Назад во морското ништожество

12.05.2023 11:29
Назад во морското ништожество


Го препрочитувам веројатно најдоброто големо книжевно дело напишано на планетата Земја во 21 век, феноменалниот автобиографски роман на Ѓорѓе Лебовиќ „SEMPER IDEM“, и во финалето налетувам на метафора толку силна и толку болно вистинита, што застанав во читањето, буквално засркнат и со замаглен поглед, преплавен од асоцијации и сеќавања. Пред самиот крај на романот (прекинат од смртта на писателот и покус за последните три поглавја), Лебовиќ размислува за животот и смртта на својот татко, кој како сомборски Евреј бил мобилизиран од унгарските окупациски власти среде Втората светска војна и испратен на Источниот фронт, каде што загинал од заталкана руска граната во некоја безимена шума во Украина. И пишува Лебовиќ како бесмислата на војната и немилосрдниот заборав на луѓето ги обесмислуваат и сите вредности што ги одгледувале загинатите: „Ништо не можеше да ја сврти патеката на руската граната, испукана на слепо, набавтана: ниту неговата постојаност, ниту обѕирноста, ниту скромноста, ниту добродушноста. Неговата бесмислена смрт го обесмисли и целиот негов живот.“

Мислата Лебовиќ ја завршува со песочната метафора што ме врати децении наназад, нурнувајќи ми го умот во сеќавањето на Титовите денови и дела: „Неговиот труд ме потсеќа на напор што го вложуваат децата кога градат кули од песок на морскиот брег. Сè што беше создал, сè што беше изградил, го преплави плимата на заборавот, а осеката на минливоста го повлече назад во морското ништожество“.

 

Помина уште еден 4 мај

Помина уште еден четврти мај, заглушен од звучните бранови на заборавот, кога некои од нас со ментална мана на паметењето, ќе си припомниме да протарашкаме по малгивите мемориски останки од делото на Јосип Броз Тито, и ќе го препознаеме неговиот лик во темните води на минливоста, всушност во осеката на македонскиот плиток ум, во ништожеството на националната глупост. И овој четврти мај го заглушивме со општи места и тривијалности во слава на Гоце Делчев, контроверзниот бугарско-македонски револуционер кој наводно израснал со бугарско но загинал со македонско самочувство, илјада пати повторени зборови за светот, полето, нивата и бавчата за натпревар, сите пригодно сервирани врз темната позадинска штама, тишина и молк за нашиот воен водач и ослободител, државотворец и старател, за маршалот Тито.

Оваа оркестрирана тишина на заборавот е веќе триесет и кусур години conditio sine qua non на македонската независна држава, при што на нацијата ѝ промолкна сознанието дека толкавата успешност во заборавањето е можна само со масивно културно, идентитетско и когнитивно самоуништување, народски речено – со оглупавување на целото општество.

Совпаѓањето на роденденот на Гоце и смртовденот на Тито, и на умерено ментално ограничен и умноуспорен човек би му било спонтан предизвик за споредба, зашто монструозната обратна пропорција на заслугите за македонската држава и култура и на интензитетот на славењето, односно гласниот молк, не може а да не му ги распрсне сетилата и на просечен македонски дебил. Но, ништо не може да го разбранува мртвиот мир на блажената душа: ниту фактот дека односот помеѓу Титовата и Гоцевата вкупна заслуга за македонскиот државен и културен проект е некаде околу 16 000 000 : 1, ниту фактот дека животот и делото на Гоце воопшто не влијаеле врз исходот на македонската народноослободителна војна под водство на Маршалот Тито, а ниту, пак, суровата вистина дека без Маршалот на чело на колоната македонски светци со петокраки на титовките, од грамадната македонска историска неверојатност немаше да има ниту трага. Без Тито ќе бевме она во што го претворивме сеќавањето на него: ќе бевме ништожествено ништо.

Она што ме ужаснува во секоја ваква прилика кога некоја моќна метафора ќе ми го разбуди умот, и со јасен увид во апсурдот во кој живееме ќе ме расони од јавето на заборавот, е толку јасното совпаѓање на големобугарските фашистички тези за Тито и остварената комунистичка утопија во Југославија, со вмроизираната македонска политика на заборавот, што веќе три децении ги брише од колективното сеќавање и Титовите дела, и неговите заслуги за Македоња и значењето на неговото дело за 20-вековната историја на планетата. Големобугарските фашисти не пропуштаат можност да не го потсетат светот дека најголемиот историски душман на нивните иредентистички санстефански соништа е токму Маршалот Тито, на што ние – предводени од нашите вмровци – одговараме со гувеење и тивко бришење на сè што беше комунистичко, модерно, титовско и добро во земјава. Практично, големобугарските фашисти, домашните вмровци и македонската државна политика на заборавот, како да се камерно дувачко трио што дува во истата тиква!

Кажано е многу пати, и шета веќе вирално и по мрежите, но не можам да му устојам на искушението да не го повторам четивото, имено, да не ја напишам реакцијата на светот на смртта на Тито, на 4 мај 1980. Елем, тој ден знамињата на Бакингемската палата, Капитол Хил, Кремљ, Елисејските полиња, Хофбург и секаде по светот беа спуштени на пола копје, ви се верува? По прв и последен пат во историјата на ОН, беше одржана седница со само една точка на дневниот ред – обележување на смртта на Тито. Во повеќе од 80 земји во светот беа прогласени повеќедневни денови на жалоста, од кои не мал број прогласија дури седумдневна, четири и тридневна жалост. На погребот во Белград присуствуваа 209 делегации од 128 земји од вкупно 154 земји во светот, 31 претседател на република, 4 крала, 6 принца, 22 претседатели на влади, 47 министри за надворешни работи и 11 претседатели на националните парламенти. Американскиот претседател на погребот ја испрати мајка си и потпретседателот на САД Мондејл, но политичкиот притисок дека направил груба грешка, го натера да дојде месец дена подоцна и да се поклони на Титовиот гроб. Велат дека и во Ватикан и во многу катедрали ѕвонеле ѕвоната и се служеле миси задушници за најславниот комунистички водач на најмоќното движење на отпорот против Хитлер и европскиот фашизам, на единствениот политички водач што во миговите на нивната најголема моќ им се спротиставил и на Хитлер и на Сталин.

 

Ги динамитиравме спомениците на паднатите Титови партизани

За несомерливите заслуги за Македонците, но и за сите други јужнословенски народи, ние сите здружно – водени од повампирените фашистички колаборационисти што Тито ги победи во Втората светска војна, разните вмровци, четници, усташи, балисти и други што излазија по неговата смрт од под камен – ги динамитиравме спомениците на паднатите Титови партизани, уште ги крадеме и претопуваме нивните бронзени бисти во капаци за шахти, го избришавме неговото име од плоштадите и улиците, ги сменивме учебниците и ги предадовме социјалистичките вредности „назад во морското ништожество“. (Каков апсурд: самите завршивме безмалку сè што современите бугарски фашисти, вратарите на Европа, насилно и со уцена го бараат од нас!?)

А, тие вредности на остварената југословенска утопија – слободата, еднаквоста, братството и единството, солидарноста, правдољубивоста, достоинството и самопочитта, нема да ги најдеме ниту на нашиот вековен пат кон Европа, уште помалку кога ќе стасаме таму. Тие остварени и заслужени вредности што ги надвисуваа „европските вредности“ за цела планина, наместо да ги чуваме во паметењето како бесценето благо, оставивме да ги преплави плимата на нашиот заборав, и да ѝ ги препушти на осеката на минливоста да ги врати во темните пространства на неповратното минато.

Зошто ламентирам по истопените снегови, ќе прашате? За џабе, од жалост и од мака: од тегобното сознание дека кога одите на долго патешествие, нека е и во европскиот рај, единствените вредности што ќе ги имате кога ќе ја достасате целта, ќе бидат само оние со кои тргнавте. Всушност, само оние што ги немате.



Слики: Ben Kehoe
Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Книжевност / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став / Историја
Општество / Свет / Историја
Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото