема да биде некој лаком чирак на некој волшебник кому нештата му избегале од контрола заради мрзеливост или незнаење, туку затоа што токму така сакал да биде.“

Човештвото создава сопствен бог или ѓавол. Иако исходот не може да се предвиди, едно е сигурно: ако нешто што личи на постхуманост се појави како колективен факт, нашиот поглед на светот ќе ги изгуби сите три дефинирачки теми: човечноста, природата и божественото. Човечкиот идентитет може да постои само наспроти недопирливата природа, но ако животот стане предмет на технолошка манипулација ќе го изгуби својот природен карактер. Потполно контролираната егзистенција е лишена од смисла, да не ги споменувам случајноста и чудото.

Секако, истото важи и за секое чувство на божественото. Човечкото искуство со бога има смисла само од аспект на човечката конечност и смртност. Кога еднаш ќе станеме хомо деус и ќе создадеме својства кои од старата човечка перспектива изгледаат натприродно, ќе исчезнат и боговите какви што сме ги знаеле. Прашањето е што ќе остане, ако веќе остане нешто. Дали ќе ја обожуваме вештачката интелигенција што сме ја создале?

Имаме добри причини за загриженост дека техно-гностичките визии на пост-хуманиот свет се впрочем идеолошки фантазии кои го замаглуваат понорот што нè чека. Непотребно е да се нагласува дека ни се потребни многу повеќе од шест месеци за да спречиме луѓето во блиска иднина да станат неважни, а нивните животи лишени од секаква смисла.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: James Lipnickas

Извор: https://www.project-syndicate.org/
 

ОкоБоли главаВицФото